Македонското прашање од 1944 до денес (3)

06.02.2014 10:34
Македонското прашање од 1944 до денес (3)

Идентитетската политика во регионот на Пирин во текот на 50- тите години од 20 век

 

По смртта на Г. Димитров во 1949 г., БКП во почетокот се обидела да создаде чувство дека „автономијата“ во регионот на Пирин силно продолжила: во 1951 г., таму се одржале „Македонски културни празнувања“.146 Следната година, раководството на Партијата и Отечествениот фронт (ОФ) го нападнале весникот Пиринско дело дека недоволно му ја „осветлил“ и му ја објаснил „потребата“ од македонска „културна автономија“ на локалното население.147 Во почетокот на 50- тите години од 20 век, Партијата, сè уште, го сметала за неприфатливо одбивањето на еден дел од пиринското население да се препознае во македонската националност.

Вакви случаи, сепак, биле пријавени: некои жители од Пирин продолжиле јавно да изјавуваат дека македонската нација не постои.148 Според изворите на Агитпропот на Партијата, не само „михајловистите“, туку и „граѓани и чесни младинци“ имале „чист буржоаски концепт“ за Македонското прашање: тие сметале дека во Македонија живеат Бугари.149 Некои лица од регионот го сфаќале името „Македонец“ на начин типичен за ВМРО – како заедничко именување за „Бугари, Грци, Власи и други“.150 Во Симитли, една конференција за „Марксизмот и националното прашање“ во рамките на публиката предизвикала недоразбирање во врска со македонската нација.151

Во контекстот кој следел по информбировскиот раскин, создавањето на „политички коректен“ македонизам во Пирин се ограничувало на комеморации на личности и настани од историјата на Македонија. За разлика од јазикот, историските референци можеле да ја реализираат двојната задача доделена од раководството на Партијата и на бугар- ската држава: да се одржува посебен национален идентитет во Пирин и во рамките на македонската емиграција во Бугарија, но идентитет лојален на Софија. Во периодот 1949-1950, создавањето на „политички коректна“ припадност го нашло својот израз и во географската карта на Пирин. Центарот на Пирин, Горна Џумаја, бил преименуван во Благоевград според името на Димитар Благоев – основач на бугарската социјал-демократска партија, „архетипот“ на БКП, и со потекло од југозападна Македонија. Два други центра од овој регион добиле имиња на македонски револуционери – Неврокоп станал Гоце Делчев, а Свети Врач – Сандански. На тој начин, раководството на Партијата и на државата би можело да претендира на одржување на локалните „традиции“ и на „развивање“ на „македонската свест“.

Како што имал сугерирано Поптомов, во училиштата од Пиринскиот регион било воведено изучувањето на историјата на македонското револуционерно движење. Ако учениците од основните училишта во Пирин имале само осум лекции македонска историја во една учебна година, тогаш во класовите од средните училишта било предвидено да има по една секоја седмица.152 Но, локалниот врв на Партијата се жалел дека повеќето од наставниците од регионот се изјасниле како „Бугари“ и дека дури и „Македонците“ меѓу нив повеќе се чувствувале Бугари.153 Освен тоа, еден дел од населението се противело на изучувањето на македонската историја: во Разлог, дури и комунисти го сметале непотребно, изјавувајќи дека „Македонското прашање е вештачко (изкуствено). Ние сме Бугари“.154

Во прво време БКП се обидувала да ги спречи овие случаи започнувајќи пропагандна активност насловена како „класно, патриотско и интернационалистичко воспитание“ или, едноставно, „патриотско воспитание“ (патриотично възпитание). Таа имала цел да негува антититоистички македонизам во Благоевградскиот округ.155 Официјалните директиви за таа активност, во исто време, препорачувале „борба“ против југословенското влијание и „големо-бугарскиот шовинизам“, при што „титоистите“ и „михајловистите“ биле еднакво напаѓани како „непријатели на народот“.156 Според одредени податоци, „михајловистичкото“ влијание било секогаш важно во места како: Банско, Крупник, Покровник157, додека, на пример, во Драглиште и Добрско, била откриена „титоистичка пропаганда“.158 Локалните структури на Партијата и на државата биле повикани да се борат со двете тенденции.

