Нема претставување без оданочување!

14.02.2014 12:08
Нема претставување без оданочување!

Сепак се чини дека пресвртна точка во односите помеѓу Англија и колониите било донесувањето на Законот за таксите (Stamp Act) од страна на англискиот парламент во 1765 година. Со овој закон било предвидено плаќање такса за секоја издадена исправа или документ на подрачјето на колониите во Северна Америка вклучувајќи и весници, карти и други печатен документи. Плаќањето на даноци и такси не претставувало новина за колониите, меѓутоа до донесувањето на Законот за таксите, даноците биле утврдувани од страна на избраните институции во колониите, а не од англискиот парламент. Донесувањето на Законот за таксите претставувало повреда на принципот на „No taxation without representation“ („Нема оданочување без претставување“) со оглед на фактот дека во англискиот парламент немало претставници на колониите. - Извадок од книгата „Историја на правото III дел“ од проф. д-р Билјана Поповска, издадена 2011 година.

Во пресрет на претседателските избори и сѐ поверојатните предвремени парламентарни избори во април годинава и можноста на дијаспората за прв пат да гласа на претседателските избори, а по втор пат на можните предвремени парламентарни избори, се вратив малку назад во времето кога дел од материјалот за испитот по „Историја на правото“ беше и делот за создавањето на САД.

Законот за таксите (Stamp Act) се косел со т.н Закон за правата (Bill of rights) во делот во кој на кралот му било одземено правото да воведува какви било даноци или такси без согласност на парламентот, којшто во свои раце добил целосна финансиска контрола, закон кој по славната „Револуција без крв“ (1688/89 година) при стапувањето на престолот го потпишуваат Вилијам и Мери. Поради силниот притисок од страна на колониите, пред сѐ поради тоа што се косел со Законот за правата (Bill of rights) и принципот „Нема оданочување без претставување“ истиот престанал да важи во сила после само една година.

Со измените на Изборниот Законик од март 2011 година, со право на глас се стекна и македонската дијаспора. И покрај тоа што повеќето граѓани на Република Македонија беа против измените во кои на дијаспората ѝ се дава право на глас, сепак извршната и законодавната власт не ги послушаа и ги донесоа измените на изборниот законик. Неколку месеци подоцна, се покажа дека бенефитот од правото на глас на дијаспората го искористи токму владејачката партија која доби многукратно повеќе гласови во однос на другите политички партии кои имаа предложено свои кандидати во трите изборни единици надвор од Македонија.

Поради економската состојба во која се наоѓаме од осамостојувањето па сѐ до денес, многу македонски семејства беа принудени да ја напуштат Република Македонија и својата потрага по среќа да ја побараат во Европа или прекуокеанските држави. До ден денешен многу македонски семејства своите најосновни потреби ги задоволуваат преку парите кои нивните блиски членови од семејствата им ги праќаат од дијаспората. Постојат уште стотина примери каде што македонската дијаспора се обидува некако да ѝ помогне на својата матична држава, па поради тоа јас како државјанин и жител на Република Македонија сум им благодарен, но од донесувањето на измените во Изборниот Законик па сѐ до денеска сметам дека правото на глас е преголемо право за некој што повеќе не е постојан жител, но е државјанин на Република Македонија.

Знам, ја сакате Македонија и ѝ помагате, но правото да одлучувате за нас и судбината на Македонија со тројца пратеници, односно со 1.578 гласови во седмата изборна единица, со 560 гласови во осмата изборна единица и 548 гласови во осмата изборна единица потребни за да се победи во овие три нови изборни единици не е соодветно на одговорноста која ја носи функцијата пратеник во Собранието на Македонија, додека за еден кандидат на политичките партии во шесте изборни единици да се стекне со пратеничкиот мандат му се потребни околу 10.000 гласови.

Самото тоа што Вие, како жители и лојални граѓани на други држави, каде што повеќето од вас поседувате државјанство на државата во која престојувате и со тоа го остварувате правото на глас, но и обврските кои државата ги наметнува врз основа на државјанството, ми дава за право да барам од законодавните претставници кои ја добиле довербата од македонските граѓани да пристапат кон повторни измени во Изборниот Законик и поништување на одредбите во кои дијаспората има право на глас на изборите во Македонија.

Состојбата во Македонија дијаспората не може да ја согледа читајќи ги вестите на македонските портали или гледајќи ги програмите на сателитските македонски телевизиски или радио канали. Состојбата можат да ја согледаат граѓаните на Република Македонија кои ќе излезат денес и ќе отидат да завршат некоја работа во државните органи, ќе поведат судски спорт и ќе ја видат ефикасноста и праведноста на судовите во Република Македонија или пак ќе бидат приморани да искористат дел од услугите од државното здравство каде што ќе се сретнат со најразлични ситуации.

Навистина ми е жал, што некој за лични и партиски интереси создаде аверзија кон целата македонска дијаспора со правото на гласање, исто така како што се создаде аверзија кон пензионерите кои го искористуваат правото на бесплатен превоз во вторник, петок или сабота.

Искрено се надевам дека македонската дијаспора ќе продолжи да работи за интересите на Македонија преку лобирања во државите каде што се постојани жители, додека пак на нас, постојаните жители на Република Македонија, ќе ни ја остават политичката одлука на кого ние ќе ја дадеме довербата на изборите.

Исто како што ние, како лојални граѓани и жители на Република Македонија имаме право да одлучиме кој ќе биде на чело на државата, така имаме и обврски кои произлегуваат од правната врска на државјанството.

Затоа, само ние, граѓаните на Република Македонија, треба да го имаме тоа право!

Државјанството не е само право!

Државјанството е обврска!

Нема претставување без оданочување!

Извор: neutralec.blogspot.com
Слики: Leah Saulnier