Турски поглед на Првата светска војна

20.02.2014 18:43
Турски поглед на Првата светска војна

Турскиот историчар Булент Билмез во интервју за Дојче веле зборува за тоа како во таа земја се гледа на Првата светска војна, какво е сфаќањето за улогата на Кемал Ататурк некогаш и сега, и каде се во сето тоа Србија и Балканот.

Кон крајот на октомври 1914 година, Османлиското царство влегува во Првата светска војна како сојузник на Германија и Австроунгарија. Меѓутоа, османлиската војска се покажала како премногу слаба и лошо опремена за борба на повеќе фронтови. Тоа резултирало со пораз. Турската војна за независност која уследила по Првата светска војна, зазема централно место во турската историографија.

На основањето на Република Турција, наследник на Османлиското царство, не морало да се чека долго: тоа се случило на 29 октомври 1923. Мустафа Кемал Ататурк, еден од најзначајните лидери на „Младотурците“, станува „татко на Турците“ и влегува во историјата како основач на републиката.

Историчарот Булент Билмез, претседател на независната фондација за историја „Тарих Вакфи“ со седиште во Истанбул, за Дојче веле зборува за турското толкување на Првата светска војна, прашањето на вината, наследството, опфаќајќи ги сегашноста и минатото.

Какво е турското толкување на Првата светска војна? Каква улога има таа војна во турската историографија?

Тешко е да се зборува за турското толкување на Првата светска војна, бидејќи постојат различни гледишта. Доминантно отсекогаш било она официјалното и кемалистичко, но секогаш имало и алтернативни перспективи, често потиснати. Во официјалната историографија, Првата светска војна е во сенка на таканаречената национална војна за независност, која избила непосредно по Првата светска војна и траела од 1919 до 1923. Таа е во центарот на турската историографија, бидејќи од неа настанува Турската Република.

Историчарот Булент Билмез: Турската војна за независност не фрла сенка само на Првата светска војна, туку на речиси се’ што се случило пред и потоа.

Галиполската операција

Војната за независност не фрла сенка само на Првата светска војна, туку на речиси сѐ што се случило пред и потоа. Главниот лик на револуционерната војна е Мустафа Кемал, кој тогаш сѐ уште не го носел презимето Ататурк. Првата светска војна, сама по себе, не игра голема улога, но некои моменти во официјалната истриографија се преувеличени, како на пример Галиполската операција (на турски 'ÇanakkaleSavasi'). Следната година е стогодишнината од Галиполи и во цела Турција се подготвува големо славје. Сеќавањето на таа битка за Турците е многу важно: непријателите биле запрени. Значи, тоа била одбранбена борба. Борбата на Галиполи сега се користи и како обединувачки елемент - да речеме, кога станува збор за мировните преговори со Курдите. Важно е да се нагласи дека „сите заедно сме се бореле за иста цел“, Турците, Курдите, Черкезите, Лазите итн. Тоа секогаш се истакнува како херојство.

Уште една битка од Првата светска војна, исто така често се споменува во официјалната историографија: битката на Сарикамиш. Османлиите ги предводел Енвер паша, водач на Младотурците, еден од главните ривали на Кемал Ататурк. Лошо опремената војска под Енвер паша била приморана да се бори со Русите, да ја премине планинската област по исклучително студена зима. Илјадници умреле за време на таа операција. Битката е изгубена. Приказната за таа катастрофа кемалистите често ја користат да покажат колку суров и лош водач бил ривалот на Мустафа Кемал.

Учебник по историја во Турија - некои моменти во официјалната историографија се преувеличани, како на пример Галиполската операција

Левичарска и конзервативно-исламска перспектива

Како што реков, има и алтернативни видувања на таа тема: левичарско и конзервативно-исламско. Левичарите во принцип се согласуваат со кемалистите. За нив влегувањето на Османлиите во војната било неизбежно. Тие исто така велат дека Османлиите биле многу важен сојузник, за воопшто да го зголемат значењето на Османлиското царство. Понекогаш влегувањето во војна се третира како грешка. Но, овде треба да се напомене дека одговорноста за влегувањето во војната му се префрла на Енвер паша, бидејќи тој командувал со првата офанзива против Русија и претрпел пораз.

