Паѓа слободата на медиумите во Македонија, земјата рангирана на 123-то место

12.02.2014 10:59
Паѓа слободата на медиумите во Македонија, земјата рангирана на 123-то место

Во најновиот Индекс на слободата на печатот на организацијата Репортери без граници во кој се опфатени 180 држави, Македонија се наоѓа на 123-тото место. Ова претставува пад од шест места во споредба со претходниот годишен извештај. Од регионот, Македонија, Црна Гора и Турција спаѓаат во категоријата земји што се „во тешка состојба“, додека останатите се едно скалило погоре, во категоријата „со забележливи проблеми“. Од соседните земји, Србија е 54-та (бележи напредок од 10 места), Косово – 80-то (напредок од 6 места), Албанија 85-та (напредок од 18 места), Грција 99-та (пад од 14 места), а Бугарија 100-та (пад од 12 места).

Во делот за Македонија стои дека иако земјата се зафатила со реформи што треба да ја стават на патот на Европската унија, „фасадата на демократија во изминатите неколку години не може да ги сокрие бројните прекршувања на слободата на информирање“.

Репортери без граници наведува дека случајот со новинарот Томислав Кежаровски стана симбол на ваквите прекршувања и дека откако беше осуден на четири и пол години затвор за откривање на име на заштитен сведок во судски случај за убиство, затворската казна беше преиначена во домашен притвор како резултат на меѓународниот притисок. Но, наредниот ден откако се случи тоа, се вели понатаму во извештајот, „друг македонски новинар, Зоран Божиновски, беше уапсен во Србија по потерница од Интерпол за шпионажа. Познат како „македонскиот Џулијан Асанж“, Божиновски е автор на голем дел истражувачки стории за Сашо Мијалков, директорот на македонското разузнавање и роднина на премиерот Никола Груевски“.

Водечки на листата оваа година, исто како и минатата, се Финска, Холандија и Норвешка, а на дното се Туркменистан, Северна Кореја и Еритреја. САД бележат пад од 13 места и се 46-ти на листата, а извештајот меѓу причините ги наведува пресудата за Бредли Менинг и гонењето на Едвард Сноуден.

Индексот на слободата на печатот на Репортери без граници се подготвува според шест генерални критериуми: плурализам, независност на медиумите, медиумската средина и автоцензурата, правната рамка, транспарентноста и медиумската инфраструктура.

Извор: Извор: Гласот на Америка на македонски јазик