Предлог до ДЗС за вклучување на велосипедскиот сообраќај во извештаите за транспорт

27.02.2014 11:26
Предлог до ДЗС за вклучување на велосипедскиот сообраќај во извештаите за транспорт

Согледувајќи ја потребата за поголемо и поквалитетно вклучување на велосипедскиот сообраќај во извештаите за транспорт на Државниот завод за статистика (ДЗС), се обративме до нив со конкретни предлози.

Подолу може да ги погледнете двата документи кои им ги испративме.

 

До: д­р Благица Новковска, директор

Државен завод за статистика

Предмет: Предлог за поголемо и поквалитетно вклучување на велосипедскиот сообраќај во извештаите за транспорт

Почитувана,

Во име на група велосипедисти Ви се обраќаме со молба за вклучување на велосипедскиот сообраќај во извештаите за транспорт на Државниот завод за статистика (ДЗС). Во Вашите извештаи и други документи, објавени на Вашата веб­страница, увидовме дека велосипедскиот сообраќај не е доволно или воопшто вклучен. По наше видување, освен инцидентно мерење за потреби на различни субјекти, во Македонија засега не постои стандардизирано мерење на велосипедскиот сообраќај.

По прегледот на достапните документи и мало истражување на странски примери, ви предлагаме:

● Да се брои (мери) бројот на велосипеди кои ги поседуваат граѓаните на еден град како вкупна бројка, по домаќинство, возраст и сл. и честотата на користење (секојдневно, ретко итн.).

● Во Преглед на локални патишта да се вметне посебна ставка: должина на велосипедски патеки и должина на велосипедски ленти и нивна поделба според категоријата (двонасочни, еднонасочни, меѓуградски, градски итн.) и според материјализацијата (обичен асфалт, специјален асфалт, бехатон итн.).

● Во Сообраќајни несреќи на патиштата во патниот сообраќај да се воведе нова категорија: Патни сообраќајни несреќи и настрадани лица според постоењето или отсуството на соодветна инфраструктура, може за сите видови сообраќај, но пред сѐ за велосипеди поради отсуството на таква инфраструктура. На пример: број на патни сообраќајни несреќи во кои се вклучени велосипедисти кога постои издвоена велосипедска инфраструктура и број на патни сообраќајни несреќи во кои се вклучени велосипедисти кога не постои издвоена велосипедска инфраструктура на соодветната локација каде се случила несреќата (улица, булевар).

● Кај различните типови градски транспорт (градски јавен превоз, такси транспорт итн.) да се воведе нова категорија: велосипедски јавен превоз каде ќе се мери искористеноста на јавниот систем за изнајмување велосипеди во различни сезони, периодот од денот, според возраст на корисниците, домашни лица и странци, број на поправки, искористеност на секој велосипед и други релевантни параметри.

● И конечно и многу важно, да се мери густината на велосипедски сообраќај на различни клучни локации во Скопје според утврдени методологии и да се изврши категоризирање на возачите на велосипед според возраст, пол, а на патувањата според причината: потреба или рекреација. Да се мери не само апсолутниот број на патувања направени со велосипед, туку и сооднос со останатите патувања (процентуален удел во вкупниот сообраќај). Оваа споредба може да се направи и во рамки на под­категории според одредена километража (за што се одлучуваат граѓаните за патувања до 2 км, од 2 до 5 км итн.), според тоа во кој дел од градот живеат итн.

Со мерењето на велосипедскиот сообраќај:

● ќе може да се поставуваат конкретни цели во поглед на прераспределбата на различните видови сообраќај и во поглед на зголемување на безбедноста во сообраќајот;

● ќе може да се прави споредба со останатите европски и светски градови (до каде сме) поставување реални цели во однос на големината на градот и локалните услови

● ќе постои потврда на успешноста на одредени мерки преземени во сообраќајот, а со тоа и можност за нивно подобро насочување во иднина и градење на системи од мерки соодветни на локалните услови за да постигнат целите. Визијата за пораст на бројот на луѓето кои се превезуваат со велосипед и зголемувањето на нивната безбедност не може да биде поставена на база на несигурни и субјективни проценки. Таа мора да биде поддржана со конкретен план за прераспределба на различните видови сообраќај базиран на реални статистички податоци: со колкав процент учествуваат различните видови сообраќај во вкупниот. Броењето и мерењето на велосипедскиот сообраќај освен што ќе биде цврста подлога за градските политики и за изградба на поздрав град, ќе биде основа и за многу истражувања од различни области.

Сметаме дека е исклучително важно во услови на големо загадување кое потекнува од сообраќајот и негово влијание на глобалното затоплување, во услови на голем број кардиоваскуларни и други заболувања поттикнати од намалената мобилност на граѓаните, да почне што поскоро да почне да се мери велосипедскиот сообраќај. Со тоа ќе се оддаде и признание на неговата важност и ќе се покаже грижа за иднината на нашите градови.

Кон ова барање, приложуваме и мал осврт за состојбата во други земји и важноста

од мерењето на велосипедскиот сообраќај.

Ви стоиме на располагање за повеќе информации и поддршка. Можете да нѐ

контактирате на следната е­пошта: natochak@gmail.com

26.02.2014 Со почит,

Неформална група велосипедисти ­ НаТочак

 

Прилог кон Предлогот за поголемо и поквалитетно вклучување на велосипедскиот сообраќај во извештаите за транспорт, испратен до Државен завод за статистика

Велосипедски сообраќај претставува движење, поточно превезување на луѓе и добра со велосипед. Велосипедистот е посебен вид возач, а велосипедот специфичен вид на немоторизирано возило на сопствен погон. Велосипедскиот сообраќај има посебни проблеми и потреби за инфраструктура и за унапредување од останатите видови патен сообраќај и затоа е важно во статистичките извештаи да се појави како посебна ставка.

Значајно е да се издвои од останатите видови сообраќај и поради тоа што:

● велосипедистите се ранлива категорија учесници во сообраќајот заедно со пешаците и се чести жртви на сообраќајни несреќи;

● од друга страна, придобивките од зголемен велосипедски сообраќај за општеството се големи: здравствени, социјални, економски. Како што урбаниот велосипедизам и пешачењето стануваат попопуларни и поценети начини на транспорт, градовите и државите во светот започнуваат да ги мерат и се во потрага по подобри методологии за проценување на овие типови сообраќај.

Се истражуваат варијации според различни годишни времиња, период од денот и ден во неделата; просторни варијабли, возраст, пол, други демографски карактеристики и најважно: располагање со соодветна инфраструктура: патеки, паркинзи, системи за изнајмување. Потврдено е дека шаблоните кои важат за (однесувањето на) моторните возила не важат за немоторните. Врз база на измерените податоци за различни типови транспорт, многу градови си поставуваат цели за промена на моделната распределба кон одржливи типови транспорт, на пример 30 % немоторизиран и 30 % јавен транспорт.

Градовите потпишуваат различни повелби со кои се обврзуваат да постигнат одреден удел на велосипедскиот сообраќај во вкупниот до одреден временски рок, како и намалување на несреќите во кои учествуваат велосипедисти.

На пример: Повелбата од Брисел, потпишана од 36 градови ги обврзува потписниците да постигнат барем 15% модално учество на велосипедскиот сообраќај до 2020 година и намалување на велосипедистите жртви во сообраќајни несреќи за 50%.

Најпријателските градови за велосипеди во светот може да се пофалат со 55 % модално учество на велосипедскиот сообраќај и многу мал број сообраќајни несреќи.

Извор: natochak.blogspot.com