Нивните пет минути

27.02.2014 10:25
Нивните пет минути

1.

Не знам на колкумина нешто посебно би им значело името и творештвото на Аи Веивеи. Не знам ни јас којзнае колку за него, но станува збор за еден од најатрактивните современи творци (скулптура, инсталација, архитектура, фотографија, филм, кураторство) и еден од најдобро платените ликовни уметници на денешницата, инаку Кинез, коавтор на дизајнот на олимпискиот стадион во Пекинг. И заради политички причини – критика и несогласување со кинеската политика – одлежал извесно време (81 ден) во затвор под едно чудо лажни обвиненија, за конечно да биде ослободен во 2011 година. Од тогаш се убива работејќи на исклучително скапи, но одлични проекти, безмалу низ целиот свет.

И што му се случува неодамна на Веивеи? На една изложба во музејот Перез во Мајами, Веивеи го изложува делото „Боени вазни“, при што, во текот на изложбата, една будала која себеси се нарекува уметник, зема една од изложените вазни и намерно ја треснува од земја! Што би се рекло – jа прави сол. Оправдување? Човекот (некојси Maximo Caminero) наводно протестирал против честите изложби на странски уметници во музејот и запоставувањето на локалните уметници!(?)

Ко за белја, се покажало дека вазните што Веивеи ги користел за делото биле од времето на династијата Хан (206 пр.н.е – 220 н.е.) и дека една вазна чини околу еден милион долари!

2.

Не знам зошто, но овој Каминеро многу ме асоцира на оној Салиери, а обајцата на нашава тажна македонска приказна. На нашиве стакиновци, димовци, божиновци, валентини, мангаровци, живковци…! Што ќе рече: иста или слична психо(пато)логија, иста или слична суета, иста или слична завист… крстете ја како сакате. Од каде ли само исползе ова чудо „творци“ без биографии, луѓе со бел лист хартија наместо творечко портфолио, насочени кон уништување на делата на другите? Зашто, нивнава денешна приказна нема друго објаснување. Тоа е приказната на Каминеро, вообичаената приказна на сите каминеровци/салиериевци или наречете ги како сакате на светов: зошто тие, а не јас? Зошто нивното да е подобро од моето?

Зашто во самата основа на таквото нивно однесување, денес и овде, лежи приземната љубомора на сѐ што е подобро, а е создадено од некој друг, на сѐ што е поквалитетно од нивните сомнабулни сништа, на сѐ што е туѓ успех потврден дури и во меѓународни рамки. Затоа, тоа ќе го скршиме, ќе го уништиме, ќе го сокриеме … и сите ќе нѐ гледаат само нас!

Во таквите постапки се крие опасна одмаздољубивост, болен реваншизам, перверзна суетност. Зошто тој/тие, а не јас/ние? Па зашто не ве бива, бе, шутраци! (Забележувате дека меѓу горенаведените не го сместувам омилениот ми лик д-р Јозеф Сарајлија? Прво, затоа што нему не може да се одрече некаква творечка биографија, и второ, зашто кај него сите наведени причини се толку многукратно мултиплицирани, плус зачинети со таква невидена доза на патолошка омраза, што го прави пациент од посебен формат!).

3.

Случката на Аи Веивеи страшно ме асоцираше и на најновиот наш хорор што моментално му се случува на реномираниот Славко Брезовски, кому сега ќе му виткаат рака и ќе му кршат прсти за да потпише дека ги отстапува правата за некои две будали да му го уништат објектот среде Скопје, некогашната „На–ма“, илити „Стоковна куќа“, денес т.н. „Сити галери“.

Низ слични голготи поминуваше и Муличковски, тоа ги чека и наследниците на Живко Поповски за „Трговскиот центар“ и неколкумина други сериозни архитекти, кои едноставно не можат да се согласат да им ги отстапат своите дела на дилетанти за нивните патолошки игри.

И впрочем, од каде такви приземни пориви, од каде такви ниски страсти буквално да се уништи делото на другиот, подобриот, да се премачка, префасадира, преработи, прекрие… авторското достигнување на колега? Какви се тие (болни) умови што размислуваат во такви насоки, наместо во вербата во создавањето на нови дела? Толку ли се неспособни да изградат нешто свое, наместо да уништат нешто туѓо? Или за нив дефиницијата за творештвото, за архитектурата, за уметноста е токму тоа – уништи, префарбај, преправи?

Како е можно некој кој себеси се нарекува уметник, та дури и интелектуалец, да размислува на перверзниот начин на д-р Јозеф Сарајлија дека „...оваа зграда беше епицентарот и инкубаторот на комунистичката партија на Македонија. Оваа зграда има премногу злоба во себе за да биде институција од која се креираат современите политики на Република Македонија“. Човеков не само што го испил Браковиот петролеј, туку исцицал цела бензиска пумпа! И тоа да било оправдување целосно да се уништи едно архитектонско ремек дело, односно да се замени со недокваканиот квазибарок – испрдок од малиот мозок на двајца квазиархитекти? И тоа врз база на некакви девет илјади гласови на интернет?!

4.

Токму заради тоа оној кутар Каминеро неодоливо потсеќа на нашава подеднакво воинствена булумента каминеровци изнедрени од македонскава дозволена „колку-толку поднослива“ демократија. Тие како марабунта му се пуштија на градот и на сѐ што барем малку заличуваше на пристоен културен производ. Но, истурајќи едно чудо шлепери долго криена завист, максимална суета и со децении таложена омраза кон сѐ што значи квалитет, овие наши каминеровци го истоварија и сето свое незнаење, нестручност, простотија и игнорантство. И тоа и ним им е јасно, дека се голи и боси, дека немаат поим од ништо, дека знаат и умеат само да крпат и доправаат како недоветни чираци. И дека тоа ќе биде со краток век, зашто така како што е правено не ќе издржи ни неколку години. Веќе сега им се гледаат сите шуплоглави пропусти.

Ама ги користат петте добиени минути. Сериски произведуваат кич и плагијати, преоблекуваат, префасадираат, преправаат… вртат книги и пресликуваат фасади… што поразиграно, тоа подобро. Но, останува нејасно како е можно, само врз основа на конкурс, луѓе со божемен творечки интегритет и достоинство да се впуштат во цивилизациско/културолошко злосторство од такви размери? Кои и какви се изворите и димензиите на таа творечка омраза кон модерното, современото, а во полза на историскиот плагијат и фалсификат? Та зарем мислат дека некој навистина ќе поверува во автентичноста на скопскиот квази барок и немушт неокласицизам, очигледно соџвакан и исплукнат низ горчината на омразата, а од неквалификувани фасадери, молери и препишувачи? Ама, за да не се рече дека не се инвентивни, во нивната налудничава „креативност“ измислија и „барокни“ гаражи и „барокно–неокласицистички“ фасади со огромен монитор во средината, како во случајот со „Сити галери“. Или оние поклопцине врз Собранието што глумат некакви куполи, а чинат баснословно? Да не ќе да е тоа некаква скопска варијанта на… на што… на сомнабулна „постмодерна“… или она идноно јајце што ќе глуми Universal hall е… што… современа налудничава архитектура? Да се чудиш!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото