Зошто да работиме повеќе?

17.02.2014 15:44
Зошто да работиме повеќе?

Конвенционалната политика на вработување е насочена кон создавање „повеќе работа“. Луѓето без работа и корисниците на помош се сметаат за трошок на државата и се верува дека е потребен поттик или директна принуда за нивно вработување. Постои уверување дека работата е најдобар облик на социјална заштита и дека луѓето кои се способни за работа и треба да работат. Особеното внимание кое се посветува на работата оди на штета на една друга, далеку порадикална политичка цел, создавањето „помалку работа“. Меѓутоа, како што ќе се обидам да докажам, потрагата по помалку работа може да обезбеди пат кон подобар животен стандард, вклучувајќи поквалитетен работен живот.

Замислата дека едно општество би можело да работи помалку за повеќе да ужива во животот, се коси со типичното величење на моралот и дисциплинираноста на вредната работа. Посветеноста на работата, како што се тврди, е најдобар пат до просперитетот. Постои и идеја дека работата нуди можнсот за лично остварување, покрај основната материјална корист. „Правете го она што го сакате“, ни велат, и успехот ќе дојде.

Но, идеологиите како оваа се засновани на митот дека работата секогаш може да нѐ ослободи и да ни пружи основа за добар живот. Како што напишав на друго место, оваа митологизација на работата не ги зема предвид - туку всушност активно ги прикрива - силните проблеми на добар дел од работите кои се извршуваат во современото општество. За многу луѓе, работата значи да го работиш она што го мразиш.

Овде сакам да се осврнам на друг проблем кој се превидува во вообичаените политички расправи. Тоа е потребата за намалување на работата. Помалата работа овозможува неколку предности. Една е можноста да се надмине аномалијата на претерано исцрпување на едни и невработеноста на други. Порамномерната распределба на работата на расположливото население преку намалување на просечното работно време им овозможува на оние кои работат премногу да работат помалку, и на оние кои воопшто не работат да учествуваат во некоја работа. Друга предност е можноста за подигнување на квалитетот на работа со намалување на монотоното работење и проширување на креативните активности на работа. Намалувањето на работното време, во оваа смисла, може подеднакво да се однесува на реализација на природното задоволство кое го овозможува работата и на ублажување на нејзините тегобни одлики.

Економистите можеби негодуваат и велат дека намалувањето на работното време дополнително би ги зголемило трошоците на компаниите и би довело до згаснување на работни места (економистите од средната струја ги обвинуваат заговорниците на пократко работно време дека наседнуваат на „грешката на фиксната сума на трудот“ [lump of labour fallacy] и дека не ги земаат предвид поголемите трошоци за ангажирање на дополнителни работници со пократко работно време.) Еден одговор на тоа гласи дека подолгото работно време не е продуктивно. Краткото работно време може всушност да биде попродуктивно ако го поттикнува моралот и мотивацијата на работниците. Во пракса, би можеле да постигнеме ист животен стандард со помалку работни часови.

Но, поважно прашање е дали би требало да бараме од општеството да го толерира долгото работно време за едни и нула работно време за други. Зарем општеството не може да оствари порамноправна распределба на трудот која на секого му овозможува доволно време за работа и доволно време да прави што сака? Скратувањето на работното време би можело да понуди пат до таква распределба.

Постои и подлабоко прашање: дали треба да ја мериме вредноста на својот живот со тоа што го произведуваме? Култот на продуктивноста ги потиснува „полежерните“ начини на живеење кои можат да придонесат за човечката благосостојба. Преиспитувањето на овој култ и барањето начин за растоварување на работата би можело на сите да ни овозможи подобар живот и на работа и надвор од работното време.

Аргументите за пократко работно време не се нови. Кејнз, на пример, го поддржувал намалувањето на работното време како начин за постигнување целосна вработеност. Во писмото до поетот Т.С. Елиот од 1945, Кејнз пишува дека пократкото работно време претставува „конечно решение“ за невработеноста. Притоа Кејнз ја препознава предноста од растот на продуктивноста за намалување на работното време и, како што е познато, предвидува време (околу 2030 година) во кое луѓето ќе мораат да работат 15 часа неделно. Намаленото работење е дел од визијата на Кејнз за „добро општество“.

Маркс, од радикално поинаква перспектива, во скратувањето на работното време видел важен фактор на идното комунистичко општество. Трудот припаѓа на „царството на нужноста“ и со употреба на технологијата може да се скрати заради проширување на „царството на слободата“, каде луѓето можат да ги остварат своите креативни потенцијали преку активности кои самите ќе ги изберат. Маркс верувал дека во комунизмот трудот во „царството на нужноста“ може да биде задоволувачки, бидејќи би ја поттикнувал и користел креативноста на работниците. Каква тегобна работа и да преостане за царството на нужноста, во комунизмот би можела да се намали со користење на технологијата.

Уште еден застапник на пократкото работно време бил Џон Стјуарт Мил. Тој го отфрлил „евангелието на трудот“ на Томас Карлајл делумно затоа што со него се прикрива вистинската цена на трудот, вклучувајќи го и ропскиот труд кој Карлајл го бранел. Наместо тоа, Мил се залага за „евангелие на безделништвото“, тврдејќи дека технологијата треба да се користи за намалување на работата колку што е тоа можно. Ова истакнување на технологијата како средство за скратување на работното време подоцна повторно се јавува во есејот на Бертранд Расел од 1932, „Во слава на безделништвото“.

Основните идеи на овие писатели и денес имаат одек. Тие ја разбиваат романтичната претстава за работата и покажуваат дека напредокот на човештвото се огледува во тоа дали општеството извршува помалку, а не повеќе работа. Иако меѓусебно радикално се разликуваат, нивните идеи укажуваат на иднина каде оптоварувањето со работа се намалува и каде повеќе време е достапно за слободни креативни активности. Во случајот на Маркс, сѐ уште останува можност за претворање на работата во активност која носи задоволство, но исполнувањето на таа цел се гледа само во контекст на ситуација во која работното време е пократо. Намалениот обем на работа се смета за неопходен услов за подобра работа.

Конечно, целта на скратувањето на работното време се крие во создавањето можност луѓето да ги остварат своите потенцијали во разни активности, вклучувајќи ги и оние во доменот на трудот. Најкратко кажано, намалениот обем на работа би ни овозможил повеќе живот. Ајде да работиме на тоа.

Извор: The Guardian

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Живот / Теорија
Општество / Став / Живот / Теорија
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Општество / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото