Анима Мунди: Скандал е Градот да ги казнува оние кои ги сакаат животните

20.02.2014 16:39
Анима Мунди: Скандал е Градот да ги казнува оние кои ги сакаат животните

Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ ја нарекува скандалозна одлуката на Град Скопје, која утре ќе се најде на седница пред советниците, а со која се забранува хранење бездомни животни на јавни површини.

„Посочуваме дека предлог одредбите на Град Скопје се скандалозни за сите оние кои ги сакаат животните и се грижат за нив, кои преку својот волонтеризам и грижа за животните придонесуваат на градот, помагаат и се од суштинска важност бездомните животни да бидат со контролиран здравствен статус, стерилизирани, вакцинирани, мирни и сити. Помагаат да се чуваат и вдомуваат кучиња од улица. Скандалозно е градот да ги казнува тие луѓе кои толку многу придонесуваат и се де факто клучна алка во мерките за намалување на бројката бездомни животни – а при тоа да не нуди никакви одговори, мерки и решенија, кои ќе влијаат врз коренот на проблемот со бездомните животни, а тоа е неодговорното сопствеништво и неконтролираното размножување и напуштање. Е, таму казнувајте“, се вели во писмената реакција на „Анима мунди“.

Од здружението на градоначалникот Коце Трајановски му посочуваат предлог одлука која бараат да се вметне во новата одлука за комунален ред.

„Во прилог Ви ги доставуваме нашите Предлог промени на Одлуката, кои се согласни со македонското законодавство, стандардите на ЕУ, волјата на големото мнозинство граѓани, чиј градоначалник сте Вие. Она што го бараме од Вас е да не се избрзува со Одлуката чиј предлагач сте Вие, а бидејќи Седницата на Советот за разгледување на одлуката е закажана за утре, потребно ни е Ваше навремено произнесување како ќе постапите“, порачуваат од „Анима Мунди“.

Извор: a1on.mk