Познато е дека Турција не учествувала во Втората светска војна. Кога зборуваат за Првата светска војна, секогаш на ум го имаат поразот. Затоа тие постојано повторуваат дека е мудро да не се влегува во Втората светска војна и дека таквата одлука требало да ја донесат и во Првата светска војна. Левичарите секогаш истакнуваат дека било погрешно да се учествува во војната на страна на Германија и Австроунгарија. Турција, османлиското царство, според нивното мислење била земја од третиот свет, која требало да ја поделат големите сили. Со влегувањето во војната, тоа царство од полу-колонија станало германска колонија.

Конзервативно-исламската перспектива е исто така многу интересна. За нив Османлиското царство е од големо значење, но и непријателството кон Енвер паша е во согласност со останатите гледишта. Крајот на војната во официјалната историографија е објаснет на следниот начин: „Ние не ја изгубивме војната, туку нашите сојузници.“ Царската војска морала да го прифати поразот, бидејќи пријателите изгубиле, тоа е многу чест аргумент. Ова е делумно слично на германското гледање на тој дел од историјата, кога се вели дека на војската ѝ е „забоден нож во грбот“.

Виновни се Германија и Австроунгарија

Кој е виновен за војната според турската историографија? Дали е тоа Гаврило Принцип?

Името на Гаврило Принцип во официјалната историографија не се споменува често. Тој е познат како Србин или српски националист. Многумина го знаат како член на терористичката организација „Црна рака“ која имала за цел анексија на Босна. Неговиот чин навистина се смета за непосреден повод за војната, но самата војна се гледа како неминовност, како резултат на ривалството помеѓу светските сили. Официјалниот став во Турција гласи дека сите големи сили се одговорни за војната. Постоела обврска да се соработува со сојузниците и тоа довело до домино-ефект. Вашиот сојузник некому објавува војна, а вие мора да застанете до него. На тоа се гледа и како на иронија на судбината, бидејќи сојузникот има задача да помогне да се избегне или да се спречи војната, но во овој случај тоа довело до ширење на војната. Значи, на крајот, вината ја сносат Австроунгарија или Германија, бидејќи не ја спречиле војната.

Дали моментално во земјата има политички и општествени струи кои идеолошки ја искористуваат 1914 и нејзините последици?

Минатите десет години, конзервативната исламска влада се обиде да ја демонтира кемалистичката приказна. Поранешната исламска перспектива станува сѐ подоминантна, се кристализира јасната идентификација со Османлиското царство. Османлиските војни сѐ повеќе се нарекуваат „наши војни“. Но Турција е друга земја, друга држава. Османлиското царство постоело пред Турција; сегашната влада, политичарите, новинарите, исламските историчари - сите се обидуваат да ја идеализираат таа војна, посебно Галиполската битка, во смисла „ние сме заедно како браќа и сестри“, но овој пат пред сѐ како муслимани.

Ривалите Енвер паша и Мустафа Кемал во учебник по историја

Глорифицирање на поразот

Тој вид глорифицирање и идеализирање на битката претставува предност за сегашната влада, зашто така можат да се избегнат судирите. И претходните власти го правеа тоа, ама кај нив во центарот на вниманието беше Мустафа Кемал, додека денес тоа се обичните луѓе и патриоти. Тоа е некој вид исламски патриотизам. Сегашната влада дури го глорифицира и сеќавањето на втората голема битка, онаа кај Сарикамиш - таа се користи како поврзувачки елемент. Таа битка, иако тоа била катастрофа и пораз, се претставува како нешто позитивно. Токму таа катастрофа сега би требало да ни донесе заедништво: „заедно сме страдале, заедно сме умирале, значи мораме да се држиме заедно“.

Кои се последиците и наследството од Првата светска војна? Турската република? Кемализмот?

Во официјалните документи и книги често може да се прочита дека Првата светска војна за Османлиското царство е завршена со Договорот од Лозана (1923). Воведени се нови прописи. Владата во Анкара била во состојба, врз основа на тие прописи, да се спротивстави. Настанува анти-империјалистичко движење. Но, тоа исто така има и некаква врска со комплексот на инфериорност: „големите сили го фрлиле светот на колена, а нашиот јунак, Мустафа Кемал, им се спротивставил на сите.“ Така, според официјалното мислење, е завршена Првата светска војна за Османлиското царство и Турција - благодарение на Лозана и Мустафа Кемал. Но, ако го вклучите меѓународното право, вистината е всушност поинаква. Лозана е еден од меѓународните договори за реорганизација на регионот, а по Првата светска војна повеќе не станувало збор само за големите сили. Пред сѐ станувало збор за борбата со Грците и внатрешните непријатели: Ерменците, Курдите, владата во Истанбул, итн. Тоа биле непријателите на владата во Анкара. Сето тоа е занемарено во официјалната историографија и единствениот аргумент кој важи, гласи: „Првата светска војна за Турција всушност ја завршил нашиот херој Мустафа Кемал.“

Заробени Ерменци во 1915 година

Век на етничко чистење

Во текот на Првата светска војна имало протерување на народи, Ерменците и Грците. Дали тоа било неопходно за да се создаде независна турска држава?

Во поглед на протерувањето на народите тоа било легално злосторство, бидејќи постоел договор помеѓу државите да се размени населението. Бидејќи на тој начин тоа било легално, често на тоа не се гледа како на злосторство против човештвото. Меѓутоа, имало и илегални злосторства, како што се, да речеме, геноцидот над Ерменците. Инаку, етничкото чистење било вообичаен метод помеѓу 1850 и 1950 - тоа се сто години, еден век етничко чистење. Тоа било апсолутно непотребно. За жртвите - тоа е злосторство, но тоа е загуба дури и за оние кои останале. Земјата без народи со кои се живеело заедно со векови, исто така е посиромашна. Тоа е загуба за сите. Само, за власта тоа имало позитивен аспект: на тој начин е создадена држава со која полесно се управува.

Што учат учениците во Турција од учебниците по историја?

Ќе ви дадам еден пример: познато е дека со Османлиската војска, во голем дел, командувала германската војска. Меѓутоа, улогата на Германија во наставата по историја е апсолутно запоставена. Имињата на германските команданти не се споменуваат често во учебниците, но затоа насекаде го има Мустафа Кемал - и во текстовите и на фотографиите. Мустафа Кемал е секогаш присутен, дури и во Првата светска војна. Нашата фондација работи на проекти и анализи на учебниците, земајќи ги предвид аспектите на човековите права. Наставниците и авторите на учебниците ни велат дека добиле инструкции од турското Министерство за просвета името на Ататурк постојано да го провлекуваат низ лекциите, без оглед на темата. Кога го слушнав ова, сфатив колку е тешко да се направи алтернативен учебник. Тоа може да се промени во текот на анти-кемалистичката кампања на актуелната власт, но не на отворен и цивилизиран начин. Во следните години, учењето историја може да се промени така што Мустафа Кемал нема да се споменува дури ни тогаш кога навистина е од големо значење. Тоа е проблем на оваа земја - одењето од една во друга крајност.

За геноцидот над Ерменците ништо не е напишано во официјалната историографија. За тоа се зборува како за протерување на Ерменците или како за неопходна мерка поради војната. Исто така, често се зборува дека Ерменците се убиени поради терористичките напади кои ги извршувале, значи, тоа се претставува како заемно убивање. Но, во учебниците за Ерменците ништо не е напишано.

На Балканот само сѐ започнало - и тоа е сѐ

Каква улога денес игра Балканот за Турција? Постои ли врска со Првата светска војна?

Османлиското царство го „испуштило“ Балканот уште пред Првата светска војна. Денешната политика кон Балканот има врска со надворешната политика на актуелната конзервативна исламска влада, која ѝ придава посебно значење на Османлиската империја и нејзините некогашни територии. Но, тоа нема никаква врска со Првата светска војна.

Дали постои врска помеѓу Првата светска војна и негативниот имиџ на Србите во 90-тите?

Не постои негативна слика за Србите. Имиџот од 90-тите нема никаква врска со Првата светска војна. Да, додуша, Балканот е важна причина за избувнување на војната, тука сѐ започнало, но тоа е сѐ. Турција не е дел од тоа.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото