1028 hPa
35 %

12 °C
Скопје - Нед, 09.02.2025 14:59
Колку се убави тие ракети што ја осветлуваат ноќта
Се искачуваат на својот врв и се наведнуваат за да гледаат
Тоа се танчерки чии погледи се нивните очи раце и срца
Ја препознав твојата насмевка и твојата живост
Тие се истовремено секојдневна апотеоза на сите мои Береники чии коси станале комети
Тие двојно позлатени танчерки им припаѓаат на сите времиња и на сите раси
Тие одеднаш раѓаат деца што имаат време само да умрат
Колку се убави сите тие ракети
Но би било многу поубаво кога би ги имало уште повеќе
Кога би ги имало милиони и кога би имале една целосна и поврзана смисла како буквите во книгата
Сепак убаво е исто како животот да почне да излегува од мртвите
Но би било убаво кога би ги имало уште повеќе
Сепак јас ги гледам како убавина што се нуди и исчезнува веднаш потоа
Ми се чини како да присуствувам на некоја гозба со осветлување што ноќта ја прави ден
Тоа е свечен обед што си го приредува земјата сама на себе
Таа е гладна и ја отвора долгата бледа уста
Земјата е гладна и ова е нејзината гозба на канибалскиот Валтазар
Кој би можел да рече дека до таа мерка може да се биде човекојадец
И дека треба толку оган за да се испече човечкото тело
Затоа воздухот е исполнет со мирис на нагорено месо кој богами не е непријатен
Но гозбата би била уште поубава кога и небото би јадело заедно со земјата
Таа ги голта само душите
А на тој начин не може да се нахрани
И се задоволува да си игра со разнобојни огнови
Но јас сум втонат во сласта на оваа војна заедно со целата чета долж долгите ровови
Моето присуство се огласува со по некој крик на пламенот
Си издлабив корито по кое течам разгранувајќи се во илјадници мали рекички што одат насекаде
Јас сум во ровот од првата линија а сепак сум насекаде или подобро речено почнувам да бидувам насекаде
Јас сум тој што ја почнувам таа работа на идните векови
За тоа ќе треба повеќе време отколку за создавањето на приказната за летачот Икар
И’ ја оставам во завештание на иднината приказната за Гијом Аполинер
Кој беше во војна а сепак знаеше да биде насекаде
Во среќните градови на заднината
Низ целиот свет
Во оние што умираат заплеткани на бодливата жица
Во жените во топовите во коњите
Во зенитот во спротивната точка од земјината топка на сите четири страни на светот
И во единствената жестокост на оваа вечер наспроти големите настани
И несомнено би било уште поубаво
Кога би можел да претпоставам дека сите тие нешта во кои сум насекаде
Можат исто така да се вселат во мене
Но во таа насока не е ништо постигнато
Зашто макар што во овој миг се наоѓам насекаде сепак во мене нема никој освен мене
Препев: Влада Урошевиќ
Слика: Франциско Гоја