Отворено писмо од Pussy Riot: Престанете да ги поврзувате Толоконикова и Алјохина со групата!

10.02.2014 10:41
Отворено писмо од Pussy Riot: Престанете да ги поврзувате Толоконикова и Алјохина со групата!

Шест членки на рускиот панк колектив Pussy Riot се потпишаа во отворено писмо во кое бараат Марија Алјохина и Надежда Толоконикова да престанат да се поврзуваат со дејствувањето на групата.

Тие „заборавиле на аспирациите и идеалите на групата“, стои во писмото. Толоконикова (24) и Алјохина (25) минатата среда настапија на концертот на хуманитарната организација Amnesty International во Њујорк каде повикаа на ослободување на антивладините демонстранти во Русија и побараа оставка од рускиот претседател Владимир Путин.

На концертот, кој го означи враќањето на 25-годишната традиција на организирање концерти на Amnesty International, настапија и ѕвезди како Мадона, Лорин Хил, Блонди и други.

Толоконикова и Алјохина, познати како Надја и Маша, поминаа 16 месеци во руските затвори поради протестниот настап во една московска катедрала во 2012 година. Беа осудени на затворски казни од две години, но претседателот Путин ги помилува во декември.

Шесте членки на групата Pussy Riot кои во писмото се потпишани како Гарадја, Фара, Шаиба, Кат, Серафима и Шумахер, сакаа да останат анонимни.

Тие тврдат дека нивната група застапува „левичарска антикапиталистичка идеологија, додека Маша и Надја станале институционализирани адвокати на правата на затворениците“.

„За наша несреќа, тие станаа толку окупирани од проблемите во руските затвори, што сосема заборавија на аспирациите и идеалите на нашата група: феминизам, независност, борба против авторитаризмот и култот на личноста, што со тек на време, всушност и доведе до нивното неправедно казнување“, стои во писмото.

На анонимните членки на Pussy Riot посебно им пречи појавувањето на Надја и Маша на концертот во Њујорк.

„Нашите перформанси се секогаш илегални, организирани на неочекувани локации и јавни места кои не се наменети за традиционалните облици на настапување“, се додава во отвореното писмо.

Иако Толоконикова и Алјохина нагласуваа дека повеќе не се членки на групата, нивниот настап во Њујорк беше најавен како „прв легален перформанс на Pussy Riot“.

„Драго ни што поранешните членки на групата пронајдоа нови и исто така вредни причини за продолжување на борбата, иако за жал не можеме лично да им честитаме за тоа, бидејќи одбиваат секаков контакт со нас.“

Извор: BBC

ОкоБоли главаВицФото