Македонското прашање од 1944 до денес (5)

12.02.2014 12:29
Македонското прашање од 1944 до денес (5)

„Тоа е нашата историја“: зовривање на контроверзиите во 1967 година


Од јануари 1967 г., политичко-историографските расправи одново одекнуваат во печатот: на пример, гласилото на СКЈ Борба го изразил своето негодување во поглед на една статија во врска со револуционерот Христо Чернопеев, објавена во неговиот бугарски еквивалент Работническо дело.200 За да се спречи растежот на контроверзиите, во текот на годината, три југословенски делегации одат една по друга во Софија, додека во јуни Живков бил во Белград. Од целава серија на крајно контрапродуктивни средби, изгледа дека најиндикативна била онаа од месец мај кога водачот на ЦК на СКМ, Крсте Црвенковски, отишол во Софија. Разговорите водени во тој момент се делумно познати благодарение на автобиографијата на Црвенковски201, како и од еден дел од стенограмите кои, исто така, се објавени.202 Но, податоците од необјавените архиви би можеле да дадат поцелосна идеја за националистичката возбуденост на бугарските раководители.
203

Иако истакнувал одредени заеднички аспекти на националниот развој на Македонците и на Бугарите („борбата“ против гркофоната Патријаршија од Константинопол во 19 век), Крсте Црвенковски одлучно тврдел дека Македонците „постојат“ и се развиваат, „здобивајќи се со одликите на една современа нација“. Скопскиот раководител настојувал да каже дека одредени актуелни проблеми ќе исчезнат, под услов бугарското раководство да направи официјална декларација, признавајќи ги македонската република, нација и јазик. Единствениот проблем кој не можел да се реши во најбрзо време бил, изјавува Црвенковски, историјата на Македонија: бугарските научници тврдат дека таа е заедничка за Бугарите и за Македонците, додека според македонските научници таа е резервирана за овие последните. Вториот проблем кон кој се обратил Црвенковски бил оној за Македонците во Пирин. Тој инсистирал дека во текот на последниот попис бугарската власт спречила 180 000 Македонци да ја искажат својата „национална свест“.

Одговарајќи на прашањата поставени од неговиот македонски југословенски колега, Тодор Живков го квалификувал периодот на автономија на „Пиринските Македонци“ како „ненормален“ и тврдел дека ЦК на Партијата направил „грешка“ со „македонизацијата“ на регионот. Ова признание покажува до кој степен бугарските водачи од 60-тите години на 20 век, молкум, целосно раскинале со времето на „учителот“ на „бугарскиот народ“, Георги Димитров. Живков успеал дури и да ја критикува резолуцијата на Коминтерната од 1934 г., која го признава постоењето на македонска нација и јазик. Така, бугарскиот шеф го отфрлил секое обвинување за насилства извршени при пописот во 1965 г., и за возврат прашувал каде „исчезнале“ повеќе од еден милион лица од Вардарска Македонија, кои во минатото имале „бугарска свест“.

Оттаму, Живков ја реафирмирал невозможноста да се признае посебен македонски национален идентитет: „Што треба да му кажам на Централниот комитет на нашата Партија каде што повеќе од 50% од членовите се Македонци! Што треба да му кажам на Сојузот на писатели каде што 100 членови од 300 се Македонци!“204 Со истата лутина, Живков ги нападнал историографските публикации на Скопје кои се однесуваат на „бугарското ропство“ претрпено од Македонците во текот на Втората светска војна. Тој сугерирал дека во тоа време, „бугарските фашисти“ убиле многу помалку луѓе во Македонија отколку во внатрешноста на самата Бугарија. Историската лекција се враќа, и oвој пат, во средновековниот период, преку изјавата на Живков: „Паисиј, Климент Охридски – тоа е нашата историја!“ Така, раководителот на БКП повторил дека македонската „национална свест“ се развива врз
„лажна“ и „антибугарска“ основа.

Крсте Црвенковски ја презел одбраната на идентитетот на своите сонародници: „Нашето раководство не може да му каже на својот народ дека пред 1945 сме биле Бугари и дека потоа сме станале Македонци. Ова чувство почнало да се развива во средината на минатиот век“. Сепак, Црвенковски повикал на заемен компромис: „Можеби не треба да се решат докрај некои работи. Јас не се противам на тоа што ги впишувате Самуил и Паисиј во вашата историја, но и ние мораме да вклучиме одредени личности во нашата историја“.205 Така, македонскиот раководител се воздржал од настојување врз екстремна националистичка визија: тој изјавил дека толкувањето на настаните од средниот век е, секако, дискутабилно и не би требало да биде соодветно за современата политика. Истовремено, тој признал дека некои личности, со потекло од Македонија, „придонесле“ исто така и за бугарската историја и култура.

Меѓутоа, оваа релативна толеранција се судира со вториот „аргумент“, кој наводно го потврдува „заедничкиот“ идентитет на Бугарите и на Македонците – јазикот. Живков возвраќа: „Вие сега зборувате македонски јазик. Македонците и Бугарите добро се разбираат. Ете, сега Вие и јас, ние добро се разбираме“. Но, Црвенковски се обидел да ја растури оваа есенцијалистичка референца, откривајќи од своја страна една банална комуникациска итрина: „Јас користам повеќе бугарски зборови за да ме разберете“.206 На тој начин, македонскиот водач успеал да го истакне своето отворање, кое на неговите противници од Софија им изгледало како отстапка и недостиг на соодветни аргументи. Одеднаш, симболите на историјата и јазичната блискост, внесени во игра од бугарските политичари, се неутрализирани од една јазична способност која им недостигала.

Оттаму и враќањето кон историјата: една позиција, уште потврдокорна од онаа на Живков, била изразена од секретарот на ЦК на БКП и член на Политбирото, Борис Велчев. Тој предложил потпишување на билатерален договор, кој ги обврзувал историчарите од двете земји да не ги „фалсификуваат историските факти“. Од една страна, Велчев сугерирал да им се препушти на историчарите одговорот на прашањето од кога почнала да се развива македонска национална свест. Но, од друга страна, стандардите за научна „објективност“ биле јасно означени од страна на високиот функционер: „Се покажува дека треба да си го поделиме Самуил. Зошто да не се разјасни ова прашање? Тој не може да биде истовремено македонски и бугарски цар. Ако постоела македонска држава, тогаш бил македонски цар, но ако таква држава не постоела, во тој случај, би бил бугарски цар... Нашата историја не дава факти [кои потврдуваат] дека во минатото постоела македонска националност, македонска нација или македонска држава.207

На овој начин, бугарските раководители ја изразувале нивната наклонетост да ја признаат македонската република како „територијален“ факт, подвлекувајќи дека „нацијата“ е „нешто друго“: македонската нација почнала да се формира само со формирањето на југословенската република. Истовремено, Велчев тврдел дека во југословенска Македонија, сè уште, живеат Бугари и дека Скопје би требало да им даде право официјално да се регистрираат како такви. Истовремено, населението во Благоевградскиот округ било целосно „бугарско“ - според софиските раководители, „факт“ покажан преку „историските факти“. Симболичниот монопол врз историјата, побаруван од бугарските водачи, ги отфрлал истовремено сите можни противаргументи од страна на нивните југословенски колеги.

Црвенковски се повикувал, на пример, на наследството на Крсте Мисирков, големиот идеолог на македонскиот национализам од почетокот на 20 век, но Живков му одговорил: „Што се однесува до Мисирков, тој е посебен, контрадикторен случај. Тој напишал и едно и друго, зборувал и едно и друго (Той и едно е писал, и друго е писал, и едно е говорил, и друго е говорил)“.208 Како резултат од тоа, Живков му предложил на Црвенковски да оди во Пиринската област за да се увери дека нема Македонци. Црвенковски покажал исто ниво на увереност, поканувајќи го Живков да бара Бугари во Социјалистичка Република Македонија.209

Така, во текот на разговорите водени во мај 1967 г., Живков и Црвенковски успеале за приближно два и пол часа да ги изложат сите компликации на она што некои историчари го нарекуваат „Пандорина кутија“ на Македонското прашање.210 Фактот, истовремено, парадоксален и смешен, дека двајца водачи на комунистички партии и држави се среќаваат со цел да дебатираат за историски прашања, посебно во врска со кралеви од средниот век, покажува до кој степен национализмот не претставувал нешто туѓо за спомнатите режими. Во овие спорови, современите етнички или национални реалности се сфаќаат во функција на одредено историско толкување, при што секоја поинаква верзија се квалификува како „лажна“. Накусо, за бугарските водачи, македонската нација морала да ги признае своите бугарски „корени“, а секоја друга опција претставувала „фалсификат на историските факти“.

