Зошто рационалните луѓе паѓаат на теории на заговор

28.02.2014 11:20
Зошто рационалните луѓе паѓаат на теории на заговор

Верувате ли во некое од следните тврдења:

• Со светот управува „глобална влада во сенка“; избраните политичари се нивни марионети.
• Вашингтон сам ги осмисли и изведе терористичките напади на 11 септември 2001.
• Задолжителните детски вакцини се одговорни за „епидемијата“ на аутизмот.
• Осама бин Ладен е жив.
• Глобалното затоплување е измислица на еко-левичарите.
• Снимките на НАСА за спуштањето на човекот на Месечината се фото-монтажа.

Доколку верувате, знајте дека не сте единствени во тоа. Според резултатите од неодамнешната анкета, изведени на репрезентативен примерок на Американци со право на глас, повеќе од две третини американски избирачи веруваат во барем една од најраспространетите теории на заговор: 37 проценти од избирачката популација во САД стои зад тврдењето дека глобалното затоплување е лага; 28 проценти сметаат дека постои „тајна глобална влада“, која од сенка управува со светот; 20 проценти од гласачкото тело се убедени дека вакцините предизвикуваат аутизам; 6 проценти веруваат дека Осама бин Ладен е жив.

Што претставуваат теориите на заговор и кои се луѓето што веруваат во нив? Во општествените науки, уште од средината на шеесеттите години од минатиот век, кога американскиот историчар Ричард Хофштатер ја објави пионерската анализа за овој феномен, “The Paranoid Style in American Politics”, неговото анализирање доминантно се движеше во термините делузија и параноја. Делумно и заради тоа што понекогаш навистина постои врска помеѓу конспиративните убедувања од една, и делузиите карактеристични за шизотипната параноја, од друга страна, психолозите, својот придонес на оваа тема долго го ограничуваа на обична афирмација на психопатолошкиот карактер на конспиративното размислување.

Ако не заради друга причина, но во светло на распространетоста на убедувањата кои можат да се класифицираат како конспиративни, психопатолошките објаснувања на теориите на заговор се покажаа како неадекватни; во спротивно, за околу две третини од возрасната популација на САД – а нема причина да не мислиме дека нештата се значително поинакви на друго место – морале да кажат дека страдаат од сериозно ментално нарушување. Усвојувањето нови перспективи на психолозите им овозможило овој феномен да го допрат од повеќе различни агли. Некои од сознанијата до кои дошле, во последните петнаесетина години, во најмала рака, делуваат неочекувано.

Конспирацијата како поглед на светот

Доколку некое од тврдењата од почетокот на текстот го сметате за вистинито, со голема веројатност може да се каже дека како точна сметате барем уште една ставка од наведената листа. Во повеќе психолошки истражувања, покажана е значајна позитивна корелација помеѓу инаку неповрзани конспиративни убедувања. Ако, да речеме, верувате дека принцезата Дајана ја убиле агенти на британската разузнавачка служба МИ6, најверојатно сте во контакт со кралското семејство, постои голема веројатност дека сте убедени и дека ХИВ-от е „произведен“ во лабораторија, дека мисијата „Аполо“ е сценирана, дека владите кријат докази за вонземјани...

За нештата да бидат поинтересни, ефектот не се топи ни кога се во прашање две меѓусебно исклучиви теории на заговор. Така личноста која верува дека загинувањето на принцезата Дајана е лажирано, истовремено ја прифаќа и теоријата дека е убиена во заговор кој го смислиле владини агенти и кралското семејство; колку што е посилно нечие убедување дека Осама бин Ладен веќе бил мртов кога американските специјалци ја откриле локацијата каде престојувал и кога веќе стигнале до него, толку поголема е можноста дека истата личност ќе ја прифати и теоријата според која Осама е сè уште жив и здрав.

Значи, луѓето кои се убедени во вистинитоста на конкретна теорија на заговор, наклонети се истовремено да прифатат и контрадикторна верзија за истиот настан или појава. Како е можно нешто такво?

Да тргнеме од дефиницијата! Теоријата на заговор е наратив – образец за група нечесни, воедно моќни луѓе или организации, кои во строга тајност работат на остварување на одредена, најчесто гнасна цел, по правило на општа штета. Јасно, доколку сте наклонети да поверувате дека некаков страшен заговор би можел да биде спроведен на дело во совршена тајност, тогаш малку нешта ве ограничуваат во формирање на убедување дека се можни и други слични сценарија. Оттука, постои интеркорелација меѓу суштински, односно содржајно неповрзани конспиративни објаснувања.

Поважно од самата дефиниција, од резултатите на психолошките истражувања произлегува дека теоријата на заговор не е непосреден одговор или реакција на конкретен настан или појава. За неа повеќе може да се зборува како за општ поглед на светот, како за некој вид стандардно објаснување на настан и/или појава генерално. Оттука е можна позитивна корелација помеѓу меѓусебно исклучиви конспиративни убедувања. Нив не ги поврзува меѓусебна компатибилност, туку тоа што и едното и другото се согласни со убедувањето на високиот ред – општ поглед на светот.

Во прилог на таквата концепција на теоријата на заговор оди и една од нејзините клучни карактеристики; остра опозиција на официјалниот, конвенционален наратив. Во таа смисла, сржта на теоријата на заговор не е убеденоста во предложениот тек на настаните, туку неверување во општоприфатената, официјална верзија за текот на настаните.

Доколку таквата теорија на заговор би била точна, тоа би значело дека на заговорниците на конкретните конспирации не им е пресудно битно да го понудат, наметнат и одбранат своето толкување на одреден (историски/политички/секојдневен) настан, туку да изразат несогласување со официјалниот, најчесто и доминантен поглед на истиот. Двајца британски психолози, Мајкл Вуд и Карен Даглас, го тестираа – и потврдија – ваквото предвидување.

Вуд и Даглас ја анализирале содржината и тонот на онлајн коментарите за терористичките напади од 11 септември, објавувани во втората половина на 2011 година, на интернет страниците на британските и американските мејнстрим медиуми: ABS News, CNN, Independent, Daily Mail. Анализата покажала дека „конвенционалистите“ (оние кои ја прифаќаат официјалната верзија на настаните) значително повеќе отколку „конспирационистите“ (оние кои заговараат некоја од алтернативните верзии на истиот настан) ги цитираат информациите одат во прилог на нивната позиција (56 проценти наспроти 31 процент). Наспроти тоа, конспирационистите почесто (во 64 проценти од случаите) наведуваат информации кои би можеле да го соборат официјалното гледиште за нападите на Кулите близначки; конвенционалистите го прават тоа во 44 проценти од своите коментари.

Накратко, заговорниците на теориите на заговор првенствено се идентификуваат преку недоверба во официјалната верзија на дадениот настан и неговите извори, па во согласност со тоа се фокусираат на обидите за нејзино дерогирање. Далеку помалку напор вложуваат во евентуалното докажување на исправноста на својата позиција.

Психосоцијалните карактеристики на теоретичарите на заговори

Првите психолошки истражувања на феноменот на теориите на заговор биле фокусирани на карактеристиките на конспиративниот наратив. Утврдено е дека го карактеризира слаба поткрепеност (сега гледаме дека теоретичарите на заговори и не вложуваат посебни напори во нивното докажување) на инаку сомнителните докази, циркуларноста, репетицијата на фабрикуваните премиси... Во поново време, психолозите се насочија кон „публиката“, т.е кон истражување на психолошките и когнитивните карактеристики на луѓето кои ги прифаќаат конспиративните објаснувања на реалноста. Не толку обемната литература сугерира дека менталниот склоп кој е наклонет кон формирање и интернализација на конспиративни убедувања се карактеризира со општа недоверба кај луѓето; силна недоверба во симболите на авторитетот; чувство на беспомошност; чувство на губење контрола над сопствениот живот и исходите; ниска самодоверба; наклонетост кон суеверие и паранормалното; макијавелистички пристап во социјалните интеракции; отвореност за нови искуства.

