Богати и уплашени

11.02.2014 11:14
Богати и уплашени

Убаво се гледа кога некому добро му оди. На пример, Цирих во Швајцарија. Тешко дека ќе го препознаете овој град ако сте биле отсутни некое време. Насекаде никнаа нови квартови со луксузни станови и нови деловни згради. Продавниците, рестораните и кафулињата се полни. И покрај фактот што пивото чини 6 франци, отприлика 5 евра. Се има, се може.

Стручњаците се согласуваат дека овој стандард Швајцарија ѝ го должи на вмрежената економија. Таа профитираше од отворените граници и приливот на странската квалификувана работна сила. И покрај тоа, тенкото мнозинство Швајцарци, 50,3%, на референдумот предложен од страна на национално-конзервативната SVP гласаше за дистанцирање од политиката која во последните неколку години се покажа како исклучително успешна.

Како е тоа можно? Една од причините е и противречната слика која оваа земја ја има за себе. Швајцарија се смета за нација на согласни, заедница која донела одлука да стане држава. Меѓутоа, таа не е тоа. Населението не живее заедно во една држава затоа што тоа е негова најинтимна желба. Работите се далеку порационални. Областите на германското говорно подрачје не сакаат да ѝ припаѓаат на Германија, француските на Франција, а италијанските на Италија. Затоа тие се Швајцарци.

Идентитетот кој во голема мера се заснова на отфрлање на другите идентитети, има свои недостатоци. А откако избледеа легендите за Вилхелм Тел и старите завети, недостасува митолошка основа на фалениот хелветски посебен случај. Како замена за националната идеја останува само уште благосостојбата. Да се биде побогат од сите околу нас, и тоа е нешто.

Другата страна на медалот е дека кој има многу, може многу и да изгуби. Можноста дека ќе мора да ги делите заштедените франци со имигрантите набрзо се претвора во егзистенцијален страв. Поостро кажано: од швајцарското национално чувство нема да остане многу ако паднат на германскиот, или не дај боже, францускиот или италијанскиот стандард.

Нормално, никој не го кажува тоа отворено. Наместо тоа, се изнесуваат наводно рационални аргументи. Пренатрупаните возови, урбанизацијата, метежот на автопатиштата. Дури и либералните кругови покажуваат разбирање за пораката „бродот е полн“. Политички коректно кажано, станува збор за „притисок од пренаселеноста“, а всушност се мисли на стравот од промени. Интересно е тоа дека жителите на руралните области, кои се најмалку погодени од имиграцијата, а пред сѐ оние од германско говорно подрачје, мнозински гласаа за иницијативата на SVP, додека ја отфрлија оние од големите градови, каде можеби и можат да настанат некои проблеми поврзани со имиграцијата.

Што понатаму? Моментално е загрозен таканаречениот билатерален пат, внимателно градените врски со ЕУ, чијшто член Швајцарија никогаш не сакаше да стане. Владата мора да се обиде повторно да го испреговара договорот за слобода на движење. Границите сега сигурно нема да се затворат, ниту Швајцарија ќе мораат да ја напуштат сите германски доктори, португалски градежници или италијански келнери.

Но, повторно се воведуваат квоти за населување. Иницијативата за тоа предвидува рок од три години. Бриселското излегување во пресрет на ова барање е малку веројатно. ЕУ има доволно свои проблеми за да му ги исполнува желбите на богатиот остров.

Доколку дојде до суспензија на слободата на движење, истото би можело да се случи и со другите договори со Брисел, бидејќи меѓусебно се правно поврзани. Можеби Швајцарија би можела да го напушти и шенгенскиот простор. Воздушниот сообраќај, земјоделството, истражувањето и енергетиката би биле најтешко погодени од изолацијата. Исто така, многу компании по недостигот од квалификувана работна сила од странство, би биле погодени. Тоа е просто гротескно. Швајцарците повторно ги подигнуваат границите поради страв од економски крах. Тоа би можело скапо да ги чини.

А расправата за имиграцијата продолжува. Нова, уште порадикална иницијатива е на повидок. Една група еколошки активисти и критичари на економскиот раст има намера да ја ограничи имиграцијата во Швајцарија на 0,2% годишно од вкупниот број на жители. Гласањето е закажано за следната година. Можеби до тогаш Швајцарците ќе сфатат дека се дел од Европа. Иако тоа е малку веројатно.

Извор: Spiegel

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото