Кој се плаши од жените што сакаат секс?

14.02.2014 11:44
Кој се плаши од жените што сакаат секс?

Многу е мудар обичајот од мажот да се очекува иницијатива. Познато е дека ние жените секогаш сме подготвени за секс. Вие мажите – не сте. Не би било во ред да бараме нешто од вас, во момент кога не сте во состојба истото да го дадете.

Ова е една од шегобијните приказни на Поџо, напишани во 15 век. Така неименувана жена му одговара на мажот кој ја прашува: „Зошто, ако задоволството е двострано и заедничко, мажот секогаш мора да биде тој кој ја гони и наговара жената?“

Шест векови подоцна, во една од епизодите на комедијата Curb Your Enthusiasm, Лари е речиси потонат в сон кога Черил го прашува зошто таа постојано треба да иницира секс. Лари ѝ објаснува дека тој секогаш е расположен и дека само треба да го чукне по рамото. „Кога би било обратно“ ѝ вели тој, „јас постојано би те мавал со боздоганот“.

Што се случило помеѓу 15 и 21 век што довело до тоа вицот да остане ист, но половите улоги да бидат извртени? Се разбира дека не се случило многу, но во овој контекст се поставува интересно прашање: Како женското либидо го преминало патот од еднакво со машкото, до нивото на кое, барем од аголот на популарната култура и секојдневниот дискурс, практично исчезнало?

Проблемот на новото време

Антиката и ренесансата го немале истиот проблем со легитимитетот на женскиот копнеж. Меѓутоа, 18 век веќе донел силен пресврт. Жената која ќе искажела желба за секс била сметана за ментално нарушена, а нарушувањето се поврзувало со „тајното загадување“ (мастурбацијата) и „прекумерното конзумирање чоколада“ (ако некој мисли дека се шегувам, нека ја погледне оваа реклама). Дијагнозата имала име – нимфоманија – и се лекувала со чаеви, масажа, престој на воздух, физичка работа. Доколку лекарите и семејството ја проценеле состојбата на „заболената“ како многу тешка, се прибегнувало кон хируршки зафат – клитеридектомија, односно отсекување на клиторисот (женска кастрација).

Паралелата не е целосно издржана, но нимфоманијата може да се набљудува како дел од групата нарушувања во кои спаѓа уште и драпетоманијата, на пример. Драпетоманијата ја опиша и дефинираше Самуел А. Картрајт во 1851 година. Ова „ментално нарушување“ ги „напаѓало“ исклучиво црните робови, а се манифестирало во неконтролираната и страсна желба да се побегне од ропството. Во двата случаи, како и во уште неколку, постои авторитет кој на луѓето им наложува како да живеат, а непосветувањето внимание на неговата заповед се смета за патолошко.

Океј, денес жените не одат на лекар, ниту своеволно ниту со сила, ако почувствуваат желба за секс. И да, ја гледавме Саманта („Сексот и градот“). Сепак, колку Саманти познавате и какво мислење имате за нив, ама искрено?

Шест векови по Поџо, живееме во свет чии координати се два стереотипи: мажот мора, од него се очекува постојано да сака секс; жената – од неа се очекува да не сака секс толку многу и умно да управува со него. Значи, таа се согласува на секс зашто го толерира неговиот ненаситен апетит, го трампа за помали или поголеми добра како прстени, парфеми или бебиња (исто така, од жените се очекува да имаат неверојатна желба да добијат бебе). Целата концепција на феноменот 30 Rock, книгите, календарите и останатите производи на Porn for Women се врти околу следното: жените не сакаат секс; тие сакаат мажите да ги извршуваат домашните работи, да го впиваат секој збор што ќе го изговорат и експлицитно да ветуваат дека нема да бараат секс. Значи, затоа што жените не сакаат секс, тогаш во Porn for Women и не треба да има секс.

Проблем за двата полa

Гротескното сфаќање и интерпретацијата на женската сексуалност им создава проблем и на мажите, иако тие најмногу придонеле за тоа. Стрејт или би, мажот по дефиниција сака секс со жена. Но, зарем не ви кажале дека ние не сакаме секс, не чувствуваме потреба за него, грозно ни е што вие толку го сакате и едвај сме во состојба тоа да го толерираме? Имам пријател кој вели дека понекогаш се чувствува како да е биолошки наштимуван да испушта гасови само кога е во полн лифт.

Шегата настрана, овој стереотип и неговите суптилни варијации се основа на културата на силување. Ако жената никогаш не сака секс, ако никогаш не може да има искрена желба за него... па, во тој случај, единствен начин за да се добие е со сила. Варијацијата на стереотипот: жената всушност сака секс, но се преправа дека е невина и затоа – кога вели „не“, таа всушност мисли „да“. Интересно, но на ова се базира целата индустрија на љубовните викенд романи, чии автори и конзументи претежно се од женскиот пол. Тој е „рамнодушен“; во него нема да прочитате ниту еден вулгарен збор, но затоа тој секогаш „ја зема“ ненадејно, а кога ќе ја допре, кога таа ќе го почувствува неговото (секогаш) мускулесто тело, станува свесна дека всушност го посакувала постојано.

Истиот стереотип е темел за одбрана на културата на силување: ако таа знае дека тој постојано „го сака тоа“ и дека му е тешко да го контролира „тоа“, како ѝ доаѓа на ум да му се приближи облечена на таков начин? Зарем не и е јасно дека на тој начин го провоцира и дека тој е маж?

Заради објективност, треба да се каже дека истиот стереотип на сличен начин ги погодува и мажите, со подеднакво сериозни последици. Мажите денес можат да бидат жртви и на сексуално вознемирување и на изнуден секс. Зошто таквите случаи се пријавуваат екстремно ретко? Се разбира, таквите случаи ги има многу помалку во обратна насока, но сепак. Затоа што е срамно. Затоа што мажот секогаш мора да сака секс и кого воопшто се обидува да го убеди дека не ужива? Заради истата причина, наставничката која оди в кревет со четиринаесетгодишен ученик е изложена на многу помала стигма отколку наставникот кој ќе заведе четиринаесетгодишна девојка. А кој вели дека последиците не се исти? Во двата случаи поентата не е во сексот туку во играта на моќта и авторитетот, односно во злоупотребата на истите.

Проблемот на иднината

Стереотипите имаат неверојатна моќ. Делуваат како вирусите: се создаваат во телото на домаќинот, ја преземаат контролата над клеточниот метаболизам (во случајот на стереотипите – над процесите за мислење и заклучување) и домаќинот само треба да го прави тоа што вообичаено го прави, за да ги размножува и да им го продолжува животот. Денес на жените не им се заканува опасност од дијагнозата нимфоманија, но подеднакво ефикасна се покажува етикетата „една од оние“. Ако не сака да ја добие оваа етикета, жената не смее да покаже ентузијазам во поглед на сексот и мора да биде неискрена дури и кон мажот со кој живее.

Без разлика дали го сакаат тоа или не, дали се свесни за тоа или не се, жените ги дефинира дихотомијата курва – светица. Во речникот на „еманципираниот“ маж, таа дихотомија се преведува како: „жена со која мажите се женат“ – „жена која мажите ја избираат за љубовница“. За да се одбранат себеси, жените ќе го перпетуираат стереотипот во наредната генерација и ќе ги осудат и своите ќерки да живеат во границите на истиот координатен систем. Затоа е можна анегдотата за психоаналитичарот кому клиентот му се исповеда дека „мора“ да ја изневерува својата жена, зашто од неа не може секојдневно да бара секс и нешта кои го прават задоволен во кревет. Неговата сопруга има свој психоаналитичар, кому се жали за ниското либидо на нејзиниот маж и неимагинативноста во кревет.

Вината за опишаното навистина не ја носат жените, или барем не само жените. Да, жената може да го избере ставот „курва сум, па што?“, но тоа ќе ја вовлече во низа тешки избори, и тоа само зашто не постои ставот „јас сум жена која има здраво либидо и ужива во сексот“. Најпосле, стереотипот е начин на размислување и ниту еден не е изолиран. Ако споменатата дихотомија се преслика на целата популација, таа би гласела: напален фраер – чедна жена. Има ли тука место за мажите чие либидо не одговара на стандардите наметнати од современата култура? Со еден збор, сите губат.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

Слични содржини

Психологија / Теорија
Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото