Часови по украински

28.02.2014 14:22
Часови по украински

Лекција 1: За положбата одозгора

 

Во сите дискусии кои последниве две недели се водеа по повод Украина, две типични и често повторувани изјави посебно ми ги параа ушите. Првата, „Јанукович е легитимен претседател“ и втората, „без Јанукович ситуацијата ќе излезе од секаква контрола“. Сега, кога тој бандит од среден размер кој (ете) случајно се нашол на власт збриша во непознат правец, двете изјави станаа во најмала рака неумесни. И бидејќи овие две реченици, но со друго презиме на одговорното лице, исто толку често се користат и во Русија, мислам дека дојде време да извлечеме некои поучни заклучоци.

Никогаш не ви паднало на памет зошто поимот „легитимност“ не се применува на граѓаните, или на општеството во целина? И навистина звучи бесмислено: „нелегитимно општество“. Причината за тоа е што власта и општеството не се симетрични елементи на некаква таинствена симбиоза. Кога власта сака да ја образложи својата неограничена превласт над луѓето, таа си го присвојува епитетот „легитимна“. А кога некое општество на реверот на власта ќе го закачи истиот тој епитет, тогаш општеството е тоа кое на таа така закитена власт ѝ го признава правото да му служи привремено. И тоа е сѐ. Други варијанти освен овие две - нема. Во првиот случај станува збор за авторитарен режим, а во вториот, за демократски. Кои било меѓуваријанти, како на пример „партнерство“, се патолошки појави карактеристични за преодните периоди.

Кога руските политичари зборуваа за легитимноста на Јанукович, тие во прв ред ја мешаа легитимноста со легалноста, што е само еден мал дел од легитимноста и таа не е секогаш, а ниту задолжително вклучена во неа. Освен тоа, тие го применуваа тој термин само во онаа смисла која се однесува на првиот случај, при што секогаш се имаа предвид и себеси. Но, што се однесува до Украина, за нив Јанукович веќе одамна изгуби секаква легитимност во онаа смисла која се однесува на вториот случај споменат во претходниот пасус, а финалниот пресврт манифестиран со неговата одлука против интеграцијата во Европа, беше само последна капка во веќе преполната чаша. Украинците на Мајдан упорно настојуваа да се воспостави смислата на поимот легитимност, поим адекватен на поимот демократија и цивилизирано општество, како и своето право на доделување на оваа квалификација. Јанукович, задно со Путин, Медведев и Лавров, замислува дека легитимноста е некакво наследно звање, нешто како кралска титула. Тие како да се од некоја друга епоха и јазикот на кој зборуваат е семантички поинаков. А обраќањето на Јулија Тимошенко упатено кон Украинците собрани на Мајдан, беше изговорено на јазик кој не е ни сличен на тоа. Тоа беше признание на украинското општество за трудот за воспоставување на нова, современа смисла на легитимноста и правото со кое ова општество се служи за доделување на оваа привремена „титула“. Украинците го платија тоа право со својата исклучителна храброст, неверојатна упорност, врвна организираност... и крв, на крајот на краиштата. А што се однесува до нас - и самите знаете.

А сега збор-два за другата изјава, за оној веќе традиционален патерналистички крик, „а како без него?!“ Ајде да се потсетиме што е држава. Држава во модерна смисла на зборот е корпорација создадена од страна на граѓаните, заради производство на заеднички добра за целото општество. Но, нема ниедна задача која ексклузивно ѝ се доделува на државата, а која самоорганизираните луѓе не би можеле да ја решат и самите. И тоа не го измислив јас. Тоа го кажа еден истакнат руски економист. Луѓето поседуваат огромна способност за самоорганизација и овој факт во последниве месеци Украинците во потполност го демонстрираа. Во разни случаи, овој факт полека почнува да го демонстрира и руското општество.

Под топлото крило на власта и под нејзините непрестајни идеолошки притисоци, ние таа наша исклучителна способност (и обврска) често ја губиме од вид. И тука всушност се крие опасноста за која зборувам. До онаа мера до која властите се способни да нѐ убедат во нашата беспомошност, до таа мера тие стекнуваат можност таа своја власт (која патем сме им ја довериле привремено поради решавање на нашите проблеми) ја претвораат во инструмент кој исклучиво ќе ѝ служи нејзе. Оваа скриена закана ги крена луѓето во Украина. А што се однесува до нас - и самите знаете.

Прашањето „а како без него?!“ просто само го наметнува одговорот: па ете, така! А за кого вие прашувате? За оној крадец и бандит? Вие во него навистина гледате надеж и потпора за иднината, бедем на стабилноста? Да не ја мешате случајно стабилноста на општеството со стабилниот грабеж на конкретни луѓе?

Тврдам дека ако по исчезнувањето на Јанукович во Украина настанат проблеми, причината за тоа нема да биде украинското општество. Причина за тоа ќе биде навистина катастрофалната состојба која тој бегалец ја остави зад себе, како и тоа како неговото исчезнување ќе го искористат некои други луѓе надвор од Украина.

Поуката од оваа лекција за нас е многу проста. Во современото демократско општество, односот на власта и општеството мора да биде поставен така што општеството секогаш ќе зазема „положба одозгора“. Украинците го сфатија тоа и тие дејствуваат. А сега, проценете сами: која положба ја заземаме ние?

Извор: Ежедневный журнал

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото