„Добро организирани“ лажни избори

05.02.2014 14:39
„Добро организирани“ лажни избори

„Добро е народот да знае дека има избори“. Оваа изјава - веројатно најциничната на светот – наводно ја кажал Сталин, но ако му е само припишана, тоа е направено со неверојатна успешност, погаѓајќи ја во нијанси морбидната смисла за хумор на Хазјаинот. Изјавата би можела да се употреби како кредо на сите псевдодемократски диктатури, зошто успешно ја компримира суштината на односот на деспотите кон изборите и демократијата. За нив изборите се само празни обреди со кои се замајуваат народите, лажни претстави со кои населението се држи во доброволно ропство. Сталиновиот афоризам е, меѓутоа, многу важна потсетка за нас, Македонците, дека и на најмоќните диктатори во историјата им бил важен јавниот привид за легалноста на нивната власт. Па, ако на толку моќната деспотија каква што беше Сталиновата ѝ требаше периодично обновување на лажната претстава за нејзината демократичност, на помалку моќните диктатури тоа им е очигледно потребно значително почесто. Токму затоа, поради вроденото чувство на инфериорност и ранливост, псевдодемократската диктатура на Груевски како да има проблеми со простатата, па сè почесто истрчува на избори. Токму затоа Македонците се – како што би рекол Сталин – среќни да имаат лажни, неслободни и недемократски избори практично секоја година.

Претпоставувам дека на повеќето луѓе во библиската земја веќе им е јасно дека изборите сами по себе не ја чинат демократијата и дека нивната содржина – слободата, вистинитоста и квалитетот на изборот – е суштинскиот услов за нејзино достигање. Изборите не само што не се доволни за да се достигне демократијата, туку обратно, во рацете на диктаторите кои ќе ја окупираат демократијата на една земја, тие се најсилното антидемократско оружје за борба против слободољубивото население и за одржување на авторитарниот систем на диктатурата. Во таа смисла, не смее да се заборави дека Хитлер, за време на дванаесетте години владеење, ги задржал негибнати уставните и законските рамки за одржување слободни и демократски избори во Германија (членовите 20 – 40 од таканаречениот Вајмарски Устав) со кои се избирале пратеници во германскиот Рајхстаг – националниот парламент, и дека одржал цели три циклуси „слободни“ и „добро организирани“ избори. Тука, се разбира, станува збор само за лажни избори, зашто „изборните“ псевдодемократски диктатури немаше ниту да постојат доколку организираа избори со кои ризикуваат да ја изгубат власта. Во услови на внатрешна окупација на демократските институции, при владеењето на псевдодемократска диктатура (каква што е оваа на Груевски), изборите не само што не се доказ за степенот на демократијата, туку се најефикасниот инструмент за одржување на режимот преку обновување на привидот на неговиот легитимитет. Мора да сфатиме дека не само (лажните) избори, туку и сите други институции на демократската држава кои ќе бидат партизирани и окупирани од партијата на власт, стануваат институции за борба против слободата и демократијата, зашто стануваат сервис на диктатурата а не на народот. Во такви услови, формалните процедури на изборите и на другите демократски институти се претвораат во празни култни обреди во кои се врши симболичното соединување помеѓу луѓето и божествата, односно гласачите и диктаторите.

Исто така, мораме да сфатиме дека традицијата на потчинувањето на народите е милениумски долга, и дека потчинетото мнозинство секогаш активно учествувало и соработувало во процесот на сопственото поробување. Во долгото минато исполнето со владетели со круна на главата, легитимитетот за своето владеење тие го обезбедувале низ ритуалот на крунисувањето, со кој црквата им давала мандат да владеат според „божјето право“. Денес, современите авторитарни режими, кои инсистираат на лажната демократска претстава, ритуалот на крунисувањето го заменија со обредното организирање лажни избори, чиишто легитимитет се обезбедува и одржува со помош на контролираните медиуми и партизираните институции на државата. Легализацијата на лажните избори денес е супститут за чинот со кој некогаш кралот се венчавал со кралството, како на пример во царска Русија, каде Православната црква со ритуал на венчавање „телесно“ го спојувала Царот со неговите поданици. После чинот на венчавањето владеачот го „конзумирал“ бракот со поданиците, со уверување дека се стекнал со божја гаранција за неограничено и насилно практикување на секс во бракот, гаранција која веќе со никакви земни закони нема да може да му биде одземена. Токму како да го имаат истиот мандат за силување на населението - посилен од Уставот и земните закони - Груевски и неговата камарила од ДПМНЕ ја практикуваат „демократијата“ во Македонија. Тоа е мандат сфатен како неограничено „божје право“ за силување на Македонија и Македонците, за уништување на сите затекнати културни вредности и за „легален“ грабеж на вкупното национално благо. Тоа е мандат кој теоретски можат неограничено да си го продолжуваат со периодичен обред на лажирање на „регуларни“ избори, или како што тоа сака да го формулира меѓународната заедница, со „добро организирани“ избори.

П.С. За да не бидам набеден за анархизам и нихилизам поради оваа мрачна анализа, ќе дадам еден конструктивен предлог за нормативно „дотерување“ на претседателските избори. Предлагам со закон да се забрани изборот на секој граѓанин во Македонија кој ќе се кандидира за претседател на Републиката. Имено, болното петгодишно искуство со кафено петно наместо Претседател, ја обезвредни претседателската функција до таа мерка што секој што ќе пројави амбиција да стане претседател, со самото тоа манифестира интелектуални и морални слабости кои Претседателот не би смеело да ги има.

Слики: Свирачиња

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото