1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Само во животот може да се зборува за животот и да се лекува од мизантропијата, од неврастенијата; само врз усвитената точка каде што се вкрстуваат и прекршуваат, каде што си ги заменуваат своите места субјектот и објектот и светот - може да се зборува за себеси, то ест, за луѓето. Но, за да се биде и да се остане во животот, неопходно е да се истрајува со денови, со години во борбата за вредностите, за вистината која само доколку е страствена, неполовична и лична, што ќе рече - морална, може да им биде од полза и на другите луѓе, бидејќи само како таква таа е во состојба да ја освои „онаа нова територија, освојувајќи ја не само за себе, туку и за сознанието воопшто, за човечката свест, за напредокот на човештвото.
Марко Ристиќ
Ацо Караманов
Од тој момент нашата животна ситуација многу се подобри. Гимназијата одново ми беше недалеку од станот во кој живеевме, ги пронајдов старите другари, а она што беше особено ново и извонредно значајно, што удри силен печат врз сиот мој натамошен живот - тоа беше - средбата и пријателството со Ацо Караманов! Многупати сум пишувал за оваа ретка личност, многупати сум ги претставувал неговата исклучителна надареност и влијанието што го имаше тој врз цела една генерација млади на која и самиот и припаѓаше. He гледам потреба тоа овде да го повторувам. Накусо - тој беше исклучителна личност, а јас, наоѓајќи се во вакуумот на живот без родителска, или некоја друга посилна рака што би ми го покажувала патот, бев целосно маѓепсан од силата на неговиот карактер и распонот на неговиот талент. Во секој случај контактот со него беше од решавачка важност за моите животни и духовни определувања, за моето најтесно приопштување кон светот на лите- ратурата и творештвото. Тој во едно од своите подоцнежни писма напиша дека свесно сакал да ме „зарази" со пишувањето литературни текстови и дека сакал да ме направи свој книжевен сопатник. He беше сосема прав, бидејќи таа „зараза" јас веќе ја бев почувствувал во себеси: бев напишал неколку текста, на бугарски јазик, кои никому жив не ги покажував. Се обидував да го осмислам својот жален живот преку пишувањето и - тоа беше сè. И нему не му ги покажав.
За првпат го видов едно попладне, наведнат над голем куп книги во Народната библиотека, а потоа нè запозна еден постар пријател, а натаму, сè се одвиваше спонтано, брзо, секавично, според „искрата што наеднаш го нашла својот камен". Учевме во истата гимназија, но во различни класови, тој беше година и пол постар од мене. Се среќававме на одморите, се враќавме задолжително заедно дома, крстосувавме низ скопските улици, кејови, сокаци на периферијата, скитавме низ градскиот парк, навлегувајќи во неговите најдалечни катчиња, бегавме пред авионите што сè позачестено го бомбардираа градот, разменувавме книги, читавме иста литература, и бескрајно разговаравме, разговаравме, за сè и сешто, но најмногу за литературата и нашите планови во врска со неа.
Тригодишниот Милан, во рацете на мама, Охрид, 1931
Караманов беше неверојатно книжевно образован. Никој, па ни најдобрите учители по литература, не му беа во тој поглед дораснати. Тој беше прочитал сè и знаеше огромно многу: не само од областа на поезијата и литературата воопшто, но и од другите уметности, од филозофијата, науката и сл. Тој ги знаеше српскохрватскиот и бугарскиот јазик подобро од оние на кои тоа им беа мајчини јазици, а веќе читаше на француски, руски и германски. Предметите во гимназијата ги совладуваше со леснина, а најголем дел од своето време работеше самостојно врз литературата. За едно 16-годишно момче, речиси сè уште дете, тоа беше огромен напор, но тоа кај него, крупен, силен, полн со внатрешен оган и неисцрпна енергија, тоа никако не се чувствуваше. Знаев дека е „организиран", дека и припаѓа на комунистичката организација СКОЈ, дека раководи група младинци од гимназијата и дека се готви да замине в шума, кај партизаните. Но, тој за таа страна од својот живот никогаш не ми зборуваше. Можеби не сакаше да ме „вовлекува", или од некои други причини. Нашата врска беше и остана исклучиво на литературен план.
Тешко е да се опишува тој занес, но сега од оваа дистанца мислам дека неговото влијание и воздејство врз мене се изрази во следново:
Најнапред во сознанието дека пишувањето е една тешка и макотрпна работа која донекаде дивергираше од мојата делумно хедонистичка природа, a потоа - дека сè што ќе можам да направам, ќе треба да го сторам сам, без чија било помош отстрана. И двата аксиома беа поврзани со прашањето на волјата, а мојот „учител" и „инструктор" беше брзо сфатил дека силата на волјата не е мојата најсилна страна. И по разделбата во зимата 1943/44 ние интензивно се допишувавме. Тој беше евакуиран во Радовиш, јас во Охрид. Во едно од своите писма тој ми одржа жестока лекција: одбиваше повеќе да ме инструира, ме оставаше наполно сам. Мислев дека е жесток спрема мене, дури - брутален, но, немав друг избор. He требаше да мине долго време да сфатам дека тоа беше единствената алтернатива низ која можев да продолжам и евентуално, нешто да постигнам. He можам ни да замислам пред каква стравотна празнина ќе се најдев доколку не го послушав, по неговата брза и предвремена смрт.
Ацо Караманов, Скопје, 1943
Wermacht – Цивилизираност
Германскиот Рајх, барем во првите години на војната, немаше можност во Македонија да го пројави своето варварство. Веднаш по жестокото и безобѕирно бомбардирање на Скопје на 6 април 1941, тој ја препушти власта на бугарскиот сојузник, со неа и правото на сите негови ѕверства и репресалии спрема оние што му се спротивставија. Како франкофонско семејство германскиот нацизам нам ни беше тотално туѓ, a тевтонската безобѕирност на германската армија, одвратна. Но, кога посакувам да објаснам како ги доживеав Германците за време на војната, работите се покажуваат не толку едноставни. Најнапред, бевме многу изненадени кога неколку дена по доаѓањето на Германците се покажа дека нашите станари од горниот кат, чија глава на семејството Браунер, инаку, капетан на Југословенската војска и доверливо лице на кое му беа доверени парите и плановите на воената пиротехника од Ханриево (денес: „Ѓорче Петров"), беше заправо фолксдојчер кој набргу се стави во служба на германската команда како главен преведувач. Очигледно, постоењето на „петтата колона" и нејзината улога во брзиот слом на бившата Југославија, не беше никаква измислица. Но и кап. Браунер и неговото семејство во чијшто стан секоја вечер до доцна во ноќта се забавуваа германските офицери, спрема нас, бившите стопани, имаа мошне коректен однос. Требаше само да молчиме и да не реагираме, што и го правевме. По смртта на татко ни и по евакуацијата во Охрид, откако во гимназијата значително доволно го научив германскиот јазик, јас имав неколку можности да разговарам со германските војници додека одмораа на најразлични теми, се разбира, најмногу, на културни. Импонираше нивната образованост и нивната готовност да дискутираат за Бетовен и Гете, Шопенхауер и Моцарт. Co сето свое држење и изглед тие отскокнуваа од бугарската војска која беше лошо облечена, изгледаше распашано, во основата примитивна, исклучувајќи го офицерскиот кадар. Во Охрид каде што го поминавме најголемиот дел од војната, не ми е познато дека германската војска која во него немаше постојан гарнизон, но минуваше често низ него, задржувајќи се пократко време - направила некаква пакост. Отаде и односот на охридското население спрема неа беше мошне коректен. Сепак, не ми излегуваше од умов една сцена од завршниот период на војната која покажуваше дека таа нивна цивилизираност имаше и своја опачина и дека секоја војна, без оглед на која армија и’ припаѓаат нејзините учесници, го изопачува и го деградира човечното во нив.
Некаде кон крајот на летото 1944 година партизанска колона, преминувајќи го патот кај с. Опеница, во близина на Охрид се судри со една германска единица при што последнава имала доста загуби. За одмазда Германците го опљачкаа селото и потоа го запалија. Се наоѓав на главната улица, во чаршијата, кога Германците се враќаа од тој неславен поход. Од колоната се издвои германски војник, висок и крупен како мечка, и ме повика да пријдам, за да ме натовари со голем тежок јорган, опљачкан од запаленото село. Одев пред него, натоварен со постелнина што натежнуваше врз моите слаби раменици, наводенета и ширејќи pea на моч. Продавачите и луѓето излегуваа од дуќаните и ја набљудуваа глетката, a јас умирав од срам, од понижувањето на кое бев изложен. „Фашист! Тевтонец! Кретен!", си повторував во себеси, но продолжував да одам, бидејќи војникот беше вооружан до заби и не изгледаше ни најмалку цивилизирано. Го носев опљачканиот багаж низ сета чаршија, потоа продолжив низ стариот град, за да ме натера со него да ги искачам скалилата до зградата на Митрополијата каде што, очигледно германската единица требаше да преноќи. Стенкајќи и пцуејќи под одвратниот товар, си мислев: „Ако ми предложи некаков бакшиш, категорички ќе одбијам! Ни еден пфениг!" Конечно, стасавме до неговото ноќевалиште. Застанав за момент, да земам предишка, очекувајќи ја неговата учтива благодарност. Наместо неа, чув едно громогласно, животинско: ,,L - о - о - о - ѕ!" кое одекна како активирана мина низ долгиот коридор на свештената зграда, од кое излетав како куршум низ влезната врата, во паничен страв од полошото. Ете, така заврши мојот последен контакт со цивилизираниот претставник на Третиот Рајх. Кога при самиот крај на војната, по мојот неуспешен обид да „излезам во партизани" ја најдов Нана во дворот со германски војници, помагајќи им да се измијат и да ги доведат во ред своите униформи, како велеше: „колку се само учтиви и културни", кога низ градот започна да се шири легендата за германскиот командант кој решил да го поштеди градот кога во моментот барајќи откуп видел дека стариот поп Томо го ставил на паланѕата на која го мереле бараното злато крстот на Св. Климент, јас молчев, бидејќи имав свое сопствено искуство во тој поглед.
Кога првите денови по Ослободувањето разбрав дека германските војници кои се враќале од Грција и се судриле со партизаните кај Берово, без секакви обѕири, откако го откриле, го измасакрирале со бајонети тешко ранетиот партизан, 17-годишниот Ацо Караманов. Повеќе од 20 години по Втората светска војна јас одбивав било колективно, во група, или индивидуално, да ја посетам Германија, посакувајќи што подлабоко да го закопам во себе она што го бев доживеал во гоморните воени години.
(продолжува)
Во следното продолжение: Големите читателски години (1942-1945)