Писмо до полицијата: по што се разликуваме?

06.02.2014 12:41
Писмо до полицијата: по што се разликуваме?

Демонстраците на обесправените работници и незадоволните граѓани во Тузла ескалираа вчера, кога припадниците на специјалните единици се пресметаа со насобраните демонстранти пред владата на Тузланскиот кантон. Според првичните информации, повредени се 22 лица, а уапсени 24. Пренесуваме отворено писмо од учесник на демонстрациите до полицијата во Тузла.

 

Ти си човек. Јас сум човек. Кога ќе ја соблечеш униформата, по што се разликуваме?

Се надевам дека ќе го прочиташ ова писмо, иако не верувам. Знам, имаш ти и други грижи освен да читаш статии на интернет. Сепак, те замислувам, сега кога си дошол дома од должност и кога повеќе не си полицаец, туку син, маж, татко и брат, и кога полесно можеш да сфатиш дека денес пред тебе стоеја мажи, синови, татковци и браќа, жени, ќерки, мајки и сестри.

Можеби ќе кажеш дека не си удрил никого. Можеби не си удрил, но беше дел од групата која удираше и не направи ништо за да го спречиш тоа. Можеби ќе кажеш дека бевте нападнати. Ти тогаш на себе имаше полна опрема, заедно со кацига, штит и пендрек. Луѓето пред вас беа во капи, јакни и панталони. Не велам дека требаше да го напуштите местото кое ви е одредено да го чувате, но зошто секогаш полицијата мора да употреби сила, дури и врз деца?

Ние не сме странци, пријателе мој, сите сме поврзани. Се сеќаваш ли на момчето со кое седеше во средно училиште? Се сеќаваш ли на девојчето во кое беше заљубен во основно училиште? Се сеќаваш ли на оној срамежлив клинец кој на сите им помагаше со задачите? Се сеќаваш ли на својот наставник по физичко? Се сеќаваш ли на сите луѓе со кои твојот живот се преплетол во некој миг?

Сега барам од тебе една мала услуга. Сакам да замислиш кој било од нив во онаа маса која денес стоеше пред тебе. Сакам да го замислиш моментот во кој ќе ги препознаеш очите на некој што некогаш ти бил важен. Замисли го моментот во кој е предоцна да го запреш ударот и во кој тие очи кои за кои некогаш би направил сѐ ќе те погледнат и препознаат. Тој момент може да се случи кога било, можеби уште утре.

Извор: tuzlanski.ba

ОкоБоли главаВицФото