Црвениот опаш на лисицата

11.12.2009 10:25
Gelevski_11_12_2009.jpg

Атина, 1900 година. Разбојникот Александар бега од затвор. Граба неколку британски дипломати за да добие помилување, но и за да им биде вратена земјата на селаните во неговото село. Кога власта ќе му ги задоволи барањата, Александар се враќа во родниот крај. Таму еден учител ја организира заедницата според моделот на анархосоцијализмот. Александар набрзо ја презема целата власт во селото и воведува терор.

За својот филм „Александар Велики“ Тео Ангелопулос 1980 година во Венеција е награден со Златен лав за новите кинематографии. Критиката во филмот видела метафоричка осуда на револуционерните утопии и на желбата за моќ, низ користење на митски и историски алузии за античкиот владател Александар Велики.

Триесетте години поминати од филмот на најпознатиот грчки режисер покажуваат дека Република Грција сеуште не излегла од 19-иот век. Ново е што безмилосното балканско-античко сонце во меѓувреме ги зовре главите и на соседите-Македонци, од новата држава, Република Македонија, која својата вистина ја бара по истите идентитетски беспаќа (можеби е до сонцето; ми текнува на крајот на романот „Странец“ од Албер Ками; кога на судењето за убиство судијата го прашува Мерсо, главниот лик, што го навело да го убие Арапинот, овој дава незаборавен одговор: „сонцето, со својата неподнослива блескавост и врелина“).

Филмовите на Ангелопулос (на пример, неговиот најпознат филм, Патувачките глумци, од 1975 година) често функционираат врз две семантички рамништа: на едното секојдневниот семеен живот се прикажува како мит, а на другото рамниште општествено-политичките и воените судири функционираат како реална историја. Животот на луѓето испаѓа како некаква халуцинација во однос на ветриштата на историјата кои дејствуваат како „природни“ катастрофи. Се чини дека балканските политичари се однесуваат на истиот начин, како „патувачки актери“: за нив не се реални секојдневните човечки проблеми и грижи, а хиперреални се митовите, легендите и фабрикувањето историја со цел поданиците да се држат на кусо сиџимче, т.е. постојано да се злоупотребуваат за потребите на културно-политичките елити.

И наместо да го објаснувам очигледното и здодевното (дека македонските власти - можеби фркнати од сонцето, како и нивните соседи - изминативе три години речиси сосема ја преземаа расистичката и идолатриската идентитетска политика која со децении преовладува во Грција), ќе продолжам со метафорите, како Ангелопулос. Следејќи ги духовитите тези на Славој Жижек ќе се вратиме уште сто години пред разбојникот Александар, во Атина, 1800 година. Градот е безначајна паланка со 10.000 жители. Дури не е ни прв главен град на независна Грција. Атина станала главен град под притисок на западните сили (главно Германија и Франција), при што западните архитекти изградиле цела низа неокласицистички градби. И токму западњаците, опчинети со антиката, во Грците го всадиле чувството за континуитет со античка Грција. Еве ја тезата на Жижек: „модерните Грци се појавуваат дословно како материјализирана фантазија на Другиот, и со оглед на тоа дека правото на фантазија е основно право, зарем од тоа не треба да извлечеме политички крајно некоректен заклучок дека Германија и Англија не би требале да ги вратат античките споменици кои ги опљачкале, туку дека дури Грците треба да им ги понудат и другите споменици кои имаат вредност само за западната идеолошка фантазија!“

И токму зашто „правото на фантазија е основно право“ и ние, Македонците, го бараме своето право за лебдење! Одлетала земјата Грција на друга планета?! Одлетала! Е па, тогаш, ви се молам, и ние си го сакаме правото газ преку глава да отфлотираме од континентов и да атерираме негде другде. Затоа и ја избравме сегашната власт која од државата Македонија се обидува да направи гротескен спој меѓу археолошки локалитет и етно-парк, користејќи го сопственото население (таканаречените „рунтави Семакедонци“) како декор во едно габаритно (во размер 1:1) реално шоу (а на што друго наликуваат фриковските фигури на Јадибурек, Латас, Неделко, Томиќ, па богами и Грујо, Џоле итн. - освен на учесници во бизарен социо-психолошки експеримент?!).

Да им се вратиме на Грците. Нивното „хиперреално“ (хиперидиотско) барање за преименување на соседите ме потсетува на приказната на Бодријар, за момчето кое од една вила барало да му исполни некоја желба. Вилата се согласила, но поставила апсурден услов: момчето никогаш да не помисли на црвената боја на опашот на лисицата. Задоволно што од него се бара толку малку, момчето ги прифатило условите на вилата. Но, што се случило? Момчето никако не можело од глава да го истера опашот на лисицата! И на јаве и на сон, опашот постојано ги прогонувал мислите! И како што растел бесот кај момчето, така можноста да го заборави опашот била сè помала. Бодријар поентира: нашиот дух најмногу е магепсан од простор неисполнет со смисла; ние сме заведени од бесмисленоста на забраната.

„Црвениот опаш на лисицата“ со кој се опседнати Македонците и Грците, се чини, некој ќе мора да го пресече, просто како Гордиев јазол. Теодопулос во филмот ни покажа дека таков јунак едноставно нема, дека се вртиме во круг меѓу кокошкари, пилиштари, измамници и битанги. Или сепак нешто се променило во Европа изминативе сто години?! Ете го времето пред нас. Кој ќе преживее, ќе (си) снима филмови.

Слики: Марион Пек

Меѓу Гелевски и Филип

Меѓу Гелевски и Филип Петровски скоро нема разлика..иста празна реторика. На Гелевски му е страв да напише дека е за промена на името.

Baader

Anonimen..vrska nemas! :)

Извини пријателе, а од кај го

Извини пријателе, а од кај го ископа Филип Петорвски? Или секој што е против-грујовист, а не е бранковист е еден од оние на тапет за етикета предавници? И на крајот на краиштата, не е битно за што е Гелевски, битно е што планира оној што има моќ да одлучуе, а него ни глас да му чуеме.

Ве молам да престанете со

Ве молам да престанете со навредите и ироничните исмевања од типот „Рунтави Семакедонци“ или бар бидете принципиелни и коректни, па нарекувајте ги и господата „автохтони Илири“ Рунтави Сеалбанци. Ми се гади од вашата напуваност, селективност, кукавичлук и презир кон Македонија и македонскиот народ.

Ми ги зеба зборовите од уста.

Ми ги зеба зборовите од уста. :)
 
Поздрав од еден Рунтав Семакедонец (иначе и Шарпланинецот е рунтав, па голема работа, крзното добро му служи). ;) 

 *зема. :)

 *зема. :)

ОкоБоли главаВицФото