Здраво, се викам Пол Смит

10.02.2014 19:39
Здраво, се викам Пол Смит

Поради големиот интерес на публиката, датумот на затворање на изложбата „Hello, my name is Paul Smith“ која во средината на декември беше отворена во Музејот на дизајнот во Лондон, ќе биде поместен дури за три месеци подоцна, на 22 јуни. Редовните турканици во музејот, поради кои се препорачува да се набават билети однапред, јасно зборуваат за популарноста на овој британски дизајнер.

Пол Смит е роден 1946 година во Нотингем, каде во 1970 ја отвора својата прва продавница. Во следните десетина години успеал да отвори продавница во лондонскиот Ковент Гарден. Така е роден модниот бренд кој денес го купуваат архитектите, актерите, музичарите и урбаните момци ширум светот. Урбаните жени им се придружија пред петнаесетина години, кога дизајнерот ја промовираше првата колекција женска облека.

Лондонската изложба поаѓа од личната архива на Пол Смит, познат по тоа дека наоѓа инспирација на најнеочекувани места. Првата продавница од Нотингем е реконструирана на изложбата, како и канцеларијата на дизајнерот преполна со книги и необични предмети кои го инспирираат. Преку колекциите и другите предмети кои ги избрал самиот дизајнер, и богатиот фото и видео материјал, изложбата го доближува до посетителите единствениот пристап кон дизајнот кој под водство на Пол Смит ги спојува масовното производство за глобалниот пазар со личниот стил и традиционалните занаетски техники на кроење.

Дона Лавдеј, која е кустос на изложбата, го фали уникатниот и иновативен дизајнерски пистап, и ја нагласува особеноста која Смит ја вградува во секој производ, без оглед на квантитетот на производството. Самиот дизајнер на отворањето на изложбата, даде пореалистичен поглед на дизајнот и изјави дека се надева дека изложбата на многумина ќе им го приближи дизајнот во сите негови фази.

„Многу дизајнери не разбираат дека во дизајнот станува збор за тоа да се направи нешто за вистинската цена, и да се продаде на продавница која може да го продаде тоа.“, вели Смит. Ако гледаме на успехот од комерцијална перспектива, тогаш Пол Смит навистина ја открил тајната: индивидуалност по цена по којаможе да се продаде.

Извор: pogledaj.to