Се очекува рекорден одзив на покојните гласачи

18.02.2014 08:33
Се очекува рекорден одзив на покојните гласачи

Скопје, 18 февруари 2014

Експертите прогнозираат дека на претстојните парламентарни избори во април ќе има рекорден одзив на покојните гласачи кои сѐ уште уредно се евидентирани во избирачкиот список.

Гласањето на покојниците во Македонија има силна традиција, а ваквиот тренд бележи пораст, особено во последните години. Политичките аналитичари ја сметаат оваа прогноза за реална, затоа што сите индикатори покажуваат дека покојниците се позаинтересирани за иднината на земјата од живите луѓе.

„Бројот на покојници на кои им е сеедно што ќе биде со Македонија не е толку голем како кај живите луѓе. Апатијата, рамнодушноста и резигнираноста се далеку поприсутни кај живите отколку кај мртвите. Оттука, се очекува речиси стопроцентна излезност на покојните граѓани на Македонија“, вели угледниот професор на Богословскиот факултет Јане Мермеровски.

Државната изборна комисија уште еднаш упати апел до граѓаните да ги проверат избирачките списоци и навреме да ги пријават починатите роднини во избирачкиот список. За оваа процедура, потребна е само посмртница и некаков доказ дека покојните би гласале за некоја од партиите од владината коалиција.

„Често се случува граѓаните отпосле да се јават со поплаки дека некој нивен починат роднина не бил заведен во избирачкиот список, но откако ќе помине гласањето не можеме да направиме ништо. Затоа, ги повикуваме граѓаните благовремено да ги пријават сите починати роднини во избирачкиот список“, вели претседателот на ДИК, Мортус Гробарчев.

Што се однесува до светот на живите, младите македонски граѓани - оние кои сѐ уште се во земјава - не се премногу заинтересирани за гласањето.

„Сѐ е тапа. Сѐ е за никаде. Ама што имам јас со тоа? Нека гласа дедо ми што почина пред три месеци“, вели 18-годишниот Александар Филипов кој не сака премногу да се меша во политичкиот и во сопствениот живот.