Обврските и санкциите за медиумите во изборен процес

13.02.2014 08:06
Обврските и санкциите за медиумите во изборен процес

Во срцето на кошмарот, инсталација на Дејвид Хал, Лондон, 2012. Фото: Мет Брук.

„Изборен процес“ е времето од донесувањето на актот за распишување на изборите до објавувањето на конечните резултати од одржаните избори. Вака изборниот законик го утврдува времето за предизборна кампања и гласање, па гледано од законски аспект, со распишување на изборите на први февруари, тече изборниот процес кој предвидува низа дополнителни обврски за медиумите, но и казни доколку тие обврски не се исполнуваат како што утврдуваат изборните правила.

На стартот на кампањата за претседателските избори 2014 година, мора накратко да ги споменеме новините кои се содржани во Изборниот законик и во законите за медиуми и аудиовизуелни уметности, кои ќе се применуваат во овој изборен циклус.

И весниците под контрола на Агенцијата

Клучната измена е направена во надлежноста на досегашниот Совет за радиодифузија (СРД) сега Агенција за медиуми, која има нови надлежности, проширени и над печатените медиуми, наспроти електронските за кои беше одговорна досега. Законска обрска на Советот или Агенцијата, останува од прв ден да го мониторира медиумското известување поврзано со изборната кампања, но и веднаш да се интервенира и да се санкционира медиумот кај кого ќе се констатираат прекршување на правилата.

Покрај предвидените парични санкции (глоби) Агенцијата има надлежност, меѓу другото, да покрене постапка и за разрешување на директорот на Јавниот радиодифузен сервис, МРТ, доколку на програмите на националната телевизија не се обезбеди еднаков пристап на сите учесници во изборната кампања и не се известува избалансирано.

Казните предвидени во погоре споменатите закони не се мали и занемарливи, па затоа новинарите, а посебно уредниците, треба да знаат што смеат, а што не смеат да објавуваат, на кој начин треба да го прават тоа доколку не сакаат да се соочат со санкциите утврдени во законите.

Законите ги дефинираат поимите на информативните изданија во медиумите, преку кои ќе се следи дали има избалансиран пристап во информирањето, подеднаква застапеност на политичките субјекти до медиумите, следењето на говорот на омраза, пречекорување на времето за платено политичко рекламирање и посебно прекршувањата на изборните правила.

Според законската дефиниција, утврдена во Изборниот законик:

-“Облици на изборно медиумско претставување“ се: дневно-информативните емисии, програмите што им овозможуваат директен пристап на учесниците во изборната кампања до /избирачите, и посебните информативни емисии;
-„Дневно-информативни емисии“ се сите изданија на радио и на телевизиските вести и дневници;
-„Директен пристап до избирачите“ се облиците на бесплатно политичко претставување и на платено политичко рекламирање, преку кои учесниците во изборната кампања слободно ги промовираат своите програми, ставови и кандидати;
-„Бесплатно политичко претставување“ е директен пристап на учесниците во изборната кампања до избирачите, преку кој слободно и без паричен надоместок се промовираат изборните програми, ставовите и кандидатите;
-„Платено политичко рекламирање“ е директен пристап на учесниците во изборната кампања до избирачите, преку кој за паричен надоместок се промовираат изборните програми, ставовите и кандидатите. Видови платено политичко рекламирање се: огласи, соопштенија, политички изборни спотови, музички спотови што функционираат како химни на учесниците во изборната кампања, преноси или снимки од митинзи, средби и други настапи на учесниците во изборната кампања;
-„Посебни информативни програми“ се: програми наменети за информирање на граѓаните за начинот и за техниката на гласањето и за остварувањето на избирачкото право и информативно-политички програми жанровски реализирани како интервјуа, дебати или тв/радио соочувања: актуелно-информативни програми, актуелно информативни програми со документаристички пристап,и тематски специјализирани информативни програми.
-„Изборно медиумско претставување“ е промовирање (непосредно или посредно) на ставови, програми, платформи, достигнувања, активности и др. на политички партии, коалиции, групи избирачи и нивни претставници.

Малолетниците не смеат да се користат во кампања

Оттука, сите медиуми, вклучувајќи го и Јавниот радиодифузен сервис, кои одлучиле да ги покриваат изборите, се должни тоа да го прават на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма, со тоа што ќе им овозможат подеднаков пристап на политичките субјекти, учесници во кампањата до сите облици на медиумско претставување споменати погоре.

Секако, исклучок се програмите наменети за малолетната публика, кои не смеат да се користат за изборно медиумско претставување. Бидејќи пред нас се претседателски избори, медиумите се должни да обезбедат подеднакво покривање на активностите на сите кандидати за претседател, учесници во изборниот процес. Законот дефинира дека од принципот на пропорционалност и еднаквост, се иззема платеното политичко рекламирање.

Она што е многу важно, а е уредено во членот 75-б од Изборниот законик е следново:

„Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања, во програмите на радиодифузерите, во периодот од денот на распишување на изборите до нивното завршување не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект“.

Законот забранува учество на уредници, новинари, водители на програма и презентери кои се ангажирани во подготвување програми на радиодифузерите, во предизборни активности на политички партии, или други учесници во изборна кампања. Доколку се одлучат за ангажман во кампањата, тогаш нивниот ангажман во програмите на радиодифузерите мора да им мирува од денот на распишување на изборите до нивното завршување.

Од денот на распишување на изборите, па се до почетокот на изборната кампања, радиодифузерите и печатените медиуми не смеат да емитуваат, или објавуваат платено политичко рекламирање, освен огласи и соопштенија за собирање потписи за поддршка на кандидатура на група избирачи. Во нашиов случај, бидејќи изборите се распишани, секое политичко рекламирање, или кампања против политичкиот противник не смее да биде емитувана од страна на медиумите.

Дозволено е да се емитуваат соопштенија за собирање на потписи за поддршка на кандидатура на група избирачи, и тоа во означени рекламни блокови во рамките на дозволеното време за рекламирање на еден реален час емитувана програма во времетраење од вкупно 12 минути, од кои за еден учесник во изборната кампања можат да одвојат најмногу 8 минути. Тие соопштенијата треба да содржат само основни податоци – за кого се собираат потписи, на кои места граѓаните можат да го дадат својот потпис и во кој временски период од денот. Не смеат да содржат дополнителни податоци за кандидатите за претседател.

Од први февруари, од распишување на изборите, па до нивното завршување, радиодифузерите и печатените медиуми не смеат да емитуваат и да објавуваат реклами финансирани од буџетот на Република Македонија, од буџетите на општините и на Градот Скопје и на сите други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања.

Ценовниците јавно да се објават и не смеат да се менуваат

Медиумите, според законските рокови, до 6-ти февруари беа должни да ги утврдат ценовниците за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес, а во текот на изборниот процес се должни најмалку двапати јавно да ги објават ценовниците на своите програми, односно во своите печатени изданија. Ценовниците мора да се достават до Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и тоа во рок од 5 дена по распишување на изборите. Ценовниците не смеат да се менуваат во текот на изборната кампања.

Платеното политичко рекламирање мора да биде соодветно и видливо означено како „платено политичко рекламирање“ и јасно одвоено од другите содржини на медиумите, со јасно означен нарачател.

Радиодифузерите не смеат да емитуваат платено политичко рекламирање во вести, посебни информативни програми, образовни и програми за деца, и во преноси од верски, спортски, културни, забавни и други настани. Јавниот радиодифузен сервис не смее да емитува платено политичко рекламирање. Со цел гласачите објективно да се информираат за текот на изборната кампања, и заради заштита на новинарската професија од какво било политичко влијание за време на изборното медиумско претставување, посебните информативни програми не смеат да се користат како облик на платено политичко рекламирање.

За МРТ како Јавен радиодифузен сервис има обврска времето за информирање за активностите на кампањата на политичките партии од власта и од опозицијата да биде распределено согласно на резултатите од последните парламентарни избори. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е должна да го следи изборното медиумско претставување и програмскиот сервис на радиодифузерите. Доколку утврди прекршување на одредбите за избалансирано покривање на изборите од страна на Јавниот радиодифузен сервис, ќе поднесе предлог за покренување на постапка за разрешување на директорот на Јавниот радиодифузен сервис .

За сите медиуми посебно треба да бидат нагласени овие одредби кои предвидуваат глоби, санкции, за прекршување на изборните правила. Глобите не се занемарливи, како за медиумите, така и за уредниците кои се одговорни во нив.

Казни до 5.000 евра за медиумите

Па, така, со глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра ќе се казни за прекршок медиумот ако:

-известува за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје и на правните лица на кои им е доверено вршење на јавни овластувања;
-уредници, новинари, водители на програма и презентери ангажирани во подготвување програми на радиодифузерите, учествуваат во предизборни активности на учесници во изборна кампања;
-не го снимаат излезниот сигнал на својата програма од денот на распишување на изборите до нивното завршување и не ги чуваат снимките од нивната програма;
-не достават снимки и други податоци поврзани со медиумското покривање на изборите;
-огласите и соопштенијата за независните кандидати се емитуваат спротивно на одредбите од законот;
-не обезбеди рамноправен пристап во информативната програма;
-јавниот радиодифузен сервис не ги информира граѓаните или лицата со оштетен слух за изборниот процес.

Покрај за медиумот, предвидена е и казна од 300 до 1.000 евра и на одговорното лице на радиодифузерот кое дозволило да се случи некое од претходно наведените прекршувања.

Глоби во износ од 3.000 до 5.000 евра се предвидени како прекршочна санкција за медиумите доколку не обезбедат:

-покривање на изборите на правичен, избалансиран и на непристрасен начин ;
-не овозможи подеднакви услови за пристап до програмите на сите учесници во изборна кампања;
-програмите наменети за малолетната публика се користат за изборно медиумско претставување ;
-емитува дополнително време за платено политичко рекламирање на реален час;
-За одговорното лице, казните за овие прекршувања се утврдени во глоби од 500 до 1.500 евра.

Со казни од 3.000 до 5.000 евра ќе бидат санкционирани медиумите ако:

-емитуваат, односно објавуваат платено политичко рекламирање спротивно на утврденото време за рекламирање;
-огласите и соопштенијата за независните кандидати содржат дополнителни податоци кои би довеле до нивна фаворизација или омаловажување;
-не утврдат ценовник за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес;
-не го објават или не го достават ценовникот;
-го изменат ценовникот во текот на изборната кампања;
-не обезбедат рамноправен пристап;
-го прекршат изборниот молк.

Глоба во износ од 3000 до 5000 евра за прекршок на радиодифузерот ќе му се изрече, ако:

-го објави изборното пропагандно известување без наведување дека се работи за платено политичко рекламирање и ако не го одвои од другите содржини на медиумите, јасно не го означи нарачателот на платеното политичко рекламирање;
-го објави изборното пропагандно известување со учество на малолетници во платено политичко рекламирање и емитува платено политичко рекламирање во вести, информативни, образовни и програми за деца, во преноси од верски, спортски, културни и други настани. Глоба во износ од 500 до 1.500 евра ќе му се изрече за прекршок на одговорното лице на радиодифузерот и печатениот медиум за претходно наведените пропусти.

Со глоби до 3.000 евра ќе се санкционираат медиумите ако: ги објават резултатите од испитувањето на јавното мислење без да наведат кој го правел, на кој примерок, во кое време или доколку објавaт резултати од испитувањето на јавното мислење спроведено на денот на изборите.

Без говор на омраза

Посебна надлежност на Советот/Агенцијата е мониторингот на говорот на омраза во известувањето за изборната кампања. Воздржувањето од употребата на каков било говор на омраза спаѓа во основните новинарски стандарди. Врз основа на тоа што го регистрира, Aгенцијата има надлежност да ги санкционира медиумитекога ќе го прекршат законот со тоа што емитуваат изјави на претставници на изборна кампања или на кандидати со кои експлицитно или имплицитно се повикува на насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија или кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување национална, расна, полова или верска омраза и нетрпеливост, без притоа новинарот и медиумот да се оградат или да ја контекстуализираат изјавата.

Затоа, во изборен период, новинарите и медиумите треба да водат сметка за почитување на професионалните новинарски стандарди и принципи и начелата утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Новиот закон утврдува дека радиодифузерите во своите програми мора да обезбедат објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување на слободно оформување на мисле­­њето на публиката за одделни настани и прашања и да го поттикнуваат духот на толеранцијата, заемното почитување и разбирање меѓу индивидуите од различно етничко и културно потекло.

За работи кои не се точни или се делумно точни и засегната страна испрати демант, електронските и дневните печатени изданија мора да го објават демантот во рок од 2 дена и не смееат да го коментираат.

До формалниот старт на кампањата има уште време, но, според законот, обврските на медиумите веќе се почнати и секое прекршување сега, во овој момент, може, исто така, да биде санкционирано. Затоа, овие казни, извлечени од законските решенија нека бидат само мало укажување, додека за професионалноста, објективноста и непристрасноста не смее да се говори, тие мора да бидат основни постулати во секојдневното информирање, но за време на избори посебно нагласени.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).