Крај на утопијата

08.02.2014 11:58
Крај на утопијата

Молк и неверување. Само по некој од српските провинцијални левичари (во земјата и дијаспората, а особено во Париз) едвај слушливо зборува: „предавник, предавник“.

Предавникот – Франсоа Оланд, претседател на Франција, кој пред некој ден, по една година и половина откако е на функција во Елисејската палата, ја претстави новата програма за радикална промена на стопанскиот курс на земјата. Во впечатлива сценографија на свечената сала во Елисејската палата пред тешките пердиња, француските тробојки и 600 новинари јавно се одрече од својот изборен социјалистички проект и ѝ се поклони на политиката на штедењето, значи (како што сака да каже провинцијалната претенциозност) на неолибералната програма. Пресвртот е толку импресивен што лондонскиот Економист ја наслови анализата од Париз како „Либералот Франсоа Оланд“, а белградска Политика пишуваше „Оланд ги разочара Кругман, левичарите и првата дама“ („првата дама“ не е тема на овој текст).

Кругман (и левичарите, и левичарите...) остро го критикува „безрбетниот политичар од умерената левица“, социјалистот Оланд, дека ги изневерил очекувањата на многумина, затоа што се согласил со мерките за ригорозно штедење и со доктрината на американските Републиканци кои се залагаат за мала држава, мали даноци за богатите и непомагање на сиромашните. Жан Клод Мали, генерален секретар на еден од најголемите француски синдикати, тврди дека Оланд „забрзано се насочува кон економскиот либерализам“, левичарскиот Монд прашува „дали останало нешто социјалистичко во него“, а белградска Политика констатира дека „Французите најмалку се грижат за тоа што тој ја изигра ’жената на својот живот‘“.

Неверувањето и разочарувањето се големи и болни. Особено кај оние кои гласно ја прославуваа победата на Оланд на изборите и очекуваа дека новиот француски претседател „ќе успее да направи пресврт во курсот на Брисел кој дотогаш го диктираше Ангела Меркел“. Српските левичари грмеа дека „политиката на штедење“ претставува не само закана за демократијата, туку и води кон рецесија и дека Оланд ќе ги заштити најсиромашните и ќе ги натера богатите во Франција, капиталистите, претприемачите, банкарите, компаниите и банките да го финансираат неговиот социјалистички експеримент: „Доколку Оланд успее во својата намера, неолибералната телеологија дефинитивно ќе заврши на ѓубриштето од историјата... Успехот на социјалистичкиот проект во Франција, без никаков сомнеж, ќе влијае на поместувањето на целокупниот политички и идеолошки спектар на Европа кон лево... и ќе има револуционерни последици по одамна ослабената европска левица. Сите погледи се насочени кон Франција“.

По таквите очекувања, разочарувањето е разбирливо чувство. Како „безрбетниот политичар“ се замерил со своите довчерашни обожаватели?

Кругман вели: „скандалозно свртување кон десно“. Што во превод конкретно значи – намалување на даноците, кратење на буџетот, поригорозна контрола во социјалните бенефиции и намалување на некои стекнати социјални права. Значи – олеснувања за капиталистите, помали плати за работниците и помала/штедлива држава, а сето тоа за да се заживее стагнирачката економија.

Пред неколку дена, по конференцијата за новинари, малкумина уште му веруваа на Оланд кога рече „јас сум социјалдемократ“. На социјалистичкиот претседател на државата му веруваат сè помалку Французи. Стана најмалку популарен претседател од 1958 година заради зголемување на даноците, рецесијата и високата невработеност. Весникот Нувел цитира истражување според кое 74 проценти од граѓаните имаат негативно мислење за претседателот кој сега тврди дека „Ако Франција сака да го сочува влијанието во светот, да одлучува во Европа и владее со сопствената судбина, задолжително мора да најде нова економска сила“. А таа сила се радикалните економски реформи – помала држава на благосостојба, повеќе пазари и повеќе одговорности за поединците, а пред сè „пакт со одговорности“ со капиталистите.

Здружението на индустријалци Медеф побара да се намали даночното оптоварување за фирмите во идните пет години за 50 милијарди евра, а социјалните придонеси за уште 50 милијарди. Претседателот на Медеф, Пјер Гатаз сугерираше дека приватниот сектор би морал да отвори уште милион нови работни места ако државата го ослободи од претераните давачки.

Со оглед на тоа дека стапката на невработеност е 11 проценти, Оланд им вети на француските стопанственици значително намалување на давачките за плати на работниците (вкупно околу 35 милијарди евра) за да се создаде простор за нови бизниси и нови работни места.

Потоа, Оланд потврди дека оваа година државата мора да заштеди 15 милијарди евра, а до 2017 година вкупно 50 милијарди. Дури е основан и посебен Совет кој ќе води сметка за давачките на државата.

„Идната економска политика на Франција сè повеќе и повеќе ќе изгледа како да е наследена од претходното конзервативно мнозинство“, тврди Доминик Барбе, економист во БНП Парибас, за Ројтерс.

Прифаќањето на новите демократски политики и политичкиот курс по само една година и половина владеење е последица, анализира лондонскиот Економист, на три погрешни социјалистички претпоставки на Франсоа Оланд. Првата е потценувањето на длабочината и причините за рецесија и отсуството на реализам (тврдење дека невработеноста ќе опадне до крајот на 2013 година). Втората е проценката дека високите даноци се „обележје на пристојно општество кое ја става правичноста пред профитот“ и дека тие нема да ги обесхрабрат претприемачите да отвораат нови работни места. И третата е дека државата и јавната потрошувачка можат да растат.

Социјалистичките убедувања се покажаа како погубни веќе по половина година од владеењето на Оланд. Веќе кон крајот на јануари 2013 година, министерот за труд Мишел Сапин призна дека „Франција банкротираше целосно“ и дека социјалистичката даночна политика и потрошувачката не функционираат: „Имаме држава, но целосно банкротирана држава. Затоа мораме да го спроведуваме планот за намалување на дефицитот и ништо не смее да нè одврати од таа цел“, рече министерот за труд.

Тоа беше признание дека за утопијата наречена социјализам, ниту Франција – нема пари.

Критичарите предупредуваа дека француската јавна потрошувачка (57 проценти од БДП, што е 12 проценти повеќе отколку во Германија) – е превисока, а дека јавниот долг (93,4 проценти од БДП) – е опасен.

Заради тоа Европската комисија бараше од Франција да започне системски реформи (пензискиот систем и пазарот на трудот) доколку сака да ѝ се одложи рокот за намалување на буџетскиот дефицит под три проценти, за две години. Оланд возврати дека „Европската комисија нема да ѝ диктира на Франција што и кога треба да прави“.

Кон крајот на минатата година економските аналитичари проценија дека Франција е единствената голема европска економија која сè уште е оптоварена со сериозни проблеми затоа што не презеде неопходни и храбри реформи навреме.

Колебањето, популизмот и неодлучноста на Франсоа Оланд доведоа дотаму што економијата на Франција и денес е слаба, наспроти пресвртот во поголемиот дел од Европа. Невработеноста во Франција и понатаму е висока, индексот на куповната моќ опаѓа три месеци по ред, во четвртиот квартал минатата година е забележан нулта раст, а Европската комисија прогнозира само 0,9 проценти раст на БДП во 2014 година (според растот од 1,7 проценти во Германија и 2,2 проценти во Велика Британија).

Тоа беа причините за минатогодишното намалување на кредитниот рејтинг на Франција од страна на агенцијата Standard and Poor’s на АА од АА+, две години откако оваа земја го изгуби максималниот рејтинг ААА. Агенцијата соопшти дека послабиот рејтинг е резултат на високата стапка на невработеност, заради што е тешко владата во Париз да ги спроведе важните реформи кои би го поттикнале стопанскиот раст. Standard and Poor’s очекува дека Оланд ќе ја остави Франција со долг од 86 проценти од БДП во 2015 година и невработеност над 10 проценти до 2016 година.

21.01.2014

Извор: http://pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото