Трезен човек исфрлен од кафеана бидејќи им досадувал на пијаните гости

10.02.2014 20:38
Трезен човек исфрлен од кафеана бидејќи им досадувал на пијаните гости

Скопје, 10 февруари, 2014,

Александар Марковски (23), келнер во скопската кафеана „Промил“ познат и како Ацо Смок, бил принуден да исфрли надвор еден маж кој со своето трезно однесување ги вознемирувал пијаните гости кои се наоѓале во овој локал.

Однесувањето на овој гостин од моментот кога влегол во кафеаната било многу пристојно, што предизвикало бес кај присутните, па Марковски бил принуден да интервенира и така да го спаси натрапникот од ќотек.

„Кога ја работите оваа работа долго време, брзо учите да ги препознавате луѓето склони кон инциденти“, тврди Марковски. „Само што влезе човекот, видов дека се однесува чудно. Беше сосема трезен и се однесуваше многу смирено. Нарача кафе и почна да чита весници, и тоа почна да ги нервира другите гости. Неколкумина постојани гости сфатија дека може да дојде до проблем, па му пријдоа, го убедуваа да им се придружи, го влечеа за рака да испие нешто со нив, но тој тоа упорно го одбиваше. Ни тоа не му беше доста, па остана смирен и љубезен, дури и кога еден од гостите му ја преврти шолјата и му го иструри кафето по масата и весниците. Напнатоста тогаш кулуминираше бидејќи другите гости скокнаа спремни да се степаат со него заради ваквото однесување. Тогаш морав да интервенирам и да го замолам да го напушти локалот, а тој без збор го стори тоа“, раскажува Ацо Смок, додека себеси и нам ни точи жолта кавадаречка.

Проблемите со трезни гости не се чести во оваа кафеана, но Александар вели дека секогаш е на штрек.

„Имало инциденти и порано, но биле многу ретки. Времињата се тешки, луѓето напнати, па секогаш може да искрсне некој проблем. Сепак, се трудам да реагирам професионално и да го одржам редот во локалот. Најважна работа е, сепак, на работа никогаш да не бидете трезни, зашто тоа помага да останете со мирна глава“, го открива својот рецепт овој искусен келнер.

Извор: www.njuz.net