1012 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пет, 19.04.2024 01:21
Реферирајќи на архитектурата на Кензо Танге, архитектонското студио Inout, предводено од Марио Бенедето Аси, а во соработка со архитектите Дејан Паскалов, Љубица Будимовска и инженерот Благоја Димитриевски, ја изгради куќата GD House, во скопското село Бардовци.
Сместена на површина од 2.000 метри квадратни, куќата има гаража, главен дел за престој, базен и гостински апартман.
При проектирањето, архитектите внимавале на обезбедувањето на приватноста, сместувајќи повеќе различни објекти на рабовите на плацот и создавајќи двор во средината. Таваните во различни простории се со различна височина и ги карактеризираат соодветни различни амбиенти.
„Секоја страна од куќата нуди различно ниво на приватност и релации кон надворешниот простор“, велат архитектите.
Тие сметаат дека архитектурата на Кензо Танге и материјалите користени за изградба на важните скопски објекти се она што го разликува главниот град на Македонија од останатите европски главни градови. Според тимот на Inout, бруталистичките објекти сѐ уште се важен конститутивен елемент на скопскиот урбан пејзаж.
Оттаму, за GD House тие црпеле инспирација токму од човекот кој по катастрофалниот земјотрес во 1963 година го создал генералнот урбанистички план за обнова на Скопје.
Извор: www.domusweb.it