Насилството на власта раѓа насилство против власта

17.02.2014 12:10
Насилството на власта раѓа насилство против власта

Евроамериканските пожарникарски соопштенија за протестите во Сараево, Тузла, Мостар и Бихаќ, ме испровоцираа да напишам дека единствената грешка на луѓето што ги палат зградите на властите е тоа што ги палат без претседателите, премиерите, министрите и останатата апашанатска багра. Ми рекоа дека претерувам, но јас знаев дека без поминување на црвената линијата на политичкиот опортунитет, нема решение за балканските страдања! Кога бандитите камуфлирани во политичари без срам фатија да морализираат над запалените две-три згради во Сараево и Тузла, заборавајќи на животите на милиони луѓе што ги упропастија и на фабриките и државите што ги уништија, јас знаев дека сум во право! Макар во пораката.

Вашингтон и Брисел секогаш бараат протестите да бидат мирни дури откако ќе се случи некакво насилство врз луѓето или врз имотот на луѓето. Тоа значи дека тие не ги антиципираат добро ситуациите и однесувањата на власта и на општествата кои водат кон насилства, а со апелите за мирни протести по извршените насилства тие бараат протестантите да не ја менуваат констелацијата на силите и односите кои предизвикуваат насилство. Тоа е во, суштина, една шизофрена ситуација на светските моќници низ која, залагајќи се за ненасилство, тие, всушност, го стимулираат. Во теориите на заговорот тоа не е шизифренија туку доктринарна определба за менаџирање, стимулирање, а кај што е потребно и предизвикување на перманентни кризи со изгледност или дури со стварност на насилството. Менаџирање не на решенијата на проблемите туку на процесот на недогледната потрага по решенија!

Во суштина Вашингтон и Брисел ги бранат геополитичките решенија од Дејтонскиот мировен договор со кој во БиХ заедно со мирот беше инсталирана системската рамка на невидената пљачка. Под закрилата на тој договор и на инкубираната занесеност на широките народни маси по националните и идентитетски прашања во чија одбрана не само што успеаја да загубат се’ туку и тоа сѐ да го трансферираат на банкарските сметки и во имотните листови на националните бандити од кои сега Ештон очекува да покажат лидерство.

Но, сите ние знаеме дека насилството против власта се случува само ако не се спречени доволно долготрајните, интензивни и длабоки насилства на власта! Балканските државички што произлегоа од распадот на Југославија се типични докази за оваа хипотеза!

Тоа значи дека реалниот однос кон насилството на улиците се покажува пред тоа да се случи. Еве што би можело тоа да значи во случајот со Македонија, државичка во која се нараснати потенцијалите луѓето да почнат да мислат дека палењето на владата на Надвојводата Шарло е единственото решение на очајната сутуацијата во која се доведени сите што не се со премиерот, а јас мислам и голем број од оние што се со него, но не се свесни за димензиите на намагарченоста. И кои се очекувањата на потенцијалните насилници од нивните западни пријатели, какви соопштенија на Американците и на Европјаните во таа смисла очекува слободоумниот свет во Македонија пред да му докурчи од сѐ освен од огнот и деструкцијата?

Би сакале да ги чуеме јасните заложби на Брисел и Вашингтон против системот на идеолошкиот и партиски апартхејд што во Македонија се инсталира осум години! Како насилнички систем. Тој систем подразбира дека државните и општествени ресурси не им се достапни на сите граѓани под еднакви услови! Дека сите што не се членови или симпатизери на властодржечката партија се граѓани од петти ред. Тоа значи дека ние очекуваме помош во демонтирањето на власта како категорија под контрола на една партија и на еден човек како и при усвојувањето на уставни и законски гаранции дека тоталитарноста на власта во иднина нема да може да се повтори.
Независноста на трите власти никогаш не постоела во Македонија, но треба да се знае дека такво единство какво што е присутно денеска не било регистрирано ниту во најстрогите времиња на комунизмот.

Мора под итно да престане властодржечкото насилство над јавниот простор со глупави и штетни решенија во форма на зградурини, фасади, споменици и инфантилни фонтани, цркви и цветни аранжмани. Мора да престане медиумскиот терор на власта, промоцијата на владините политики не смее да се претвора во окупација на медиумскиот простор и во недозволена интервенција во животите на луѓето. Мора да престане професионалната и морална деструкција на медиумската сфера со највулгарни злоупотреби на државните ресурси како што се буџетските средства за корумпирање на медиуми и новинари и директни и индиректни притисоци кои водат кон затворање на слободните медиуми. Мора да престане речиси јавната пљачка преку наместени тендери и измислени работи. Мора да се пресече власта како дефиниција на корупцијата, а не да се апелира власта да ја засили таа борба. Мора да се примора власта да престане со систематското кретенизирање односно со културното и идентитетско разнебитување на сопствениот народ преку инфантилниот проект Скопје 2014 и сл. Мора да се замоли власта да се дистанцира од изборниот процес за да може да се одржат минимум фер и демократски избори. Мора да му се објасни на премиерот дека демократијата не е систем во кој тој ќе си има свој избирачки список, свои судии, свои опозиционери, свои полицајци, свои новинари... Мора да му се објасни на вицепремиерот дека свесното доведување во заблуда на општеството, посебно на надлежните институции во однос, да речеме, на надворешнио долг, е кривично дело. Мора, нашите западни пријатели да ни помогнат во потрагата по опљачканото богатство на Македонија!
И така натаму. Сѐ се ова илустрации на најтешките можни насилства на кои е изложена Македонија во однос на кои утрешното палење на владата, со премиерот или без премиерот, сеедно, ќе биде една незабележлива ситница!

Треба да се каже дека во последно време навистина зачестија изјави и оценки кои одат во оваа насока. Првин, американското разузнавање ја акцентираше политиката на етнички македонски национализам која се шири и интензивира на сметка на евроатлантските интеграции на земјата што ја прави општата ситуација експлозивна, а потоа државниот секретар Џон Кери на состанокот во Минхен истакна, без да споменува конкретни земји, но со јасни назнаки дека веројатно ја имал и Македонија предвид, соопшти дека „стремежите на народот се потиснати од интересите на корумпираните олигарси и дека станува збор за обиди за гушење на политичката опозиција и спротивното мислење, за купување на политичари и медиуми, за загрозување на независноста на судството и загрозување на правата на невладините организации“!

Ако Брисел и Вашингтон, Берлин, Лондон и Париз продолжат да заземаат вакви или уште покатегорични ставови против насилството на власта во Македонија, јас гарантирам дека луѓето никогаш нема да ја запалат владата. И дека за премиерот ќе побараат друго чаре.

Слики: Свирачиња
Извор: Глобус

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото