Поетика на кривотворењето

25.02.2014 12:25
Поетика на кривотворењето

Кругот ќе се затвори кога непобитно ќе се утврди дека цела една земја, за чијашто таинственост и за нејзиниот диктаторски поредок наголемо се раскажува, е голем блеф направен од картон, пластика и сличен наивен материјал. Во неа се и трик-автоматите, зданијата од армиран стиропор, возилата од хартија, народот од тарот-карти, со лажна книжевност и филозофија... Сè во таа земја е вештачко, па оттаму - колку лажно толку и вистинито. Земјата не е измислена, туку навистина е направена, но како совршена и евтина симулација. Не е дело на никаков заговор туку веледело на минијатуристи и макрономичари во прилог на доказот дека целиот друг свет е фалсификуван.

Јовица Аќин, Поетика на кривотворењето

Фасадното сквернавање на едно од најиконичните дела во историјата на македонската архитектура, зградата на Владата, е злостор од огромни размери, пред сè во симболична и културна смисла. Тој злостор ги надминува дури и „талибанските“ варваризми (рушењата на култните будистички фигури во Авганистан, на пример), зашто овде уништувањето перверзно се извршува преку камуфлирање и прерушавање (менување на рувото). Во персискиот јазик постои чудесен израз: war nam nihadan, што значи да убиеш некого, да му го закопаш трупот, а потоа преку него да засадиш цвеќе за да се сокрие гробот. Целиот манијакален „проект“ СК014 е токму тоа: убивање и „асанација“ на теренот со најужасно вештачко цвеќе.

СК014, т.е. антиквизацијата, исто така може да се спореди со бразилскиот обичај Grilagem: во кутија со нови фалсификувани документи се става штурец и потоа таму се држи затворен сè додека неговиот измет не предизвика документите да почнат да изгледаат уверливо старо и исправно (буквално, зборот grilagem значи „штурецување“). Разликата е само во тоа што овдешните гомноисфрлачи не се кутри штурци туку опустошувачки скакулци или термити способни да прождерат цела шума.

Кога веќе тргнав со сликовити споредби, еве уште една; за да се разбере ужасот СК014 корисно е да се познава концептот на пластичните операции на француската уметница Орлан. Така,на пример, во една пригода Орлан се изложила на операција со цел: да има брада на Ботичелиевата Венера, нос како Психа на неокласицистот Жан-Леон Жером, усни како Европа на рококо мајсторот Буше, очи на Дијана како што ги сликале следбениците на школата Фонтенбло и чело на Да Винчиевата Мона Лиза.

За читателите на кои споредбиве можеби им се преестетизирани, еве еден поедноставен политички пример за што зборуваме кога зборуваме за СК014, за антиквизацијата и груевизмот (зборуваме за лага, измама, обмана, за пљачка и злостор):

За време на полскиот комунизам, во големата индустриска фирма „Елвро“ дошла на посета угледна кинеска делегација. За да се пофалат пред гостите, домаќините брзо направиле мноштво компјутери од картон, убаво ги обоиле и ги наредили долж халата. Во компјутерите уфрлиле и трепкави сијалички на батерии. Бидејќи се погодило денот на посетата да биде сабота, им наредиле на работниците да дојдат на своите работни места. Синдикатот ја поддржал целата акција со лажните компјутери околу кои забрзано лажно работеле лажни саботни работници. Се разбира, и синдикатотот бил лажен. Некои велат дека и кинеската делегација била лажна.

Цела Македонија во огледалата на груевизмот изгледа како хала полна со трепкави компјутери од картон (комплет со медицинската опрема на Тодоров). „Во неа се и трик-автоматите, зданијата од армиран стиропор, возилата од хартија, народот од тарот-карти...“ Накусо, целата земја и целиот народ се сведени на измама. Измислена им е историјата, фалсификувана сегашноста и спакувана во медиумски порции за дневно дрогирање; оти е потребно ионака замелушениот и шашардисаниот народ секој ден да прима коњски дози вештачка стварност.

Размислуваjќи за чарето од овој ужас во кој сме набутани некни налетав на генијалниот филм на Стив Мек Квин, „12 години ропство“: после добро смислено киднапирање, еден црнец завршува како роб, а неговото ропство трае 12 страшни години.

Не би сакал своевидното ропство во кое се втурнати граѓаните на Македонија да трае 12 години, ама како тргнале работиве... Живееме во сосема извртен свет. Лудаци и криминалци станале господари и авторитети. И секој ден се прашуваме: кога ќе заврши заробеноста во одаите со изобличувачките огледала? Кога ќе се разбудиме од кошмарот и лагите? Кога ќе се соочиме со ропската реалност на една уништена земја? Кога превртената слика, превртените вредности, ќе ги исправиме?!

Еден од моите омилени писатели, Мишел Турние, има интересен и поетичен концепт за „конечно сивото“ (за што пишувал и Аќин). Приказната оди вака: Историјата на Кантовиот парадокс со ликот во огледало во одредена смисла започнува уште кај Платон кој во „Тимај“ ќе го истакне огледалното пресвртување на страните: кога левата станува десна, а десната лева. Фотографот, меѓутоа, располага со можноста наместо предметот чијшто лик се одразува да го преврти самиот негатив на филмот. Со вртењето на филмот така се добива и промена на страните, левата доаѓа на десно, десната на лево, но исто така и црното се претвора во бело и обратно. Тука сега се појавува - сивото. Во пресвртувањето на црното и белото, вели Турние, сивото исто така трпи промени, но во степен дотолку помал колку што повеќе се приближуваме до средното сивило во коешто црното и белото се сосема урамнотежени. Тоа средно сиво е оската околу која се врти инверзијата, оската која притоа не се менува, останува конечна. Дали кој било, прашува Турние, се обидел да го одреди тоа конечно сиво, отпорно на сите преобразби?

На фотографиите: Orlan

ОкоБоли главаВицФото