Фејсбук наполни 10 години

04.02.2014 14:26
Фејсбук наполни 10 години

Социјалната мрежа Фејсбук е основана пред 10 години, на 4 февруари 2004 година, а за овој период собра фантастичен број од 1,23 милијарди корисници, што е еднакво на бројот на жители на втората најнаселена земја во светот - Индија.

Покрај Википедија и Скајп, Фејсбук е еден од најдобрите примери за тоа како интернетот овозможува „дисруптивни иновации“, односно иновации кои воведуваат значајни промени во системот.

Фејсбук е креација на еден единствен талентиран визионер, Марк Закерберг. Меѓутоа, тоа не е првата социјална мрежа, па затоа е интересно да се истражи зошто токму Фејсбук исплива како доминантен играч на тој пазар.

Кога пред 10 години се појави Фејсбук, многумина го споредуваа со МајСпејс, но она што го издвојуваше од другите слични сајтови, освен техничката виртуозност на неговиот основач беше и неговиот почетен ексклузивитет.

Имено, за да станете негов член, моравте да бидете студент на еден од најелитните американски универзитети - Харвард. Нешто подоцна тоа се прошири и на другите универзитети во САД, а на крајот - во целиот свет. Но, таа почетна ексклузивност многу придонесе за привлечноста на мрежата во очите на новите корисници, кои сакаа да се придружат на тој „ексклузивен клуб“.

Откако се отвори за корисниците од целиот свет, за Фејсбук почна да важи законот на Меткалф, според кој поголемиот број корисници на социјалната мрежа ја прави попривлена за луѓето кои размислуваат да ѝ се придружат.

Откако почна незапирливо да расте, Фејсбук стана предмет на грозничави шпекулации во финансиска и медиумска смисла. Пред да излезе на берза, главно се шпекулираше за вредноста на акциите на компанијата, а потоа шпекулациите се вртеа околу тоа дали Фејсбук ќе продолжи да расте.

Медиумските шпекулации цело време беа првенствено фокусирани на мистериозните суштества познати како „тинејџери“. Откако беше усвоена тезата дека на растот на Фејсбук најмногу влијаат младите луѓе, за кои е познато дека се каприциозни и често ги менуваат интересите, вредноста на акциите на Фејсбук расте или паѓа во зависност од тоа дали тинејџерите покажуваат дека мрежата помалку или повеќе им здодеала.

Најновата теза говори за тоа дека тинејџерите ги одбива фактот дека нивните родители, па дури и баби и дедовци, сѐ почесто отвораат профили на Фејсбук.

Меѓутоа, најважното прашање не е дали тинејџерите ќе ѝ го свртат грбот на оваа социјална мрежа, туку дали тоа што сѐ почесто возрасните стануваат негови корисници ќе резултира со остварување на визијата на Закерберг за поседување „социјален графикон на светот“, односно мрежа на онлајн социјални конекции на човештвото. Доколку тоа се оствари, нашето општество ќе се најде на потполно непозната територија.

Причината за тоа е што моделот на работење на Фејсбук е еднаков на моделот на американската Национална безбедносна агенција (NSA). И едните и другите го користат надзорот на приватните и јавните активности на поединците на интернет за да извлечат заклучоци за нивното однесување.

Во NSA тврдат дека тоа им овозможува да ги воочат и спречат терористичките и другите незаконски активности, додека Фејсбук тврди, иако имплицитно, дека интензивното надгледување на она што го прават неговите корисници ѝ овозможува на социјалната мрежа истовремено да ги прилагоди своите услуги на потребите на корисниците и да дојде до прецизни информации кои се потребни за неговите огласувачи.

Разликата помеѓу NSA и Фејсбук е во тоа дека, иако е невозможно да се каже дали надзорот кој го спроведува NSA претставува исплатлив начин за остварување на нивната цел, нема сомнеж дека на Фејсбук многу му се исплатува надзорот над своите корисници. Во период од три месеци, заклчно со 31 декември 2013, компанијата оствари приход од 2,59 милијарди долари, што е дури 63% повеќе во однос на истиот период претходната година.

Тоа е фасцинантен податок, имајќи на ум дека компанијата пред само десет години ја основал студент на Харвард во својата соба во студентскиот дом. Но, на прашањето што ќе се случува во следните десетина години нема и не може да има едноставен и прецизен одговор.

Извор: The Guardian

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото