Интервју со Ѓорге Иванов

24.02.2014 12:37
Интервју со Ѓорге Иванов

Почитуван господине Иванов, штотуку беше обелоденета граѓанската иницијатива за Ваша повторна кандидатура за претседател на Македонија. Се радувате ли?

-Нормално дека се радувам. Опа-иха! Са! Са! Оваа прилика ја користам да ги поздравам сите што ме поддржуваат и да им фрлам клетва до две на сите што не ме поддржуваат. Воедно, да ги повикам добро да размислат тие што не се сигурни дали се потпишале за поддршка на мојата кандидатура.

Кои се вашите предности во однос на останатите кандидати?

-Можеби Јове Кекеновски свири на хармоника, ама целата музика на светов звучи подобро преку моите појачала. На Ванковска сум ѝ скар, а Стојанче Ангелов не е прав патриот бидејќи не е од ДПМНЕ. Кандидатите од албанскиве партии а приори не ги есапиме. Од кандидатот на СДСМ, кој и да е, во старт сум подобар, затоа што секој од СДСМ е жив ѓавол, како што ќе покажат и црните пропагандни спотови што се во подготовка. Трпение-спасение.

Од сите ваши достигнувања како претседател на државата, што би издвоиле како најважно?

-Најпрво би ги издвоил достигнувањата во областа на реториката. Моите изјави долго ќе се паметат и ќе бидат цитирани повеќе од оние на Пауло Коелјо и Лао Це заедно. Не да се фалам, ама многу граѓани ме сметаат и за мистик-мудрец, па нагалено ме викаат Хорхе Лама. Понатаму, тука се и моите бројни средби со нашите браќа Хунзи и останатите важни светски лидери, намигнувањето на Барак Обама, празијадите, берењата калинки и други овошки и зеленчуци, посетата на повеќе селски панаѓури, телепатското предизвикување дефект на авионот што требаше да ме носи во Сочи... Би ја спомнал и фрапантната согласност за секое прашање со премиерот. Ова и за мене донекаде е мистерија...

За тие што не разбрале, да повториме: што е разумен компромис?

-Разумен компромис си е разумен компромис.

Која е вашата позиција за името?

-Република Македонија ерга омнес, сѐ додека не кажат поинаку од партија. Цена по договор. Контакт адреса: Вила „Водно“, ул. „Ацо Караманов“, 33А 1000 Скопје, Република Македонија (или некое друго име за кое ќе се договориме бранејќи го уставното).

А кој е вашиот став за презимето?

-Иванов.

Дали сѐ уште мислите дека демократијата е како космодиск?

-Да, македонската демократија сѐ уште е космодиск, но збогатена со орбитрек, тотал џим, други производи од топ-шоп и пар полициски пендреци. Задолжување башка.

На скала од 1 до 10, колку сте независен од останатите структури на власта?

-Вие сте новинари и треба да знаете колку сум независен. Ама ај, да ви олеснам. Еданаес’.

Дали Македонците се словенски или антички народ?

-Антички Словени. Словените и античките Македонци зборувале ист јазик. Дел дошле од Пакистан, некои од Скандинавија, други од Мадагаскар. Но, сите ние сме Македонци, дури и оние малубројни што паднале од Марс. На оваа тема подготвувам обемна студија, за која - како што дознавам - ќе ми биде доделен почесен докторат.

Што би им порачале на вашите гласачи?

-Да гласаат за мене, зашто таква е волјата Божја и Грујова. Исто така, им порачувам да се потпишат за некој од независните кандидати. Колку повеќе ривали ќе победам, толку појак фраер ќе бидам во маало (значајно намигнува).

Со која песна би ги поздравиле читателите на Пара вести?

-Би ги поздравил не со песна, ами со цел албум - „Армоникашки сон“ на Јове Кекеновски. Оваа прилика ја користам да го поздравам и премиерот Никола Груевски, со песната „Волио бих да те не волим“ од Хари Мата Хари.