Овој аспект од аргументите на Софија, исто така, покажал дека, всушност, компромисот започнат во 1963 г. од страна на Живков („Македонци во Вардарската република, наспроти Бугари во Пирин“) не поминува без да го доведе во прашање посебниот идентитет на југословенските Македонци. Причината за тоа може да му се припише, несомнено, на одредено здраворазумско сфаќање во врска со националниот идентитет. Тој бил сфатен како суштински белег кој не се менува значително низ времето, се пренесува преку „крвта“ од генерација на генерација и ги засега сите членови на одредена заедница. Од оваа гледна точка, „бугарската“ припадност на еден крал од 10. или од 11 век била сметана како пресудна за правилната идентификација на оние кои живеат во 20 век на истите територии. Оттука, признавањето на „Македонци“ од другата страна на границата би ја предизвикало, секако, истата квалификација за нивните блиски од оваа страна: во есенцијалистичката концепција за етничкиот и за националниот идентитет, не е можно, на пример, словенското население од Скопје и оние што потекнуваат од овој град, некогашни бегалци кои живеат во Бугарија, да бидат различни нации.

За разлика од македонскиот раководител кој во овој период покажувал една повеќе „конструктивистичка“ идеја за националниот идентитет, општото есенцијалистичко сфаќање било тоа кое ги раководело концепциите на неговите бугарски колеги – од каде што е и нивното, често, прибегнување кон претставата за „крвта“. Но, ова, воопшто, не значи дека македонскиот национализам бил непознат или неинструментализиран од раководењето на Крсте Црвенковски. Всушност, 60-тите години на 20 век се означени со постепено напуштање на „внимателноста“ во поглед на историјата на периодот пред Втората светска војна, манифестиран, во одредена мера, од администрацијата на Колишевски. Во текот на еден Пленум во април 1964 г., раководството на СКМ ја ревидирала употребата на насилство спрема оние што отворено го изразувале нивното почитување кон името и револуционерното наследство на Внатрешната организација, означена со кратенката ВМРО. Почнувајќи од овој момент, политичката елита на Македонија се обидувала сè повеќе да си ја присвои симболиката на оваа организација, која за многу луѓе во југословенската република ги претставувала вистинските аспирации на „македонскиот народ“.211

Во јуни 1967 г., во текот на нивната следна средба, бугарските раководители (Живков, Велчев), како и југословенските (Тито и шефот на македонската влада, Никола Минчев) ги избегнувале дебатите за Македонското прашање: неодамнешниот спор со Црвенковски покажал дека оваа тема никако не би требало да се „притиска“.212 Сепак, есента, релативната толеранција во тонот меѓу Софија, од една, и Белград и Скопје, од друга, била целосно напуштена, а расправиите во печатот започнале одново. Аналитичари како Роберт Кинг покажуваат дека овој пресврт, воопшто, не бил поврзан со некаков конфликт меѓу Москва и Белград: барем до месец март 1968 г., двете влади одржувале одлични односи.213 Всушност, поттикот кон контроверзии во голема мера дошол од Бугарија.

200 ЦПА/1/51/772/8-2. Чернопеев, роден во северна Бугарија, е еден од водачите на левото крило на Внатрешната македонска револуционерна организација кон крајот на османлиски период.

201 Крсте Црвенковски, На браникот на македонската самобитност – материјали од политичките разговори за македонското прашање, Скопје, ИНИ, 1998.

202 Марияна Стамова, Тито, Тодор Живков и македонският въпрос (1963-1967 г.), Минало, 1999/2.

203 Види ЦПА/1/34/56/6-37.

204 ЦПА, Ibid./21-22.

205 ЦПА, Ibid./25-26.

206 ЦПА, Ibid./28.

207 ЦПА, Ibid./32-33.

208 ЦПА, Ibid./36.

209 По новиот федерален устав во 1963 година, Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ) беше преименувана во Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ). Оттаму, Народна Република Македонија (НРМ) добива нов устав кој ја преименува во Социјалистичка Република Македонија (СРМ).

210 King, Ibid., стр. 218; Катарџиев, Ibid., стр. 377-380.

211 Катарџиев, Ibid., стр. 421-422.

212 Cf. ЦПА/1/34/58/8-44.

213 King, Ibid., стр. 203.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел

Фотографии: Fred Muram

Превод од француски: Дарко Стојанов и Петар Тодоров

ОкоБоли главаВицФото