Морис

22.02.2014 16:02
Морис

Романот „Морис“ на англискиот писател Едгар Морган Форстер е приказна за млад човек од средната класа во потрага по сопствениот идентитет во рамки на општество во коешто нема место за остварувањето на неговата љубов кон маж.

Објавен 1971 година, една година по смртта на Форстер, пишуван меѓу 1913-1914 година, а ревидиран во 1932 и меѓу 1959-1960 година, овој роман е единствениот во неговиот опус кој доминантно се занимава со љубовта меѓу мажи. Плашејќи се јавно да истапи со својот геј идентитет, Форстер сметал дека романот требало да остане необјавен „сѐ до неговата смрт или до смртта на Англија“. Сепак, редовно го покажувал во кругот на најблиски пријатели, меѓу кои бил и Кристофер Ишервуд. Притоа, некои од нив го критикувале неверојатно еуфоричниот крај на романот, во којшто главниот лик Морис, со потекло од средната класа, се вљубува во Алек, ловочувар, и го отфрла својот угледен урбан живот за да живее со рурална идила со својот љубовник од ниската класа. Сепак, Форстер одбил да го измени крајот, иако во неколку наврати правел ревизии на романот.

Романот „Морис“ е повик за емоционална и сексуална искреност, воедно и прониклива критика за репресивните норми на англиското општество. Во „Морис“, авторот го отвора и прашањето на автоперцепцијата, разбирањето на себеси и себеостварувањето во непријателски настроената средина. Морис се бори со себе, а истовремено и со сопственото опкружување, за да изнајде простор каде што би можел да биде тоа што чувствува дека е, и како таков да биде прифатен. Со тоа се отвора конфликтот меѓу внатрешниот живот, или потребата да се живее сопствениот живот во согласност со вистинската природа на неговите емоции, и надворешните социјални сили што тежнеат кон тоа да го дефинираат и вкалапат животот на секоја индивидуа во однапред одредени строги калапи.

Свесен дека објавувањето на романот би предизвикало социјален бес и гнев, Форстер го подготвил за постхумно објавување, додавајќи ја реченицата: „Би можело да се објави - но дали вреди“ на корицата на ракописот.

ОкоБоли главаВицФото