Анкета за СК014 (27)

07.02.2014 12:53
Анкета за СК014 (27)

Прашањата на Окно

  1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект?
  2. Што друго би издвоиле од проектот, во позитивна или негативна смисла?
  3. Вашето мислење за целокупниот проект СК014?

 

Дејан Ивановски, архитект

1.
Тешко е да се препознае нешто квалитетно, искрено во овој проект. Зборувам во обликовна архитектонско-урбанистичка смисла на проектот. Но можеби споменикот на „Паднатите херои” во паркот „Жена борец” има некаков потенцијал за анализирање. Тој дефинитивно повеќе има смисла да е поставен во Градски парк, на пример, во запуштениот дел, оној помалку фрекфентниот да речеме, слободен, помеѓу стари дрва кои ќе овозможат дополнителна сенка на целината.

Висината на постоечкиот постамент на овој споменик е погрешна, исто така, но чистината на формите, и секако белината која плени, можеби е некаков предизвик за реобмислување на оваа идеја.

2/3.
Луѓето емотивно се врзуваат за местата , куќите, маалата, градовите...Тие се потврда на нивната егзистенција – нивниот идентитет. Ако ги избришеме просторите, местата, сликите и чувствата споени со нив, ќе ги избришеме сеќавањата... и луѓето кои живеат во нив.

Феноменот Скопје 2014 е проект кој за многу кратко време се обиде да ја избрише целата меморија на луѓето кои живеет во овој град.

Скопје, особено „малиот ринг” е една целина која вистински е значајна за мене. За жал овој проект за градот се наметна некако дрско, да не речам невоспитано, и сите наши мемории потонаа во еден од слоевите кои се напластени под овие нови предлози на згради, споменици.

Од друга страна централното градско подрачје стана место на средби, дружења, собири од најразличен тип. Градот е жив организам и тој секако треба да се менува. Но, она што е вредно во еден град треба да се препознае и зачува, а тоа овој проект воопшто не го прави. Сепак, за овој феномен ќе треба долго време за да се разбере неговото влијание врз градот, а секако и врз граѓаните.

Живко Гроздановски, писател

1.
„Воинот на коњ“, најверојатно. Плагијат реализација на оригинална идеја. Изнасилена комбинација од класична музика, светилки што си ја менуваат бојата, и млазови вода. Евтино скап кич-опиум за масите.

2.
Во негативна смисла, не знам што конкретно да посочам: дали мојот личен гнев околу овој навредлив проект, дали изгазеното достоинство на граѓаните, нивната игнорантност, апатијата и заплашеноста што овој проект ги вади на површина, дали потсмевот што ни се случува во меѓународни рамки... Во позитивна смисла, за момент се обидувам да се убедам дека е добро тоа што во проектот се вклучени и мостови. Но и тука, лошото (местоположбата, реализацијата) во овие мостови е многу потешко од сето добро на она што самиот збор „мост“ го означува.

3.
Овој проект води до значајна материјална и духовна штета, којашто, за жал, поголем дел од граѓаните не знаат, или се плашат да ја увидат, осудат и спречат.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото