Камениот ген

04.02.2014 11:53
Камениот ген

„Собрав неколку белешки за човекот, но претпоставувам дека никогаш нема да ги употребам“, во февруари 1867 година, осум години по објавувањето на Потеклото на видовите, славниот Чарлс Дарвин (1809-1882) му пишувал на Алфред Волас, англиски природонаучник кој паралелно со него пионерски придонел за развој на еволутивните идеи, нудејќи му ги своите референци за неговото тогашно истражување. „Сигурен сум само дека тешко може да се знае дали овие мои белешки за човекот имаат некаква вредност. Сега се наоѓаат во состојба на хаос. Има уште многу што би сакал да напишам, но немам сила“, пишувал Дарвин, иако само четири години подоцна ќе собере доволно сила да го искористи овој материјал, и за еволуцијата на човекот да напише не само едно поглавје, како што посакувал на почетокот, туку цела книга насловена како Потеклото на народите.

Со ова дело (исклучително значајно), наспроти сугестиите на Волас, Дарвин ја воведува идејата за сексуална селекција како карактеристичен механизам заради кој се создаваат различни видови луѓе. И пред да помине ерата на Дарвин, а и цел век потоа, ширум светот, а особено во источна Африка и Европа, ќе биде собрано изобилство палеонтолошки наоди, разни фосили и хоминиди, кои ќе ја потврдат идејата на Дарвин и ќе ја осветлат сликата за развојот на човечките предци, од примитивните австралопитекуси, преку еректусите, до поновите видови од родот хомо, како што се неандерталците, хајделбершките луѓе (Homo heidelbergensis) и сапиенсите. Меѓутоа, ако се продлабочите во деталите и врз основа на пронајдените фосили да се обидете навистина да сфатите како се разгранувало стеблото на најинтелигентните примати во последните милион години, ќе забележите дека сликата на тој развој на моменти станува многу остра, а потоа се губи, се прелева и одеднаш исчезнува, и дека и денес, век и половина подоцна, е во состојба на хаос како што биле и белешките на Дарвин.

Наспроти тоа, еволуцијата на човекот е несомнена. И кога се набљудува грубата слика за развојот на приматите без многу детали, патот кон човекот е очигледен. Пред 2,5 милиони години, наивните африкански примати кои веќе неколку милиони години оделе низ саваните (и трчале кога тоа го наметнувале условите), познати како Australopithecus afarensis, во серијата мутации и под дејство на селекцијата и генетскиот дрифт, се трансформирале во нов вид каков што не постоел на планетата – станува збор за видот Homo, во чии рамки ќе се појават сè посложени и посложени видови, за пред неколку стотици илјади години најпосле да еволуираат во луѓе. Генерално, палеонтологијата дава јасна слика што се случува и како се развива Хомо сапиенсот. Познатите фосилни наоди од локалитетот Афар во Етиопија, стари 195 000 години, според мислењето на повеќето експерти, претставуваат најстари остатоци од современите анатомски луѓе.

Древните гени: Се покажува дека оваа општа слика за развојот на човечките предци станува прилично матна кога ќе се тргне само малку наназад или нанапред. Воопшто, занимавањето со тој вид древна форензика, прецизното следење на чекорите во развојот и реконструирањето кој од кој вид се создал, од видот Хомо, не е нималку едноставно. Во последниве години, во овој потфат на палеонтолозите и антрополозите, на располагање им е еден исклучително моќен инструмент – читањето и дешифрирањето на гените. Човечкиот ген, благодарение на таканаречениот молекуларен „часовник“, веќе открива на кој начин се разликуваат повеќе таканаречени хаплогрупи кои во огромни временски периоди се преместувале од еден во друг дел од светот.

Благодарение на тоа знаеме дека речиси сите модерни луѓе потекнуваат од релативно мали групи ловци кои ја напуштиле источна Африка, за потоа да завладеат со светот. Овие генетски истражувања, без разлика дали се засновани на следење на староста на Y хромозомите (машка) или митохондријалната ДНК (женска линија), до неодамна недвосмислено покажуваа дека луѓето од овие региони се раселиле ширум планетата, како и дека најблискиот современ предок на денешните луѓе живеел од пред околу 60 000 до 140 000 години. Меѓутоа, минатогодишните откритија покажуваат дека сложувалката за човечкото потекло е малку посложена. Неодамнешното откривање на хромозомот Y, кој е стар 338 000 години, покажа дека генетскиот Адам е значително постар од оној во кого до неодамна веруваа повеќето генетичари. Но, оваа новонастаната генетска забуна, сепак не ја расипува основната слика – староста на Хомо сапиенсот кој лутал по етиопските висорамнини веројатно е поголема, но извесно е дека неговото доаѓање во Европа се случило пред околу 60 000 – 80 000 години. По тој период, палеонтолошките наоди за Хомо сапиенсот несомнено доминираат во однос на попримитивните видови како што се неандерталците и хајделбершките луѓе.

Од друга страна, можно е да се погледне во генетското минато не само на човечкиот вид туку и на видовите на предците – од фосилите најдени на стотици наоѓалишта може да се издвои ДНК и секој откриен древен вид луѓе да се анализира според генот, и да се согледа точно кој потекнал од кого. Но, бидејќи со текот на времето се распаѓаат, многу е тешко да се пронајдат зачувани ДНК спирали, па до неодамна се мислеше дека оваа техника не може да види ништо што е постаро од 60 000 години (а токму тоа е она најинтересното, тоа што му претходи на човекот). Ситуацијата значително се измени изминатиот декември, откако истражувачите за еволутивна антропологија од Институтот „Макс Планк“ во Лајпциг, Германија, успеаја да ги прочитаат гените од фосилните остатоци стари цели 400 000 години.

Јама со коски: Наодите, објавени во списанието Nature, како веројатно најзначајно откритие во 2013 година, сè уште не донеле конечно разјаснување на дилемите за потеклото на човекот. Напротив – изгледа дека ситуацијата е уште покомплицирана отколку што можеше да се насети од морфолошките споредувања. За почеток, излезе дека два вида кои живеат просторно и временски многу далеку се генетски многу поблиски, од, на пример, човекот и неандерталецот, кои споделувале ист простор, сè додека последниве не исчезнале, или биле принудени од луѓето да исчезнат. Всушност, како изгледало тоа? Кои видови примитивни луѓе од родот Хомо ги познаваме и како се заемно поврзани? Каде се создавале и како се развивале?

Планината Атапуерка, во провинцијата Бургос во денешна Шпанија е карстна област. Таму каменот и водата во заемно дејство создале голем број заливи, јами и пештери. Заради тоа, трагајќи по добри засолништа во негостољубивиот свет преполн со предатори, првите европски примероци од родот Хомо се создаваат во оваа област уште пред 1,2 милиони години. Тоа се таканаречените Homo heidelbergensis, луѓе кои во просек се високи 1,7 метри, тешки околу 65 килограмии, со глава (и мозок) значително поголема од онаа што ќе ја има модерниот човек.

Во длабоките безбедни карстни јами на Атапуерка овој напреден вид се задржува со генерациии преку илјадници и илјадници години. Во пештерската темнина, хајделбершките луѓе се разбираат со препознатлив крик, а надвор од неа ловат и користат камено оружје. Некои единки умеат да го обработат својот алат и дури и да го разубават со окер пигмент. Живеат кратко и умираат на нога. Во една од пештерите, длабоко под земјата, во јамата која луѓето многу подоцна ќе ја наречат Јама со коски (Sima de los Huesos), каде хајделбершките луѓе ги закопуваат своите мртви. Поминуваат низ длабок, тесен тунел и во сува, камена одаја ги положуваат остатоците од припадниците на нивното племе. Со некои од труповите оставаат и камени секири со окер боја. Тоа се случува без посебен обред, но претставува едно од првите погребувања. Хајделбершките луѓе излегуваат од пештерската јама и се искачуваат назад низ тунелот.

Третиот вид: Цели 400 000 години подоцна, по истиот пат ќе поминат антрополозите. Откако се истражени други бројни подземни локации на Атапуерка, од 1997 година археолозите ја испитуваат и Јамата со коски. Таму се пронајдени 28 зачувани скелети од видот Homo heidelbergensis, што денес претставува најголемо наоѓалиште на овој вид во светот. И токму еден од овие фосили, одлично зачуван во длабоката пештера, ќе им послужи на истражувачите од Институтот „Макс Планк“ за еволутивна антропологија во Лајпциг, Германија да го погледнат вистинското потекло на овој вид. Во истражувањето кое го предводел шпанскиот научник Сванте Пабо, издвоен е дел од ДНК од коски од потколеница (femur), кој, иако стар 400 000 години, бил доволно сочуван за анализа. Анализата на митохондријалната ДНК, значи женската линија, покажала дека Homo heidelbergensis не му е претерано близок ниту на човекот, а ниту на видот кој владеел со Европа пред него – неандерталецот, туку на еден трет, сосема оддалечен вид – таканаречените денисови луѓе.

Наоѓалиштето Денисов е оддалечено илјадници километри од пештерите во Шпанија, на Алтајските планини во Сибир, денешна Русија, што е место во целосна дивина, оддалечено е цели 150 километри од најблискиот град Барнаул. Но, и оваа подземна структура, сместена на платото над реката Ануј, десна притока на реката Об, е исто така карстна пештера. Во неа се пронајдени околу триесетина фосили од примати, за кои се сметало дека се поврзани или со неандерталецот или со првите луѓе. Меѓутоа, генетското истражување од 2010 година покажа дека станува збор за трет вид. Во таа прилика е анализиран дел од ДНК, стара 41 000 години од ова наоѓалиште, кој е специфично издвоен од парче прст, па некои научници зборуваат за него како за „ДНК без фосил“. Ќе излезе дека сличноста на базните парови од оваа ДНК е голема со неандерталците, но дека постои сличност и со луѓето, и дека може да се зборува за посебен вид.

И сега, само три години подоцна, се покажува дека овие далечни „сибирски“ хоминиди се во сродство со Homo heidelbergensis, древните предци на луѓето и неандерталците. Можно е неандерталците и денисовите луѓе да потекнуваат од постар заеднички предок, Homo antecessor, од кого се одвоиле пред 700 000 – 400 000 години, како и дека од истиот предок се одвоиле и хајделбершките луѓе. Заради тоа, воопшто не е исклучено дека овие три видови се вкрстувале заемно.

Долината Неандер: Кога станува збор за неандерталците, нивните фосили се откриени уште 1856 година во долината Ненадер, денешна Германија, според која го добиле називот. Интересно е дека во тој период долината на германски се нарекувала Neanderthal, според локалниот свештеник Неандер, а дека thal ја означувало долината, но кога реформата на германскиот јазик ја исфрлила буквата h од зборот thal, неандерталците го задржале истиот назив Homo neanderthalis. Според раширеното сфаќање, неандерталците се појавиле во човечката еволуција како посебен вид пред околу 500 000 години и ги населувале областите во Европа и Јужна Азија.

Неандерталците почнале да живеат со луѓето откако овие се доселиле од Африка во Европа. До неодамна исклучиво се сметаше дека неандерталците биле значително помалку развиена раса од Homo sapiens. Научниците сметаа дека алатките кои се пронајдени на неандерталските локалитети, всушност потекнуваат од луѓето и дека од нив научиле да се служат со технологијата, да обработуваат предмети и да ловат со оружје. Врз основа на распоредот на наоѓалиштата на научниците им е познато дека веќе пред околу 42 000 години неандерталците и луѓето, во поголемиот дел од северна и централна Европа живееле паралелно, но дека на југот опстојувале повеќе заедници неандерталци кои немале никаков контакт со човекот, затоа што во тој период, тој не живеел во близина. Инаку, овие јужни неандерталци се нарекуваат улузијанци.

Но, генетските истражувања на неандерталските фосили покажуваат дека ДНК на луѓето и неандерталците се совпаѓа помеѓу 99,5 и 99,9 проценти, а една минатогодишна генетска студија покажа дека нема сомнеж во заемното вкрстување на овие видови. Заради тоа денес практично сите луѓе во себе содржат и неандерталски гени. Секако, неандерталецот е најблискиот роднина што го имал човекот за време на еволуцијата. Но, анализата на ДНК од коските од шпанската пештера покажува дека ова семејство, очигледно е побројно. Иако оваа сложена врска на човечките предци им задава нови главоболки на палеонтолозите, нема сомнеж дека ваквите наоди би го израдувале и Дарвин. Затоа што, гледано од страна, шаренилото на видовите е најголема придобивка на еволуцијата.

Извор: http://www.vreme.com

ОкоБоли главаВицФото