Женските тела во филмовите номинирани за Оскар

13.02.2014 14:16
Женските тела во филмовите номинирани за Оскар

Интересната идеја за целосна родова сегрегација на Оскарите, на новинарите Џејк Фланагин и Викторија Досон Хоф, би овозможила да се создадат категории за најдобра режисерка и најдобра сценаристка, и секако, би овозможила поголема видливост на жените во филмската индустрија, меѓутоа, најзначајниот родов проблем на Оскарите не би бил решен на тој начин.

Со оглед на тоа дека во продукцијата на повеќето филмови учествуваат тимови од мажи и жени, сегрегацијата во овој случај не би била можна. Сепак, токму категоријата за најдобар филм најјасно покажува дека Академијата претпочита филмови во кои мажите го придвижуваат дејството.

Во само три од девет филмови номинирани за Оскар оваа година, жената се појавува во главна улога. Во филмовите American Hustler, Gravity и Philomena.

Покрај недоволниот број женски улоги, треба да се обрне внимание и на прикажувањето на женските тела. Главната женска улога во филмот Her не е дури ни човечко суштество. Во филмот Dallas Buyer’s Club една од вкупно двете улоги кои според родовиот идентитет ѝ припаѓаат на жената, глуми цис-родов маж, со што ефикасно се заменува телото кое би покренало интересни прашања за разликата на полот и родот и се избегнува прашањето во која категорија би можело да биде номинирано трансродово лице.

Повеќето филмови номинирани во категорија за најдобар филм ги објективизираат женските тела нагласувајќи ја нивната сексуалност. Во филмот The Wolf of Wall Street една од глумиците снима секс сцена лежејќи на куп пари, додека друга е буквално облечена во пари. Иако би можеле да заговараме дека оваа сцена ја прикажува нечувствителноста на машките ликови, со величењето на светот во кој не постојат жени кои не се објективизирани, филмот всушност ја одобрува позицијата на машките ликови.

Нагласена сексуалност наоѓаме и во филмот American Hustler каде женските ликови цело време се облечени оскудно и надвор од контекстот на самиот лик и временскиот период кој филмот го опишува.

Во филмот 12 Years a Slave, главниот женски лик во буквална смисла на зборот е имот, и последователно е сексуално злоупотребуван од страна на својот робовладетел. Меѓутоа, за разлика од објективизацијата на женското тело во филмот The Woolf of Wall Street, филмот 12 Years a Slave ја критикува објективизацијата на жената и поттикнува сочувство со жртвата, а не со оној кој го извршува злосторството.

Само два од девет филмови номинирани во категоријата за најдобар филм суштински се за жените. Gravity и Philomena покажуваат дека приказот на женското тело може да биде и поинаков. Ликот на Сандра Булок во Gravity, и покрај тоа што поголемиот дел од филмот го минува во кратки панталони, во ниту еден момент не е сексуализиран. Она што се покажува е нејзината сила. Сепак, со споменувањето на нејзиното дете, филмот создава излишна референца на женскиот биолошки систем.

Во филмот Philomena, главниот лик го толкува Џуди Денч, чија возраст и физички изглед одговараат на карактеристиките на улогата која ја игра. Иако филмот зборува за потрага по изгубеното дете, жената која ја портретира е многу повеќе од „мајка на мисија“.

Заклучокот кој се наметнува е дека објективизацијата и отсутноста на женските ликови не би била толку проблематична ако се работи за поединечен филм. Она што е проблематично е зачестеноста на таквите филмови. Ова јасно ни покажува дека Академијата претпочита филмови за мажи, со жени во улога на сопруги или сексуални објекти.

Родовата сегрегација на филмовите можеби би им дала поголемо значење на жените кои работат во Холивуд, би ја овековечила разликата помеѓу женскиот и машкиот труд, но не би го решила проблемот во срцето на Холивуд, а тоа е дека филмовите за мажи се вреднуваат повеќе од филмовите за жени.

Извор: msmagazine.com

ОкоБоли главаВицФото