Доксијадис, Танге и недовршените реченици

27.02.2014 14:40
Доксијадис, Танге и недовршените реченици

Градот убав пак ќе никне. Колку и да се пребарува по фрази и скопски графити, овој останува безвременска вистина за Скопје, директно поврзана со палењето на градот од страна на Пиколомини, со скопскиот земјотрес во 1963 и со сите детски болести и трансформации на градот низ годините. Зборувајќи за земјотресот и за реизградбата на Скопје, повеќемина во својата меморија го имаат врежано името на јапонскиот архитект Кензо Танге. Човекот што поретко се споменува, а има еднакво важна улога како Танге за планирањето на основниот урбанистички план на Скопје по земјотресот, е грчкиот архитект и специјалист за урбано планирање, Константинос Доксиjадис.

На 800 км од Скопје, во епицентарот на европската економска криза, Атина, се среќавам со Томас Доксијадис, внук на Константинос Доксијадис, архитектот што го дизајнирал основниот план за резиградба на Скопје по земјотресот. Томас има свое студио за архитектура, урбан и лендскејп дизајн, повеќе е посветен кон заштита на животната средина, но и кон помали граѓански проекти за волонтерска работа, создавање паркови во целосно бетонски населби и разубавување на делови од Атина. Томас е тазе вратен од Скопје, каде што беше дел од тимот предавачи на „Неделата на архитектура“, со сѐ уште свежи, позитивни впечатоци за градот. Ова беше негова прва посета на Скопје, речиси 50 години по земјотресот, и работата на Константинос за обнова на градот и добра можност да ги спореди своите планови со она што е денес архитектонска реалност на Скопје.

Неговиот дедо, Константинос Доксијадис, еден од најзначајните светски архитекти, во својата биографија ги има и плановите за Исламбад, Багдад, Дака и е директно вклучен во дизајнирањето на генералниот урбанистички план на Скопје по барање на Обединетите нации по земјотресот. Тој и неговите соработници по катастрофата во 1963 година беа повикани од специјалната група на ОН за дизајнирање на урбаниот план на градот, за изработка на студија за станбените простори, инфраструктурата, сообраќајниот и транспортниот план. Поради итните услови планот на кој канцеларијата на Доксијадис соработуваше со полската „Полсервис“ беше изготвен за помалку од една година и ратификуван од тогашната служба за урбано планирање на град Скопје.

И самиот дел од семејство бегалци од Мала Азија, Доксијадис знаел што значи да се изгуби домот поради што и добро ја разбирал потребата да се најде начин да се направи нов. „Неговата главна идеја е дека во еден град прво се креира скелетот, односно инфраструктурата, пристаништа, патишта и автопати, па потоа се фокусира на станбеното прашање“, вели неговиот внук Томас, потенцирајќи дека Доксијадис бил дел од групата архитекти што по војната сонувале за еден поубав, односно подобро организиран свет.

Како што потенцира Томас, планот на Доксијадис се однесува на целата територија на Скопје, од автопатот кон Охрид до сегашниот аеродром „Александар Велики“. Планот е направен не за тогашната големина на Скопје или број на население, туку за град што ќе расте во следните 20-30 години и ќе се развива со потенцијал да вдоми и 4 милиони граѓани. Во книгата „Скопје - светското копиле“ архитектите Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек забележуваат дека планот на Доксијадис создава хиерархија од единици и центри, дефинирајќи микроцентар во резидентни населби и отворени зелени простори, додека, пак, делот покрај Вардар поради сеизмичка нестабилност, останува без градби и се фокусира на правење паркови, игралишта и стадиони.

„Идеите на Доксијадис, применети и во овој ГУП, се фокусираат на три главни работи: креирање генерален долгорочен план за Скопје и околината, програма во фази за реизградба на градот и план за цената за изведување на целиот проект“, вели Томас. Објаснува дека Доксијадис во своите анализи и теории се занимавал со анализа на факторите што би го направиле градот сон, како и на кој начин луѓето, природата, општеството влијаат врз организирањето на градот.

„Анализираше како подобро да се организира градот со спојување на архитектурата со општествените, политичките, природните и техничките науки“, додава Томас.

Разочарани проектанти

„Од тоа што го анализирав, ми се чини дека и Константинос Доксијадис и Кензо Танге заминале од Скопје со мало разочарување. Ги дале своите предлози со надеж дека ќе работат директно на изградбата, но оттука добиле едно благодарам и збогум. Балканските народи функционирале итро, ги земале идеите и ги приспособиле на условите. Тоа е добро. Аеродром е правен по планот на Доксијадис, но не е и изведен од него, а, сепак, е многу успешна населба. Метаболистичките згради по планот на Танге, без да ги изведе самиот, се интересни.

Она што многу ми се допадна е ГТЦ. Зградата е фантастична, еден целосно отоманско-балкански базар, каде што секој Грк или Турчин би се чувствувал како дома, но истовремено е и модерна зграда. Архитектот што го дизајнирал ги поврзал одлично модерната архитектура со животот на градот и граѓаните како што реално се, а не како што би сакале да бидеме. Низ светот има и поубави згради, но со полоша функционалност. Значењето на архитектурата не е само во естетиката, туку и во функционалноста. Од овој аспект добро е што имало добри архитекти, машински инженери и градоначалници што успешно ги извеле плановите на Доксијадис и на Танге.“

Поделеност на градот

„Сметам дека е важно за иднината на Скопје да нема голема поделеност на градот. Сега некои етнички групи живеат во еден, некои во друг дел на градот. Тоа не ми изгледа како многу добра идеја. Има една теорија на Џон Роз за демократијата, според која, за да постои демократија, луѓето треба да имаат можност заеднички да одлучуваат. За да може да одлучуваат заеднички, треба да имаат можност да разговараат и да се разбираат. Луѓето што секој ден се наоѓаат на улица и разменуваат неколку зборови или гледаат како живеат другите, па дури и да имаат различни култури и националност и да говорат различни јазици, сепак, ако се блиску и да не се согласуваат, може некако да се разберат. Но, кога се оддалечуваат и секој формира своја заедница, има опасност дека ќе биде отежнат демократскиот процес. Опасноста за Скопје е можеби токму таа разделеност. Меѓутоа, сфаќам дека секоја заедница има свои претставници што ги бранат и се борат за нејзините интереси преку заеднички разговор со другите. Проблемите на Скопје не се толку архитектонски колку што се социјални“.

По анализите на разурнатите делови, прогнозите за раст на населението и за промените во домаќинствата и социјалните услови, заклучокот на Константинос Доксијадис бил дека е потребен план на основни принципи што ќе може да се модификуваат независно од динамичниот развој на Скопје.

„Некои од главните принципи беа дека автомобилите треба лесно да циркулираат околу населбите, да има добри паркинзи, но секоја населба да нуди и простор за лесно движење на пешаците или на велосипедистите. Во голема мера Скопје требало да личи на американски град, а да го задржи балканскиот карактер на тесни улички и зближени станбени згради за луѓето да живеат заедно. Врз основа на овој план почнува да се гради инфраструктурата, железничките линии, водоводниот систем, патиштата“, вели Томас Доксијадис и отвора мапа на Скопје за да објасни практично кои делови од градот го следеле планот на дедо му. Веднаш го спомнува Аеродром како населба што личи на дел од тој план.

За неговото архитектонско око е интересно дека Скопје е град со многу различни, силни карактеристики. „Ја имате чаршијата што го има задржано отоманскиот дух, има и градби со модернистички црти од 50-тите до 70-тите години, од времето на социјализмот, како и нешто од работата на Доксијадис за организацијата на градот. Аеродром е една од поубавите населби за живеење во светот, ме потсетува малку на Берлин. Во Скопје ја имате логиката на метаболистите на Танге со визија за град на иднината и неговата организација на центарот. Потоа има една пауза и следи сегашниот архитектонски период што, главно, нуди симболични градби, но не и станбени“, коментира Томас.

За него како архитект се интересни овие слоеви на Скопје што оставаат впечаток за еден хуман град, убав за живеење. Смета дека градот го има постигнато балансот и дише лесно, не е ни премногу збиен, но не е ни многу слободен со што би го изгубил брзиот ритам на еден град. За Скопје дава комплименти за зелените површини и, генерално, добро решени станбени прашања, но потенцира некои работи што треба да се коригираат, како што е сообраќајниот хаос во центарот, како и да се внимава во новите населби да не се повторуваат некои грешки, на пример, градење големи згради во населби од збиен тип со мали улички.

Сепак, и покрај зелените површини Скопје може уште повеќе да се развива и да се надградува во насока на заштита на животната средина. Томас предлага полека да се размислува во насока на давање приоритет на пешаците и велосипедистите. „Во светот, просторот предвиден за автомобили се ослободува за пешаците. Така е во Париз, Берлин, Амстердам, Копенхаген, па полека и во Атина. Автомобилот е еден начин на транспорт, но не треба да се заборават и другите. Еден автомобил блокира огромен простор, а градот треба да има сѐ, не само простор за автомобили, туку и за пешаци и велосипедисти. Тука се отвора дебата за добри велосипедски патеки, а Скопје изгледа како да има потенцијал за тоа“, вели младиот архитект отфрлајќи го изговорот дека климата е причина за фактичката состојба.

„Типично балканско оправдување“, возвраќа тој со објаснување дека за многумина во Атина изговорот е дека градот има премногу ридови. Но, вели дека ако можат Холанѓаните да возат велосипеди на снег, би можеле и ние да успееме.

„Не велам дека е пријатно, но иднината бара да се размислува поотворено и да се разгледаат сите опции. Може да се користат транспортни средства според сезоните, кога е потопло или постудено да се има на располагање повеќе автобуси за граѓаните да користат јавен транспорт. Атина, за жал, доцни 15-20 години и ги повторува грешките на американските и на европските градови. Се надевам, Скопје нема да го направи истото тоа“, раскажува Томас Доксијадис.

Според него, не се потребни многу грешки за еден град да изгуби од својата убавина. Во таа смисла посочува дека во овој поглед Скопје треба повеќе да го цени празниот простор бидејќи ако еднаш се изгуби тешко е да се врати назад. „Сепак, да бидам искрен, би сакал да дојдам повторно. Ми се допадна Скопје и она што успеавме да го направиме со 'Неделата на архитектурата'“, вели со насмевка Томас на крај од разговорот.

Зошто Скопје сака да биде блондинка кога е убав како природна бринета?

Томас Доксијадис го коментира и проектот „Скопје 2014“. „Новите згради се како скулптурите, немаат вредност како згради туку како симболи. Може да се види како една значка што се става над градот. Значката сјае бидејќи е нова и сите гледаат во неа, но вистинскиот град не е овој план. Вистинскиот град е сѐ друго“, оценува тој, додавајќи дека едно гледање на работите е дека овој план е дел од една политичка ситуација и реалност во Скопје денес. Според него, градот со текот на времето сам ќе одлучи дали ќе го цени овој проект и ќе го прифати како дел од себе или, пак, ќе го потцени и ќе се обиде да го отфрли како канцер, како туѓо тело. Ситуацијата ја споредува со периодот во Атина кога биле урнати зградите во неокласичен стил со обид да се заборави периодот на сиромаштија и со желба да се изградат висококатници како симбол на нов живот. Можеби жителите на Скопје не ја гледаат вредноста на модерната архитектура во градот или, пак, на зградите од времето на социјализмот.

„Слушнав дека дел од луѓето, можеби, мислат дека затоа што градот не минал низ ренесанса и барок треба сега да изградат згради во таков стил. Напротив! Ниту Њујорк нема ваква историја, иако потоа се изградени ренесансни згради, но никој нема да оди во градот за тоа, туку ќе оди да ги види облакодерите и модернизмот. Берлин како град на 20 век гордо си ја чува архитектурата на 20 век. Јас во Скопје би дошол да седнам во чаршијата, да ги видам зградите на Танге, но не и за овие нови зданија што не се од автентично време. Не го велам ова навредливо или со цел да потценам. Грците ги имаат истите проблеми. Мислиме дека не сме многу убави и мора некако да се дотераме за да имаме подобра вредност. Тоа дотерување ме потсетува на зградите и на скулптурите. Јас во Скопје видов вреден град, град што не мора да ја бојосува косата и да биде блондинка, затоа што е убав и како бринета. Нема потреба за леќи во боја. Убав е како што е“, вели Томас Доксијадис.

Извор: Утрински весник, 27/28 јуни 2011

ОкоБоли главаВицФото