Математиката може да биде убава како уметничко дело?

22.02.2014 13:46
Математиката може да биде убава како уметничко дело?

Едно истражување во кое биле скенирани мозоците на повеќе испитаници покажало дека сложените низи од броеви и букви во математичките формули можат да делуваат убаво како и уметничките дела и музиката на врвните композитори. Во истражувањето, на повеќе математичари им биле покажани „грди“ и „убави“ равенки, додека биле под скенер.

Истите емоционални центри во мозокот кои реагираат на уметноста, биле активирани и со гледањето на „убавите“ равенки, па истражувачите сугерираат дека можеби постои некаква невробиолошка основаа на убавото.

Ојлеровиот идентитет или Питагорината теорема ретко се споменуваат во ист контекст со најдобрите композиции на Моцарт или сликите на Ван Гог. Меѓутоа, за потребите на студијата објавена во журналот Frontiers in Human Neuroscience, 15 математичари имале задача да ја оценат „убавината“ на 60 формули.

„Голем број подрачја во мозокот се активираат кога ќе се погледнат равенките, но кога некој гледа формула која изгледа убаво, тоа ја активира областа задолжена за емоциите“, вели професорот Семир Зеки, еден од истражувачите.

За најголем број испитаници, Ојлеровата формула е најубава. Таа е преубава и за професорот Дејвид Перси од Институтот за применета математика во Британија.

„Таа е вистинска класика и нема да најдете ниту една подобра. Таа ги содржи петте најважни математички константи - нулата, единицата, 'е' и 'пи', како и 'и'. Ги опфаќа и трите најважни математички операции - собирање, множење и степенување“, вели тој.

„Бидејќи 'е', 'пи' и 'и' се многу сложени и навидум неповрзани броеви, неверојатно е тоа што се на едно место во оваа формула. Прво не ги разбирате последиците од нејзиното постепено делување, можеби исто како кога слушате некое музичко дело, а потоа ве одушевува нејзиниот целосен потенцијал.“

Тој вели дека убавината е „извор на инспирација и дава волја за нови сознанија“.

Математичарот Маркус ду Сотој вели дека „апсолутно гледа убавина во математиката“ и дека тоа го мотивира секој математичар.

Тој смета дека самата постапка на решавање на равенките и пронаоѓањето на формулите е возбудлива, а не конечниот резултат, исто како што во едно музичко дело не е доволно да се отсвири последниот тон.

Инаку, испитаниците ги оцениле бесконечните низи на Сриниваса Рамануџан и Римановата функционална равенка како најгрди формули.

Извор: BBC

ОкоБоли главаВицФото