Зошто претседателот Иванов не отпатува за Сочи

11.02.2014 13:08
Зошто претседателот Иванов не отпатува за Сочи

Отказот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да оди на церемонијата на отворањето на 22-те Зимски олимписки игри во Сочи е важно и правилно геополитичко решение.

Во јавноста, претежно по социјалните мрежи, деновиве се отвори една јалова дебата во која многумина ја осудуваат оваа одлука. И, како многупати досега, се истакнува наводното „свето словенско братство“ помеѓу македонскиот и рускиот народ, и дека со овој акт сме ја „изневериле“ Москва која изреагирала „нервозно“ на откажувањето на Ѓоле да патува за Сочи, и дека Македонија, овојпат, ја избрала погрешната страна, т.е. САД и Европската Унија.

Да се разбереме, во сите свои бизнис, спортски или геополитички калкулации, Кремљ настапува опортунистички, пред сѐ го гледа својот интерес и кога ветува за возврат бара многу повеќе. Да напомнеме дека Македонија, колку и да изгледа мала и безначајна во очите на Москва, од аспект на Русите, таа е западна земја.

И токму поради тоа што ние културолошки, социјално и геополитички (но и историски, ако се земе нашиот бившо-југословенски пат), му припаѓаме на Западот, и бидејќи ЕУ и САД длабоко се противат на меѓународната и внатрешна политика на Москва, во моментов неодржлива од аспект на европските принципи и закони, Иванов легитимно избра да не патува за Сочи.

А какви се внатрешните состојби во Русија? Состојби кои всушност, меѓу другото, го предизвикаа апсурдот едно суптропско и просечно летувалиште да стане место за одржување на зимски олимписки игри.

Како што покажа раскошната аудио-визуелна и костимографски богата церемонија на отворањето, игрите во Сочи се врвна претстава режирана од Кремљ. Едно шоу на прекумерности што му покажа на светот каков крутој, силен, лидер е рускиот цар Владимир Путин. Игрите се негов личен проект, и Путин се надева дека по тоа ќе биде запишан во учебниците по историја. Имено, историјата да запамети дека по негова заслуга Русија се врати на меѓународната сцена како великаја дјержава, светска сила, уважувана и гледана со стравопочит од сите. Таква сила каква што на времето беше Советскиот Сојуз.

Путин до крај се надеваше, тој сонуваше, дека на игрите ќе дојдат светските лидери како германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот Барак Обама и неговиот француски колега Франсоа Холанд, премирот Дејвид Камерун како и останатите европски лидери. Да биде еднаков со наједнаквите, прв помеѓу првите. Тоа би значело легитимација на неговата власт, и согласност со руската реалполитика и сфера на влијание во регионот.

Но, тоа не се случи. Како секогаш, Путин и овојпат беше во друштво на диктатори, тирани и автократи - лидери на некакви девијантни азиски режими. Лидерите на слободниот свет одлучија да го бојкотираат рускиот цар и неговата Олимпијада поради неколку клучни работи.

Верувале или не, но цената на чинење на игрите во Сочи изнесува толку колку што заедно чинат сите по ред зимски олимписки игри во историјата (започнале да се одржуваат од 1926). Или, околу 50 милијарди долари вкупно. Од овие, 30 милијарди се украдени преку распил, или мита и поткупи. Новото име за олимпијадата по рунет (рускиот интернет) стана „распилијада“.

Како што покажуваат фактите, најскапата Олимпијада во историјата стана причина за срам на Русија, но и на цивилизацијата воопшто. Украдените пари се испрани на приватни странски сметки на разни олигарси и високи чиновници кои во шема со буџетски средства и државни агенции и банки соработуваа со сомнителни компании и изведувачи. Ова го потврдуваат два независни извештаи. Првиот е на Алексеј Навални, опозициски лидер и антикорупционер. Информацијата за сите објекти каде е забалежана огромна корупција е анализиарна и постирана овде sochi.fbk.info. Вториот извештај е на опозицискиот политичар Борис Немцов.

Tокму поради чудовишниот обем на корупција асоциран со Сочи, овие игри се најмалку спортски и фер, и најмалку можат да бидат причина за празник. Многу од објектите, како еден мегаломански забавен парк на зетот на гувернерот на Краснодарскиот крај и една термоцентрала на Газпром се несуштествени и немаат врска со зимски спортови, а биле ставени во програмата за изградба на Олимпијадата. Паркот не е ниту завршен. Градбата на речиси сите 26 објекти била одобрувана на кабинетско ниво, без тендери. Сите објекти се поврзани со пролонгирање на крајот на изградба и повеќекратно надминување на првично утврдената цена. Стравот од антикорупциски истраги го потврдуваат и контрадикторните цифри за чинењето на Сочи искажани од првите лица, Путин и премиерот Дмитриј Медведев.

Како прво, дали градот воопшто требаше да биде избран како домаќин на зимска Олимпијада? Во 2007, кога беше избран, градот инфраструктурно не беше ни 5% изграден за некакаква Олимпијада, додека соперничките Салцбург од Австрија и Пхенчхан од Јужна Кореја беа 50% подготвени. Многу набљудувачи сметаат, и верувам дека тоа ќе го покаже некакво идно новинарско истражување, дека претседателот и членови на Меѓународниот олимписки комитет биле поткупени од страна на Кремљ со десетици милиони долари за да го изгласаат Сочи.

Второ, десетиците милијарди долари вложени во изградбата на олимпискиот град се пари залудно фрлени во ветер. Бидејќи суптропскиот град, оддалечен со илјадници километри од главните транспортни врски на европска Русија, е летно, а не зимско одморалиште, и огромните инвестиции немаат никаква додадена вредност. Едноставно, туристите кои доаѓаат овде, исто како и локалните жители, немаат навики за нордиски спорт, и се верува дека многу од изградените спортски објекти ќе бидат пренаманети.

Уште поважно, горенаведените експертски изештаи, како и Твитер постовите на новинари и спортски делегации кои моментално се наоѓаат во Сочи, покажуваат слика на една недовршена инфраструктура. На недоасфалтирани и правливи улици, град преполн со кучиња скитници, недоизградени хотели за новинари, каде нема топла вода и прекинува струјата. Или комичната фотографија на еден новинар од BBC што покажува тоалет со две WC шолји поставени една покрај друга. Фотката ги преплави социјалните мрежи и стана симбол за непланското и ненаменско трошење.

Трето. Постојат илјадници случаи на негрижа за работниците, кои додека се граделе објектите живееле во мизерни услови по подруми, а на многумина, како на стотина српски работници, сѐ уште не им се исплатени платите за последните неколку месеци. Исто така, поради изградбата, повеќе сочинци се насилно иселени, додека пак илјадници жители во неколку околни села се жалат поради блокада на патиштата од безбедносни причини, што ќе трае до крај на март, кога завршува зимската Олимпијада. Кон ова се надоврзуваат многу еколошки и архитектонски нарушувања.

После двојните самоубиствени исламистички напади во Волгоград непосредно пред Нова година, безбедносниот момент е посебна грижа за олимпијците. Многумина од спортистите решиле да не патуваат со своите семејства бидејќи не се чувствуваат безбедно. Па така и нивните резултати се ставени под знак прашање.

Конечно, западните лидери ја бојкотираат Русија и поради загрозената слобода на изразување. Но и поради угнетените човекови права и фалсификуваните избори 2011-2012, кога владејачката Единствена Русија (многумина од нејзините челници, всушност, раководат со изградбата на Сочи) и Путин започнаа репресивна политика против опозицијата, и после периодот на таканаречената либерализација на Медведев.

После демонстрациите во зимата и летото 2011-12, Кремљ го стегна ременот и денес под контрола на власта се буквално сите телевизии и национални весници. Западот го бојкотира Сочи поради огромниот притисок и закани извршени врз невладините организации, со законот за регистрација на НВО донесен во 2012, според кој секоја организација што е финансирана од странски фондации треба да го прифати навредливиот назив „странски агент“. Доколку организацијата одбие да го стави овој назив во својот статут, таа се соочува со насилно расформирање. Таков пример се изборните набљудувачи од организацијата Голос, кои власта ги смета за голема закана поради примена на нови технологии за набљудување на изборните процеси и објективно известување за текот на (фалсификуваните) гласања. Голос одби да се нарече странски агент, и од минатото лето организацијата е затворена.

На слични административни притисоци е подложена и опозицијата чии партии се соочуваат со внатрешни пучови од страна на агенти на власта, или со тешкотии при регистрацијата како партијата на Навални.

Конечно, Русија под Путин е земја каде две децении по колапсот на Советскиот Сојуз постојат узники совести, затвореници на совеста. Покрај привременото затоплување (некои се надеваа на либерализација) од страна на Путин пред Нова година, а непосредно пред Олимпијадата, кога со претседателски указ беа ослободени политичките затворенци како Михаил Ходорковски и Платон Лебедев од Јукос, неколку лица од десетиците илјади кои протестираа на плоштадот Болотнаја, а кои потоа беа апсени селективно, како и двете девојки од Pussy Riot, и неколку активисти од Greenpeace. Десетици активисти и обични граѓани сѐ уште сe наоѓаат во притвор или затвор само заради тоа што кренале глас против власта и учествувале на мирни протести.

Овие процеси траат цела деценија, и од година во година се усложнуваат.

Зошто тогаш лидерите на слободниот свет би му угодиле на Путин и би застанале покрај него, како што во 1936 европските лидери застанаа покрај Хитлер на отворањето на летната олимпијада во Минхен и му салутираа (со исклучок на Британците и Американците) на тиранот со познатиот гест со испружена рака нагоре, така легитимирајќи ја неговата расистичка и антисемитска политика.

Но и нив не можеме да ги обвиниме. Впрочем, слободниот пристап до информации и интернет технологиите не постоеле за време на Хитлерова Германија.

Но, тие постојат денес, и за македонскиот претседател Иванов би било непростливо доколку застанеше во ложата на Путин и му ја стегнеше раката во знак на поддршка на коруптивниот режим и неговиот четврт шестгодишен мандат.

 

Борис Камчев е македонски новинар и писател од Санкт Петербург. Неговата книга Русија на Путин: Записи од опачината на светот, неодамна излезе во издание на Темплум

Слични содржини

Свет / Став

ОкоБоли главаВицФото