Што се однесува до емиграцијата која живеела во Софија, Пловдив и на други места, оваа задача им припаѓала на новоформираните македонски друштва. Во 1950-1951, тие биле здружени во рамките на „Сојузот на македонските културно-просветни друштва“ (Съюз на македонските културно-просветни дружества). Сојузот се вплеткал во борбата против „титовштината“ и „колишевштината“, пра- вејќи промоција на „вистинската“ македонска култура или, пак, според марксистичко-ленинистичкиот/сталинистичкиот јазик од периодот, македонска „по форма“ и социјалистичка „по содржина“.159 Партиското и државно раководството му ги доделило на Сојузот имотите од Македонскиот научен институт и од други институции на македонската дијаспора, укинати во меѓувреме. Што се однесува до водачите на друштвата, тие требало да започнат конкретни иницијативи кои се однесуваат на начинот на кои требало да бидат извршени комеморациите. Меѓу овие, како најважна се наметнала, несомнено, прославата на Илинден, и таа била брзо инструментализирана за да ја обезбеди врската меѓу историското минато и идеолошките императиви од периодот.

Во прво време, комеморациите биле „преплавени“ со сталинистичкиот демагошки јазик, кој би можел да се илустрира преку директивите за празникот во 1950: тој требало да се реализира „под слоганот за борба за мир, против потпалувачите на нова светска војна и агресијата од арогантната банда на американскиот империјализам во Кореја, [на борбата] за откривање разобличување на фашистичката банда (шајка) на титоисти и колишевисти, и на нивните агенти во нашата земја – трајчокостовисти [додадено подолу – „и на михајловистичкиот отпадок“], како и на турските реакционери, за зголемување на револуционерното внимание на работниците, за мобилизација во најкус рок на сите сили за собирање на реколтата... со изрази на љубов и вечно признание кон СССР и кон другарот Сталин“.160

Ова изобилие на пропагандистички пораки ја прикрива несигурноста на бугарските „македонски“ активисти, кои не успевале нужно да ја разликуваат „добрата политика“ од можните „скршнувања“. Да се биде „Македонец“, но поинаков „Македонец“, не на „тито-колишевскиот“ начин – секако, било макотрпна обврска. Во Пирин, раководителите од локалните структури на Партијата избегнувале јасно да се изјаснат за националната припадност на населението, бидејќи секој силен акцент врз неговиот македонски идентитет или врз неговата бугарска националност можел да предизвика обвинувања за „титоизам“ или, пак, за „михајловизам“.161 Паралелно, раководителот на македонските друштва Христо Калајџиев му соопштил на В’лко Червенков за вознемиреноста и за стравот кај функционерите кои требало да ги водат пропагандните активности за Македонското прашање: тие можеле, во секој момент, да направат сериозна грешка, предизвикувајќи разрешување, дури и затворање.162

Во ваквата идеолошка средина се одвивал вториот попис на населението во комунистичка Бугарија. Тој дал дури повисока бројка на Македонци, отколку првиот од пред десет години. Во 1956 г., нивниот број се искачил на 187 789 лица во Бугарија, од кои 178 862 во Благоевградскиот округ.163 Приложените шеми ја покажуваат стапката на зголемување на населението попишано како „македонско“ и како „бугарско“ во петте околии на Пиринскиот регион:

Жители од „македонска националност“ и од „бугарска националност“ во Пиринскиот реги- он (Областа на Горна Џумаја, подоцна Благоевградски округ) според пописите од 1946 и 1956. Збирот, исто така, ги содржи и процентите на другите попишани националности. Извор: ЦДА, Ф.210, ОП. 1, А.Е. 764, Л 1-5; ЦДА, Ф.210, ОП. 1, А.Е. 860, Л. 1-7; Преброяване на населението в НРБ на 1.XII.1956 г., Общи резултати, кн. II, ЦСУ при МС, София, 1960, стр. 106.

Со исклучок на Санданската (поранешен Свети Врач) и на Благоевградската околија (поранешна Горна Џумаја), се гледа јасна тенденција на зголемување на бројот и на процентот на „Бугари“. Процентот на „Македонци“ во регионот и покрај сè останал стабилен поради порастот на населението. Но што се однесува до вкупниот број, „Македонците“ се мнозинство, освен во околијата на Гоце Делчев (Неврокоп), каде што тие релативно го задржуваат својот претходен број, додека оној на „Бугарите“ е удвоен. Истата тенденција била и во Петрич, додека во Благоевград зголемувањето на вкупниот број на „Бугари“ бил слаб. Иако Разлог шокирал со нивното зголемување, тогаш, напротив, во Сандански кај „Бугарите“ се забележува значително намалување. Истовремено, бројот на „Македонци“ во внатрешноста на земјата, т.е. надвор од округот на Благоевград останал стабилен: 8 927 лица во 1956 г., наспроти 8 903 во 1946 г.

Во целост бугарските историчари се стремеле да ги толкуваат овие резултати по аналогија со пописот од 1946 г.: истите административни манипулации биле применети од раководството на БКП.164 Но, тие не давале докази кои ќе го поддржат овој заклучок. Меѓутоа, официјалните директиви на Партијата за изведување на вториот попис нагласуваат дека „грубата грешка“ од 1946 г. никако не требало да се повтори. Спротивно од тезата за опресивна втора „македонизација“, раководството на БКП и државата одлучиле дека оние што во минатото биле попишани како „Македонци“, отсега можеле да се декларираат „така како што се чувствуваат“.165 Власта одлучила дека новиот попис треба да води сметка за слободната национална самоидентификација на граѓаните (доброволното заявление).

Овој пат, Пиринска Македонија требало да претставува регион каде што „живее население со различни националности: Бугари, Македонци, бугарски муслимани (българо-мохомедани) и Турци“. Во текот на пописот, окружната власт на Партијата била повикана да ѝ објасни на локалната власт дека притисокот за време на претходниот попис бил „грешка“. Освен тоа, сите евентуални поттикнувања во корист на македонско самоидентификување требало да бидат отфрлени како „штетни и погрешни“. Според тоа, директивите од окружниот комитет на Благоевград, кои се однесуваат на пописот, јасно утврдуваат: „Секој да ја определи својата националност на слободен начин. Без никакво насилство“.166

Воопшто не е за изненадување што бугарските историчари немале објавено документи од овој тип: тие потврдуваат дека Партијата ја преиспитала, во одредена мера, претходната политика на „македонизација“ и ја доведуваат во прашање сличноста меѓу првите два пописа од комунистичкиот период. Оттаму, слично како македонските историчари, би можеле да го извлечеме заклучокот дека 187 789 „Македонци“ од 1956 г. претставуваат резултат од слободно самоидентификување. Многу повеќе од тоа – ако, во 1956 г., главно постоел „притисок“, тој бил особено наклонет кон бугарската самоидентификација. Еден од функционерите на Партијата во Пирин го потврдува овој впечаток: „... На времето, кога ние го изведувавме претходниот попис, имаше еден куп луѓе кои доаѓаа кај мене за да ми побараат да се попишат како Бугари и [да ми кажат] дека ние не треба да ги попишеме како Македонци. Но бидејќи имаше таков притисок и тоа беше политиката на Партијата, ние требаше да ги попишеме како Македонци. Проблемот (бедата) е што еднаш бевме регистрирани како Македонци, а сега треба да се изјасниме како Бугари...“167

Меѓутоа, погоре претставената табела, без никакво сомнение, поставува бројни прашања поврзани истовремено со разликата на тенденциите во рамките на пиринските околии и со стабилноста на „Македонците“, како во неа така и во внатрешноста на земјата. Всушност, активната „македонизација“, несомнено, била прекината, но Партијата, сè уште, немала започнато практични мерки во корист на „ребугаризацијата“ на Пиринскиот регион. На ниво на теориско признавање на македонскиот идентитет, официјалната политика во 1956 г. не била толку различна во однос на онаа од пред 1948 г. Како што се покажа погоре, БКП продолжила да го признава постоењето на македонската националност, различна од бугарската, и дури се обидувала да ја инструментализира во нејзината борбена политика во однос на Југославија: карактеристични се „Тезите“ на Владимир Поптомов од 1951 г. Освен тоа, од 1955 г., под советски притисок, Бугарија презела ново приближување со нејзиниот западен сосед.

Значи, би можеле да се обидеме да ги објасниме податоците од вториот попис во светло на бугарските политички и идеолошки околности од овој период. Во моментот на пописот, Партијата го немала, сè уште, одлучно забрането „патриотското воспитание“ во македонски дух и охрабрувањето на бугарската самоидентификација паѓа во заднина. За време на пописот, Македонското прашање претставувало предмет на кампања на „разјаснување“, кое, сепак, немало – барем не отворено – бугарски националистички карактер. Официјалните слогани, започнати по повод пописот, утврдуваат дека Македонското прашање не било од првостепена важност и дека, како и секое „национално прашање“, тоа е второстепено во однос на борбата за „победа на социјализмот“.168

Секако тука треба да се додаде специфичноста на методот на собирање на податоците за „националноста“.169 Во 1956 г., улогата на пописните агенти била засилена и – според одредени бугарски автори – покрај официјалните директиви кои препорачувале да се почитува националната самоидентификација на секоја личност, државните службеници се обиделе поскоро да ги попишат податоците кои фигурирале во личните документи.170 Овој формален аспект би можел да ја објасни стабилноста на одредени проценти и конечни бројки на „Македонците“ во пиринските околии и, особено, оние во внатрешноста на Бугарија: практично, попишувачите ги имаа grosso modo попишано истите лица како „Македонци“.

Освен тоа, драстични промени, како оние во Санданската и Неврокопската околија, несомнено сведочат дека во одредени места новите директиви биле применети повеќе отколку на други места. Инаку, разликата во случајот на Сандански во однос на оној од Петрич изгледа необјаснива: последниот е дури поблиску до границата со Југославија и би можеле да очекуваме повисок процент на „Македонци“. И покрај фактот дека директната манипулација од 1946 г. не се повторува, би можеле да се сомневаме во „слободата“ на вториот попис и во нејзината врска со реалната самоидентификација на населението.

Една работа изгледа неспорна. Националната политика водена во Пирин, на брутален начин меѓу 1944 г. и 1948 и „меко“ меѓу 1948-1958, извршила одредено влијание врз жителите на Пирин. Кога во текот на неговата прва посета на Благоевград во декември 1962 г., Тодор Живков ѝ честитал на насобраната толпа, нарекувајќи ја „патриотско бугарско население“, овој слоган предизвикал и незадоволство кај локалното население.171 Во меѓувреме, во регионот се појавиле првите опозициски групирања, кои барале македонски национален идентитет, а раководителите од Софија примиле алармантни сигнали.172 Тие, пак, ќе бидат предмет на едно од следните поглавја, но веќе би можеле да спомнеме дека тие сочинувале една од причините за радикалната реформулација на националната политика на Партијата и на бугарската држава. Од почетокот на 60-тите години на 20 век, традиционалниот бугарски национализам во врска со Македонија ќе биде целосно рехабилитиран.

146 Ангелов, „Политиката на БКП по македонския въпрос“, стр. 104.

147 Стоян Германов, „Началото на преоценка на българската политика по македонския въпрос (1948-1963г.)“, Македонски преглед, 2003 / 1, стр. 109, 128.

148 ЦПА/1/15/405/4.

149 ОПА/2/1/541/67 – материјали од Агитпропот на регионалниот округ од 1950-1951.
150 ОПА/2/1/524/114.

151 ОПА, Ibid./150.

152 Cf. ОПА/2/1/524/25-29. Училиштата надвор од Пиринскиот регион требало, исто така, да предвидат четири лекции годишно.

153 ОПА/2/1/526/142.

154 ОПА/2/1/529/127.

155 Види ЦПА/1/15/569/7 од 1953.

156 Види pars pro toto ЦПА/1/6/526; ОПА/2/1/5/148.

157 ОПА/2/1/5/511.

158 ОПА/2/1/541/9.

159 ЦПА/1/6/993. Cf. Германов, Ibid., стр. 109.

160 ЦПА/1/8/1750/1.

161 Cf. ОПА/2/1/5/511; ОПА/2/1/541/67.

162 Германов, Ibid., стр. 111.

163 Преброяване на населението в НРБ на 1.XII.1956. Общи резултати, кн.II, София, ЦСУ, 1960, стр. 106, стр. 110, стр. 214-230

164 Ангелов, Хроника, стр. 289; Германов, Ibid., стр. 109.

165 Види ЦПА/1/6/3023/53-54, 57-59. – сугестијата на Централниот завод за статистика при Советот на министри N° 7166, 25 август 1956, сочинува дел од Резолуцијата на Политбирото на ЦК на БКП од 4 октомври 1956

166 ОПА/2/1/164/6 од 3 ноември 1956.

167 ОПА/2/1/164/3.

168 ОПА/2/1/164/4-5.

169 Терминот употребен во 1956 е националност за разлика од народност во 1946, но оваа промена одвај имала влијание врз начините за етничка самоидентификација.

170 Види: Димитър Аркадиев, „Изучаване на етническия състав при преброяванията на населението в България“, Население, 1992 / 6, стр. 53.

171 Cf. Германов, Ibid., стр. 125.

172 Во 1961, премиерот Антон Југов за тоа бил известен од водачите на партијата во Благоевград: Cf. Ангелов, „За ролята и мястото на Мартенския пленум“, стр. 87-88.


(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Фотографии: Catalina Bartolome

Превод од француски: Дарко Стојанов и Петар Тодоров

Извор: Чавдар Маринов, Македонското прашање од 1944 до денес; комунизмот и национализмот на Балканот. издавач: ФООМ, Скопје, 2013.

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото