Американците и Русите во разурнатото Скопје

06.02.2014 12:10
Американците и Русите во разурнатото Скопје

Граѓани покрај урнатата железничка станица

Авионот „Конвер-340“ беше преполн со Македонци загрижени за своите семејства и домови. Пилотот на ЈАТ маневрираше и ја спушти десната страна на авионот, што ми овозможи да направам фотографија од кабината со мојот гломазен, но сигурен фотоапарат „Ролајфлекс“. Тоа беше прв поглед на разурнатото Скопје по земјотресот кој го погоди на 26 јули 1963.

Беше пладне, околу седум часа по силниот потрес.

„Од воздух Скопје изгледаше како да доживеало тешко бомбардирање“, напишав во мојот прв извештај. „Дупки зјаеја на местата каде што некогаш имаше покриви. Магла од прашина настаната од цигли и малтер се надвиснуваше над градот“.

Пилотот беше еден од десетината Југословени кои тој ден и подоцна ми помогнаа да известувам за она што се случува - од персоналот на ЈАТ на Сурчин кој ме качи на првиот цивилен лет за Скопје, па сѐ до Боро Чаушев, македонскиот секретар за внатрешни работи, кој ја започна операцијата за спасување и евакуација дваесет минути по почетниот удар. (Имаше искуство со вонредни состојби по големата поплава и излевањето на Вардар само осум месеци порано.)

Чаушев ми рече дека сум првиот странски новинар кој стигнал на местото на несреќата. (Тогаш бев „гуштер“ кој на Балканот е само два месеци и кој едвај знае само стотина зборови од српскохрватскиот јазик.)

Најупадливи беа неверојатната тишина и привидната смелост на луѓето кои се движеа меѓу урнатите згради и искривените столбови на уличните светилки. Некои од нив туркаа дрвена количка натоварена со постелнина и други домашни потрепштини. Боро Чаушев зборуваше дека во првиот момент се создала паника и дека масата безглаво трчала по улиците, но и дека брзо завладеал мир. Во голема мера благодарение на неговите напори, илјадници припадници на ЈНА, пожарникари, полицајци и здравствени работници тргнале кон Скопје за да помогнат.

Припадници на американската армија им помагаат на повредените

Во ведар ден темепературата достигнуваше 30 степени Целзиусови. Во почетокот се стравуваше да не дојде до епидемија на тифус. Олеснување донесоа бројните камиони кои донесоа вода. Ги обиколија жедните граѓани веднаш штом застанаа. Машини за ископување и екипи од луѓе со лопати и копачи беа испратени до хотелот „Македонија“ и „Скопје“, каде бројни гости лежеа заробени под урнатините, некои од нив живи, а други мртви.

Беше лесно да се собере материјал за извештај за земјотресот. Потешкиот дел беше да се најде начин да се испрати истиот. Телефонските и телеграфските линии беа во прекин, а скопската радио-станица беше урната. Најблискиот телефон кој беше во функција се наоѓаше во Куманово, оддалечено на 42 километри на исток. Отидов до таму и дојдов до поштата, каде на мојата портабл машина за пишување „Хермес“ го напишав извештајот и застанав во ред за телефон. Дури доцна навечер успеав да воспоставам врска со Мирјана Комарецки, мојата шефица, и да ѝ го издиктирам извештајот, кој од Белград требаше да го проследи до Њујорк. Исто така ѝ реков да биде спремна и да ја чека ролната филм од „Ролајфлексот“ која ќе ѝ ја донесе колегата од Белград.

На мое големо изненадување, среде хаосот поради земјотресот, сѐ функционираше нормално и во „Њујорк тајмс“ на 29 јули се појавија пет фотографии од филмот кој го снимив.

Ми стана јасно дека земјотресот во Скопје, иако релативно мал кога станува збор за бројот на жртви (1.070), стана голем меѓународен настан. Тоа утро, последен ден на местото амбасадор во Југославија, Џорџ Ф. Кенан даде безмалку половина литар крв за помош на настраданите. Лоренс (Лери) Иглбергер, тогаш функционер од понизок ранг, дежурен за време на викендот во американската амбасада во Белград, вртеше телефони за да обезбеди Американската армија да ја испрати својата Осма полска болница за евакуација со 200 лекари и медицински сестри од Рамштајн, Германија, во близина на Куманово. Само три дена по земјотресот тие почнаа да работат. (Иглбергер, кој подоцна беше амбасадор во Југославија, колегите го нарекоа Лоренс од Македонија, според надимакот на Томас Едвард Лоренс - Лоренс од Арабија). Голема меѓународна помош исто така испратија и Британија, Шведска, Франција, Советскиот сојуз и многу други земји.

Како да се објасни толку силниот одек? Без навлегување во психологија, социологија, па дури и историја, мислам дека една од причините е што земјотресите релативно ретко ги погодуваат центрите на градовите - иако Скопје тогаш имаше скромни 170.000 жители. Постои и одредена романтична претстава во врска со „Македонија“, било да се однесува на рецептот за овошна салата или на револуционерниот тероризам. Пред земјотресот, југословенското полагање права на Македонија силно и гласно го оспоруваа соседните Бугарија и Грција. Подоцна тие гласови станаа попридушени. Во секој случај, земјотресот ја стави Македонија на картата на меѓународната свест на емпатичен начин кој ниту еден политички потег не би можел да го оствари.

Тито и Хрушчов во посета на Скопје

Утредента дојде претседателот Тито со голема придружба, всушност, со повеќето членови на Централниот комитет на КПЈ. Во автомобилот со Емил („Гуико“) Гуиковати од агенцијата Франс Прес, кој дојде од Белград, се пробивме до конвојот на Тито на аеродромот. Придружбата на моторцикли веднаш нѐ принуди одејќи низ градот да останеме меѓу автомобилите на функционерите, при што конвојот ги застана за повеќе од еден час дури и спасувачките возила, додека масата луѓе немо набљудуваше што се случува. Конечно, нѐ донесоа на брдото на кое се наоѓа тврдината Кале. На тревнатото плато беше подигнат огромен шатор во кој масите покриени со платнени чаршафи беа преполни со храна и пијалаци. Тито, во небесносина униформа, седна на чело на масата.

Кога сите седнаа, Гуико, со лицето свртен кон Тито, на далечина од околу 15 метри, проговори на англиски. „Што правите за да ги спасите моите сонародници во хотелот Македонија?“ “И што е со оние во хотелот Скопје?“, додаде.

Црвен во лицето, Тито се сврте и загрме. „Што прават овие странци овде? Ова е состанок на Централниот комитет!“ Ни пријде офицер во униформа и љубезно нѐ замоли да тргнеме по него, подалеку од големиот шатор. Ни се претстави на добар англиски, велејќи дека се вика Гојко Николиш, командант на воената санитетска служба, и понуди да ни одговири на нашите прашања. Колку мртви има до сега? „До сега, 500 тела“, рече. Уште колку би можело да има? „Се верува дека во урнатините има уште околу 500.“ (Проценките на Николиш беа неверојатно блиску до конечниот број на жртви во земјотресот! Многу подоцна дознав дека Николиш, тогаш 52-годишен, бил не само истакнат писател, туку и партизански херој и ветеран на Интернационалната бригада од шпанската граѓанска војна.)

Речиси еден месец подоцна, јас и многу други странски дописници се вративме во разорениот град, следејќи ја славната турнеја на Никита Хрушчов низ Југославија, од Македонија до Словенија. Тој и неговата жена Нина, во придружба на Тито и Јованка Броз, со сериозни лица прошетаа покрај неколку блокови урнати згради. Одејќи пред нив, наидов на членовите на инженерската бригада на советската армија како се излежуваат во своите возила, пушат и пијат од шишиња. На даден знак, сите грабнаа лопати и почнаа да копаат. Јованка Броз пријде до командантот и, додека зуеја телевизиските камери, го праша дали работата е тешка. „Напорно е“, рече полковникот. „Но животот на овие луѓе е уште потежок!“

Иако е изговорен во Скопје, а не во Холивуд, овој дијалог не би можел да биде подобар.

Извор: Политика, 26 јули 2008

ОкоБоли главаВицФото