Како да откриете предавник

19.02.2014 21:46
Како да откриете предавник

На читателите им е познато дека епидемијата на предавници се шири со невидени размери низ земјата. Меѓутоа, не е повеќе проблем нивното размножување по геометриска прогресија, туку нивните суптилни начини да се камуфлираат. Затоа Коза Ностра ви помага како најлесно да откриете дали имате предавник во своето соседство и во своето опкружување.

1. Ако некој изрази неутрален став кон фасадата на зградата „Папагал“ во центарот на Скопје, тогаш е време да го запалите алармот. Тоа е сигурен знак дека тој нема ништо против хомосексуалците, што посредно значи дека е сомнителен во однос на традиционалните вредности на македонското семејство и сигурно мисли дека жената може да има и други улоги, освен да раѓа и да дои бебиња.

2. Ако на вашиот сосед не му се допаѓа идејата да се гради крст во Општина Аеродром, или, не дај Боже, случајно се изјаснува како агностик, тогаш задолжително проверете му ги ставовите околу „Скопје 2014“. Ако се и тие негативни, со сигурност станува збор за грчко-албанско-германско-американски шпиони со особени симпатии кон декадентните скандинавски земји. Подалеку од него.

3. Ако не оди на натпреварите Вардар-Шкендија и Вардар-Ренова и нема обичај да вика „Сапуни од Шиптари“, тогаш станува збор за класичен претставник на таканаречениот „македонски синдром на самоуништување“, ете, доживуваме и албански клубови да ни стануваат шампиони, што директно води до разјадување на македонското национално ткиво.

4. Случаите што одат во Грција на одмор и тоа не го кријат се најопасни. Нивниот предавнички карактер најтешко се открива бидејќи постојат и патриоти што одат во Грција, не за да уживаат во морето, туку да проверат во каква состојба се нашите територии. Но, ако од Грција се врати полн со фотографии што ги објавува на својот фејсбук-профил, тоа значи дека со своето однесување директно ѝ помага на пропагандата на непријателот.

5. Начините на камуфлажа на предавниците се мошне перфидни и тешко видливи за голо око. Никогаш не знаете во кого се крие предавникот. Затоа е неопходно секое утро внимателно да гледате во огледалото и системски да го изанализирате ликот од онаа страна. Ако ви се стори сомнителен, не двоумете се. Веднаш избламирајте го во јавноста. Подобро е да се спречи, отколку да се лечи!

Извор: Фокус бр. 958, 14 февруари 2014