Антисиндикална дискриминација во ТВ Сител

11.02.2014 14:05
Антисиндикална дискриминација во ТВ Сител

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници алармира за флагрантното кршење на правото за слободно здружување и синдикално организирање на наши членови во ТВ СИТЕЛ.

Имено, до ССНМ е испратен плик со исписници, со идентичен, однапред исчукан текст потпишан, за два дена, од страна на членовите. Ова упатува дека станува збор за извршување на наредба или организирана акција за делегитимирање на ССНМ во ТВ СИТЕЛ и тоа во моментот кога до работодавачот е поднесена преставка за непочитување на одредбите од Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватен сектор. Дека станува збор за оркестиран напад врз ССНМ говори и фактот што бројот на исписици е поголем од реалниот број на членови на ССНМ во ТВ СИТЕЛ, како и фактот дека ниту еден член не го известил ниту синдикатот ниту синдикалниот претставник дека сака да му престане членството.

Со жалење можеме да констатираме дека ваквото „спонтано“ зачленување и во овој случај „отчленување“ уште еднаш го потврдува нискиот степен до кој е доведена слободата и професионалниот интергитет на новинарите и медиумските работници во некои наши редакции и севкупниот медиумски амбиент во кој функционираат нашите членови. ССНМ нема да отстапи од своите заложби за подобрување на професионалните и работни права на вработените во медиумите, независно од методите за негово делегитимирање и ќе продолжи да ги застапува и оние свои членови кои поради притисокот тајно членуваат во Синдикатот и чиј што број постојано расне.

Без особени очекувања ССНМ ќе го проследи овој случај до Трудовата инспекција, но и до Меѓународната организација на трудот како дополнителен аргумент во спорот против Македонија кој се води во Комитетот за заштита на слободата на здружување. Потсетуваме дека со одлуката од август 2013 Комитетот на МОТ бара од „Владата на Република Македонија да ги преземе сите мерки, трудовите инспектори целосно да ги истражат наводите за антисиндикална дискриминација и да обезбедат таквите случаи да бидат брзо и ефикасно истражени, како и да го информира Комитетот за развојот на настаните во таа насока“.

Извор: ssnm.org.mk