Криво погледната политичарка добила ментално растројство

13.02.2014 11:55
Криво погледната политичарка добила ментално растројство

Скопје, 13 февруари 2014

Министерката за матни работи, Гоца Невровска, во тешка психичка состојба е примена на одделението за растроени политичари во Ургентниот центар во Скопје, откако новинар на прес конференција ја погледнал криво.

Невровска, која во јавноста е позната како особено емотивна и чувствителна, веднаш по скандалозниот поглед се расплакала, почнала да липа и да вреска со зборовите „Што сум згрешила?“ и „Зошто ме мразиш толку?“.

На патот до Ургентниот центар, министерката превртела неколку контејнери, скршила повеќе излози и претепала неколку деца што случајно ѝ се нашле на патот.

„Психичката состојба на нашата пациентка е исклучително тешка. Кривиот поглед од новинарот нанесол ненадоместлива штета на нејзиното психичко здравје. Не може да спие, плаче, има панични напади и зборува неповрзано“, вели психијатарот Добре Душегрижев.

„Според повеќе сведоци, новинарот кој ја погледнал министерката се готвел да ја праша за имотната состојба. Вистинска среќа е што тој не стигнал да го направи тоа, бидејќи такво прашање може да биде смртоносно и кобно за една кревка и ранлива душа како Невровска“.

Во меѓувреме, адвокатот на министерката поднесе тужба против новинарот за клеветничко гледање и нанесена душевна болка. Кога судот несомнено ќе пресуди во корист на министерката, новинарот ќе треба да ѝ плати 100 милиони евра.

Невровска бара и јавно извинување од децата која ги претепала на патот кон Ургентниот центар. Во спротивно, најави дека ќе поднесе тужба и против нив.