Запрете ја војната

19.02.2014 09:35
Запрете ја војната

Грчкиот филозоф Аристотел сметал дека космосот постоел отсекогаш. Причината поради која човештвото не достигнало поголем степен на развој, верувал, била тоа што поплави или други природни катастрофи секогаш ја враќале цивилизацијата на почеток.

Луѓето денес се развиваат побрзо од кога било порано. Нашето знаење експоненцијално расте, а со него и нашата технологија. Меѓутоа, луѓето ги задржале инстинктите, и особено агресивните импулси уште од времето на пештерскиот човек. Агресијата е неопходна за преживување, но средбата на модерната технологија и исконската агресија го доведува целото човештво и поголемиот дел од живиот свет на планетата во голема опасност.

Денес во Сирија таканаречените интелигентни политички цели се остваруваат со помош на модерната технологија во облик на бомби, хемиско и друго оружје. Но не звучи интелигентно да се гледа како гинат повеќе од 100.000 луѓе, како и децата се на мета. Се чини неискажливо глупаво, најблаго кажано, да се спречува испораката на хуманитарна помош до клиниките во кои, според најавениот извештај на организацијата за права на децата „Save the Children“, на децата им се ампутираат делови од телото бидејќи им недостига основна опрема и каде новороденчинњата умираат во инкубатори бидејќи нема струја.

Настаните во Сирија се гнасни, а светот ладнокрвно ги гледа од дистанца. Каде е нашата емоционална интелигенција, нашето чувство за колективна правда?

Кога зборувам за интелигентниот живот во вселената, под тоа го подразбирам и човештвото, и покрај фактот дека голем дел од човечкото однесување низ историјата не било во служба на опстанокот на видот. И иако не може да се тврди дека интелигенцијата, за разлика од агресијата, на долги патеки ќе се покаже како важна за опстанок, нашиот специфично човечки облик на интелигенција означува способност за трезвено размислување и планирање, не само на нашата лична туку и на нашата заедничка иднина.

Мораме да соработуваме за да ја запреме оваа војна и да ги заштитиме сириските деца. Меѓународната заедница веќе три години гледа од страна како овој конфликт беснее и ја проголтува секоја надеж. Како татко и дедо свесен сум за страдањата на овие деца и велам: запрете ја оваа војна.

Често се прашувам што би мислеле за нас другите видови од далечната вселена. Додека го набљудуваме космосот, всушност гледаме во минатото, бидејќи светлината која се движи од далечните објекти до нас стигнува значително подоцна. За што зборува светлината која денес ја испраќаме од нашата Земја? Кога другите ќе го погледнат нашето минато, дали ќе бидеме горди на таа глетка - како сме се однесувале едни кон други како браќа? Како сме им дозволиле на нашите браќа да се однесуваат кон нашите деца?

Сега знаеме дека Аристотел погрешил: космосот не постоел отсекогаш. Роден е пред околу 14 милијарди години. Но бил во право дека големите катастрофи претставуваат џиновски чекор назад за цивилизацијата. Војната во Сирија можеби не значи крај за човештвото, но секоја направена неправда го нарушува зданието кое нѐ поврзува. Универзалните принципи на правдата веројатно не се втемелени во физиката, но не се ништо помалку фундаментални за нашето постоење. Зашто, извесно е дека ниту без нив човечките суштества не можат долго да опстанат.

Извор: Der Tagesspiegel, 17.02.2014.