Национализација на ОКТА

25.02.2014 14:41
Национализација на ОКТА

Најголем проблем е кражбата. Политиката постои заради пљачка. И неказнување после мандатот. Држава во која нема дебати и размена на аргументи, спонтани настани кои ќе овозможат адаптирањe на информациите кои ќе станат видливи и достапни, јавни и транспарентни, држава ли е тоа во која нема срам од инфериорното знаење на поединците кои ги обликуваат процесите? Политика е тоа што го крадеш за себе, на очиглед на сите.

Природно место на опозицијата се медиумите. Тие треба да бидат брана од неолибералната капиталистичка наезда. Дополнителен слој се универзитетите и училишните јадра; левичарите како да се исфрлени од системот во кој владеат командна политичка економија и контролирани медиуми. Ако во автономните зони не доминираат левичарите, тогаш е за сериозна дискусија каква е таа земја.

Мора веќе еднаш да се постави сопственичка структура на медиумите. Сегрегацијата на должности бизнис спроти уредувачка политика, каскадно поврзување на повеќе медиуми под иста капа со сомнително нетранспарентно финансирање, сопственост на медиуми од странски државјани итн... Цела листа на фаули... Потребен е радикален пресврт, би поентирал.

Сметам дека насоката за која ќе мора да се избориме е: системски промени во државата -придобивање на јавното мислење и културен притисок, прогресивна ентропија и колективна интелигенција спротивно од колективната хипноза во која сме потопени. Научниците молчат со години, поради заштита на личната кукавичка позиција во која има темни џебови, заклучени за љубопитната јавност.

Добрата команда врз македонскиот јазик е предуслов без кој ќе се случи класична дисквалификација на единката. Од медиумите, сметам, се очекува да станат еден вид играчка за пациенти, со дијагноза која ќе се детектира јавно и која ќе завршува летално, така што, медиумите и дебатите ќе мораме да ги разбереме како - игра. И ништо повеќе од таквата бласфемична помпезност и претенциозност како и ароганција на пумпана вреќа од мисли и ставови кои се нишаат те ваму, те таму. Но, затоа ќе ги има мноштво и ќе биде забавно.

Дебатата е петпарачка занимација за интелигенцијата – бесплатна играчка. За тоа се потребни сцена и кловнови. Таквата игра можеби ќе импресионира и млади да се вклучат во културата на разговори со другите, за да се ослободиме од минхаузеновската хипноза која владее со македонското општество, за напред кон напред, а не „напред кон назад“ . Но, идеалистите кои мислеа за државата и јавните добра се уништени од тројството: пиштол, убиство, пари; сепак, го коваат своето тројство: искра, гориво, мотор. „Нашата задача е да го запалиме фитиљот“, е крикот кој ја запали Босна, Шпанија, Турција и Египет, Грција со години крвави.

За Хајдегер „јазикот е домот на битието“, што е суштински исто од тоа на Конески „татковината е таму каде што е јазикот“.

Сопственоста на ресурсите е во рацете на поединците кои ја контролираат војската и полицијата кои ќе наредат апсења и пукање, ќе фабрикуваат процеси и ќе го бранат тоа што никогаш не било нивно, имено, земјата на која се изградени фабричките комплекси, тлото под фабриките, планините, водите, воздухот и енергијата, шумите и рудите. Јавно достапни секогаш биле и добрата како: пошта, железница, нафтената индустрија и енергија, води, телекомуникации, инфраструктура, шуми и рудници, дворови на фабрички комплекси итн. Парадигмата на Конески според тоа треба да се дополни со: „татковината е таму каде што е јазикот и сопственоста врз земјата“. Сопственоста на ресурсите е сопственост на сите, која во тој момент го губи својството на сопственост или добива својство на заштитеност наспроти сопственоста која ја посакуваат поединци, состојба во која се наоѓаме денес.

Сметам дека има сериозна вина и одговорност во валканите политичарчиња кои се збогатија во меѓупросторот низ кој сѐ уште како да патуваме, богатења, кои станаа константа за секоја влада со болна опиеност од моќта. Би напишал, слободата во смисла која треба да ја живееме е слобода на грешки и редно е и легитимно да има барање за поправање на грешките доколку се препознаени како историски и системски. Пишувам за историските промашувања кои се случија од незнаење, неикуство и поради инерцијата на распадот на претходната држава.

Преземање лична одговорност никогаш не видовме, ниту пак во историска смисла одговорноста доби на значење еднаква пропорција како што се случува со последиците од грешките кои ние уште ги вариме. Во таа смисла одговорноста за идни одлуки и стратешки процеси мора да се поврзе во директна релација со медиумите како механизам кој ќе има автоимун саморегулирачки самосвесен контролен апарат, кој ќе се активира без надворешна интервенција. Овој механизам еднаш веќе мора да се постави!

Историските грешки при приватизацијата создадоа статистика на атомизација на животите и комплетна монетаризација и умртвување на односите помеѓу сите нас. Тука е битен феноменот на учење и подучување, грешење и растење со грешките. Прикажано преку примерот на учење пијано, да замислиме поединец кој поради историските околности седнува на пијаното и учи да свири врз државата со притискање и промашување клавиши, грешки во тактот, лоша кондиција и несериозност кон обврските за студирање на процесите и мелодијата на времето итн. Прстите мораат да бидат наредени како гроздови кои паѓаат врз хармониската линија, но ако ученикот е политичар, тогаш, учителот се обезбедените консултации со народот на избори. На пијаното Македонија свиреа лушпи од луѓе кој никој не ги мавал по прстите. Водеа државни процеси и сега гледаме назад и разбираме дека тоа не беа политичари од ков, туку феномени на распуштеност и идеолошка забеганост, полевања со моќ, потсвесна дразба која го извади неартикулираниот дивјачки хумор низ процепот на времето и нѐ обли, хумор кој беше контролиран со синџири, и кој секогаш имал име: согледаниот македонски комплекс на инфериорност.

„Големите писатели се писатели на нон-сенсот, затоа пишувајте со погледот во небото(!), бидејќи, на звукот на дождот не му е потребен превод“. Што вели звукот на пијаното?

Скапоцени парцели земја се поделени во четири очи при лош штимунг, за мелодија не ни може да говориме. Маестро ќе мава по прстите бидејќи фасцинацијата за убавиот звук е поснажна од тактовите на историските промашувања и бедни процени. „Ќе мавам по прстите додека не научат!“ Ќе маваме! Според тоа, редно е да ги поправиме грешките од приватизацијата кои се покажаа како погубни во концертната хала со фантастична историска акустика, преку новата генерација политичари која сметам дека ќе се појави наскоро.

Блејк: „Енергијата е вечна радост“!

Национализација на ОКТА пријатели! Зошто ОКТА, која е раководена од Хеленик петролеум? Поради строгиот политички резон од избезумената приватизација, тоа што не смееше да се помисли да се приватизира гледано преку свирците на кои немаше кој да им ги стегне лудачките кошули и кои ставаа потпис за продажба на „купот железо“, и односот кој ОКТА како и ред други раководства на компании го имаа и го имаат кон нас, еколошки, политички, па сѐ до секојдневната борба за право и пристап до евтин енергенс, во смисла дека државата и компаниите буквално нѐ пљачкаат со дуплирање на реалната цена на горивото. Ако се одземат сите давачки кои ги додава државата на цената на горивата, излегува дека ние плаќаме два пати поскапо од реалната цена. Зарем не би било фантастично да плаќаме барем 20 денари помалку за гориво, не дај боже 35 денари?! Државата може да се откаже од половина од приходот од еден литар гориво, но тајната е дека „Македонија вози за да се полни буџетот“. Ситуацијата е дополнително искомпликувана со тоа што сопственик е грчката држава, формално-правно, но сметам дека се одземени правата на вистинските сопственици на рафинеријата, а тоа сме сите ние наследници на нашата земја. Ресурсите и фабричиките погони беа градени од нашите родители. Ние не сме обештетени, нашиот удел е ограбен.

Стратегијата е: сопственик на ОКТА да стане државата Македонија. Балканите – тоа го знаеме сите и треба да престане да се повторува - создаваат политика базирана на реакции од акциите на соседите, така што треба да се пресмета каква реакција тоа ќе повлече, иако, повторувам, процесот на приватизирање на рафинеријата одеше без наше референдумско одобрување. Правно Грците ја контролираат Рафинеријата, а според тоа ја контролираат сиромаштијата и индиректно економијата на Македонија, меѓутоа, таквата призма не смее да нѐ одврати од тоа што е наше.

Кога да се национализира? Два дена после самитот на НАТО во Британија. Потоа ќе дојде декември 2014 и премиерскиот самит на ЕУ земјите; доколку Македонија не се најде на дневен ред за отпочнување на преговорите, национализацијата да продолжи во други сектори. И тоа во сукцесивни тактови; а можеби Американците кои љубоморно си ја чуваат Македонија и не ја покажуваат никому, ќе треба конечно да ја затворат приказната. Ако говориме за НАТО, стојам на тоа Македонските војници да се повлечат од сите фронтови низ светот. Интересите на Германија која го контролира долгот на Грција, да не се занемарат при одлуката за национализација и која може да се заинтересира да се трансформира грчкиот долг во побарувања во Македонија, но тука сметам, се побитни македонските граѓани, нашиот интерес.

При одлуката за национализација, не треба да е занемари и интересот на Германија, која го контролира грчкиот долг и која може да се заинтересира да се трансформира грчкиот долг во побарувања во Македонија. Но, тка се побитни македонските граѓани, нашиот интерес.

Барам уставно да се реши сопственоста на земјата под фабриките и секаде каде што се гради. Земјата и водата се неотуѓиви од народот на Македонија, кој е единствен и незаменлив сопственик. Концесиите да се деградираат на блокови од 5 до 7 години, со директна интервенција и одземање на концесијата при нарушувања на договорите.

Формулите се следни: 400 фабрики x 500 луѓе = 200.000 или 1000 фабрики x 200 луѓе = 200.000 вработени. Дополнително: 100.000 до 200.000 луѓе ќе работат во сервисни компании ако се изградат овие фабрики. Тоа е формулата околу која мораме сите да се фокусираме. Што од тоа имаме? Се зборува за вкупно десетина фабрики во овој момент со просечна плата од 8.000 до 12.000 денари, просекот според статистичките податоци на половина Македонија. Поентата е во една година да се инсталираат минимум 10 до 15 фабрики и за пристоен период од десет години прогресивно да ја поминеме психолошката граница од 100 фабрики, а потоа да одиме кон 200 фабрики дистрибуирани низ целата територија на Македонија, за потоа да одиме кон границите на издржливоста кон замислените 400 фабрики. Но, наместо десет фабрики во една календарска година, ние имаме околу десетина фабрики за последните 20 години. Тоа е пораз.

Каде е производството на домашна електрична енергија која ќе го поддржува овој прогресивен влез кон производствени капацитети? Каде се хидроцентралите? Каде се гасните турбини? Каде се соларните централи? Каде се субвенциите со кои на секое домаќинство во државата би му се финансирала половина од проектот за користење на електрична енергија од соларни во принцип од 1[kw] до 10[kw]?

За долгот, треба објективно (не е јасно зошто се крие, мене не ми е јасно) да си кажеме дека кон надвор изнесува околу 45% од БДП, но тука треба да се размислува дека високо индустријализираните земји отидоа во ненормална длабочина на долг за да продолжат да ги финансираат своите индустрии, истражувања по универзитетите и производство на доктори на науки во природно-математичките науки кои ќе ја поддржуваат индустријата, автохтон иноваторски механизам кој мораме да го создадеме како систем од кој би ја црпеле енергијата за идни домашни производства и фабрики. Но, долгот кој рапидно расте е генериран за да им служи на корпорациите кои инсталираат фабрики во Македонија, а на наш грб, така што барем за сега повратната корист за граѓанството е невидлива, а долгот забрзано се зголемува. Долгот расте и за низа други непродуктивни работи, но мене ме интересира индустријата. Ако ги укинеме парите, нешто што секако ќе дојде, повеќе нема да има долг, така што колку е поголем долгот, толку побогата е државата, во принцип нешто како Грција во овој момент, богато колабирана.

Според сето ова приказната оди наназад: Хеленик петролеум како директен претставник на грчката држава во ткивото и крвотокот на македонската економија е коцкичка од темелно планираната стратегија за претворање на нашата држава во економски зависник од Грција, капитал кој се распослал и во банкарскиот и други сектори; да се одлепиме за момент од моќта која ја имаат, меѓу останатите, и македонските „бизнисмени“ кои можеме да согледаме дека немаат сенс за „консумирање“ сериозна култура: сликарство, скулптури, музика, ниту пак сериозно читање или пак продуцирање и финансирање независни филмски проекти, поради тоа што се културно декласирани и некако продолжуваат со таложење на баснословните богатства на нивните артерии, така што, да се одлепиме од нив и да прашаме: доколку ОКТА се врати во сопственост на Македонија под овие околности, што мислите, дали тоа по системот на врзани садови нема да ги допре и нив? Се работи за бизниси кои јас не ги чувствувам како дел од мене или Македонија, туку како нешто што избегало од наша контрола во времето на бруталната кражба.

Да погледнеме кон универзитетите за момент, комплексот егзактни науки. Примерот со MIT. Финансирањето проекти, студии, програми и лаборатории на специјализираните институти директно се поддржувани од Пентагон. Споредбата да се земе исклучиво како пример, имено, во финансирање на програми и проекти кои реално можат да донесат некаков прогрес и производство. Но, тоа создава морална дилема: ќе се занимаваме со иновации кои ќе имаат примена во нехумани цели или ќе го преобликуваме универзитетскиот систем за да работи за благосостојбата на општеството?

Приватизација во Македонија е синоним за грабеж, на кој ќе му се спротивставиме со против-одлука да се контролира комплетната енергетика и ресурсите во Македонија од државата Македонија.

Жижек ќе соопшти дека државниот социјализам од едната страна на железната врата, како и социјалната демократија со кејнзијански систем преку либералната-демократија и мноштво партии и модерни реформи од другата, кои едновремено и паралелно се случуваа во ЕУ во последниот век, се две приказни кои мораме да ги оставиме во 20 век, како и тоа дека ќе мораме да се свртиме кон формирање на нови идеи. Жижек исто така смета дека третата можност во локалните само-организирачки заедници (Кибуци, Амиши, други) е невозможна да се доведе како универзална и планетарна поради проблемите кои се простираат низ целото поле како глобалното затоплување или еколошката катастрофа на кои мора да се одговори планетарно, што е парадокс само по себе во однос на локално организираните заедници. Чомски од друга страна, пак, гледа можност и шанса за продор преку анти-државните локални организации и нуклеуси кои се резистентни и само-организирачки, кои би покривале цел спектар на животни потреби за една заедница поради тоа што тоа веќе е можно и поради зрелоста и пролиферацијата и демократизацијата на алатите за производство и знаењата, ете, да ги наречеме цивилизациски сет на алатки и машини со кои можеме да дојдеме до комплетна само-одржливост. Да дадеме шанса таму, можеби да ја наречеме „втора економија“ која се развива под физичката економија која ни е видлива и секојдневна, како што ја нерекува проф. Брајан Артур: „ако треба да ја опишеме оваа втора економија, би рекол дека е огромна, бесшумна, тивка, поврзана, невидлива и автономна, која иако може да се дизајнира од човек, може самостојно да функционира без човек, може да се командува на големи далечини и е глобална, секогаш е вклучена и бесконечно скалабилна и конфигурирачка и има способност за паралелност: сѐ може да се случува во исто време.

Според тоа, тоа сметам дека системот ќе биде средина од: национализации и управување со ресурсите како тенка ципа од горе и само-конфигурирачка, само-огранизирачка, отпорна дебела обланда од долу.