Верувањето во некои од распространетите теории на заговор, како што е теоријата дека вакцините се причинител за ментални нарушувања, делува, искрено кажано, повеќе како опозиција на разумот, отколку на естаблишментот и етаблиранот наратив. Би можело да се очекува дека луѓето кои негуваат такви конспиративни убедувања имаат крајно специфичен начин на резонирање, ако не и сериозни когнитивни дефицити. Нема ознака дека тоа и навистина е така. Меѓутоа, има показатели дека заговорниците на теориите на заговор, заедно со личностите наклонети кон суеверие и верување во паранормалното, во споредба со општата популација имаат поизразени проблеми на планот на пробабилистичкото заклучување.

Меѓу когнитивните психолози нема дилеми за тоа дека човекот е генерално лош во проценката на веројатноста на одреден настан или исход. Во услови на несигурност или недостаток на информации, просторот за грешка е значително поголем. Кога донесуваме одлуки во такви околности, посегнуваме по когнитивни пречки, хеуристики кои ни овозможуваат релативно брзо и лесно да донесеме суд, за жал, на штета на точноста. И додека никој од нас не е имун на посегнување кон лесни решенија, изгледа дека теоретичарите на заговори се понаклонети кон тоа, при што се особено чувствителни на грешка на коњукцијата.

Логичката грешка на коњукцијата може да се согледа во поврзување на инаку непорвзани настани и припишување на висока веројатност на одреден исход врз основа на замислен каузален однос со независен настан. Да земеме пример од секојдневниот живот. Размислувате за пријател со кој не сте се слушнале подолго време. Во тој момент, ѕвони телефонот; се јавува токму тој. Ако ги набљудувате изолирано, ниту еден од овие настани не е необичен. Сигурно понекогаш размислувате за своите пријатели. Исто така, пријателите сигурно понекогаш ве бараат по телефон. Меѓутоа, ако сте наклонети кон „онаа страна“, многу лесно ќе резонирате дека помеѓу ваквите два настани мора да постои тајна врска. „Не може да биде случајно тоа што токму сега ми се јави, додека размислувам за него“.

На теренот на теориите на заговор е „случајот“ на Алекс Џонс, еден од најпроминентните американски теоретичари на заговор. Непосредно пред експлозијата на бомбите на патеката на Бостонскиот маратон, Џонс ја потсети американската јавност дека на 11 септември, терористите киднапираа два авиони токму од аеродромот во Бостон. Сеедно, по воспоставување врска помеѓу двата настани, заклучува дека бостонскиот терористички акт лесно можела да го изведе токму владата на САД, со настојување да ги прошири ингеренциите на службите, кои ги регулираат прашањата на безбедноста во сообраќајот, на спортските настани.

Општествените импликации на теориите на заговор

На оние кои не веруваат во нив, тие се предмет за потсмев. Меѓутоа, теориите на заговор не се социјално инертен феномен. За почеток, самото изложување на конспиративна содржина ја зголемува веројатноста дека некој ќе ги прифати таквите убедувања. Поважно од тоа, кога еднаш ќе ги прифати, помала е веројатноста дека ќе се вклучи во пошироките процеси на општествено одлучување; на пример, дека ќе излезе на избори и ќе гласа и ќе ги поддржи акциите насочени кон намалување на емисијата на јаглерод диоксид.

Прифаќањето на теориите на заговор, извесно, подразбира интеракција помеѓу соодветниот психолошки склоп – диспозиција кон конспиративно размислување – и ситуационите фактори – на пример, достапноста, т.е веројатноста да се дојде во допир со теории на заговор. Но, како токму тие доаѓаат на прво место? Зошто воопшто постојат?

Еден од плаузибилните одговори би гласел дека теориите на заговор рефлектираат потреба за јасност и сигурност. Фактот дека редовно предничат во контекст на природните катастрофи, несреќите предизвикани од човечки фактор, како што се војните, терористичките напади или економските колапси, во контекст на болестите кои загрозуваат и/или одземаат голем број човечки животи итн., зборува во прилог на тезата дека луѓето со помош на теориите на заговор се обидуваат да стекнат контрола над нешто што ги надминува. Во ред, но зошто се насочуваат кон теории на заговор кога за секоја од појавите на кои се однесуваат постојат и порационални објаснувања?

Вирен Свами, професор по психологија на Универзитетот во Вестминстер, открил, навидум парадоксална, позитивна корелација помеѓу наклонетоста кон конспиративни објаснувања и приврзаност кон демократските принципи. Според зборовите на Кетрин Олмстед, професорка по историја на Универзитетот во Дејвис, Калифорнија, теориите на заговор не би постоеле кога во реалноста не би имало вистински заговори, кои по правило подразбираат манипулација со информациите и демократските процеси и процедури.

Интернетот, кој навидум го олеснува пристапот до вистинските информации и релевантните извори, неочекувано, ги направи нештата полоши. Благодарение на интернетот, луѓето можат полесно селективно да им пристапат на информациите кои им одат во прилог на нивниот поглед на светот и веќе формираната слика за одреден настан или појава. Во таа смисла, теориите на заговор можат да се набљудуваат во контекст на поширок систем на убедувања и идеолошко насочување на поединецот.

Кој верува во Кодот на Да Винчи, односно во заговорот, со кој наводно е прикриено божјото потекло на Марија Магдалена? Тројца психолози кои се занимавале со ова прашање утврдиле дека верниците приврзани кон „класичното христијанство“ без размислување ја отфрлаат таквата идеја. На следбениците на New Age филозофијата, пак, тоа им звучи далеку поприфатливо.

Во три неодамнешни студии, до слични заклучоци дошол и австралискиот психолог Стивен Луандовски со своите соработници. Нив ги интересирал односот на конспиративниот ум кон научниот метод и науката како извор на вистинити информации. Очекувано, нивните студии ја потврдија хипотезата дека тенденциите кои водат кон отфрлање на научните објаснувања се во позитивна корелација со склоноста кон прифаќање на теории на заговор. Меѓутоа, тоа не е крајот на приказната. Сомнежот кон науката често е во служба на одбраната на поширокиот систем на верувања и идеолошките светогледи. Конкретно, недовербата во преовладувачкиот став на научниците за глобалното затоплување – и улогата на човекот во емисијата на гасови одговорни за ефектот на стаклена градина – според наодите на Луандовски и соработниците, првенствено ја мотивира приврзаноста кон идеалите за слободен пазар и вредностите кои се карактеристични за социјалниот конзервативизам.

Накратко, конспиративниот ум е парадигматски пример за мотивирано резонирање – човечка наклонетост да верува во она што сака да верува и да го отфрли како неточно или недокажано сето тоа што претставува предизвик за неговите убедувања. Класична студија за овој феномен, објавена е уште во шеесеттите години од минатиот век, набрзо откако во списанието Surgeon General бил објавен труд, во кој ракот на градите се доведува во врска со пушењето. Излегло дека непушачите безерезервно го прифатиле овој наод, додека пушачите му се спротивставувале со тврдења дека многу пушачи живеат долго (точно, но непушачите во просек живеат подолго и многу поретко заболуваат од рак на белите дробови), дека тоа е ризично за здравјето (повторно точно, но на ниту еден начин не ја побива врската помеѓу пушењето и лошото здравје) и слично. Имајќи го предвид мотивираното резонирање и конфирмативната пристрасност која е поврзана со него – тенденцијата дека на информациите и доказите кои му одат во прилог на нашето убедување им даваме диспропорционално поголемо значење, т.е дека ги занемаруваме информациите и доказите кои го загрозуваат и негираат – теориите на заговор се „судбина“ дури и во светот на балансирани, вистинити информации.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото