Иванов ќе го зголеми бројот на туристи во Македонија

03.03.2014 09:56
Иванов ќе го зголеми бројот на туристи во Македонија

Скопје, 3 март 2014

Здружението на угостители и туристички работници на Македонија ја поддржа кандидатурата на Ѓорге Иванов, затоа што според нив тој претставува атракција која ќе го зголеми бројот на туристи во земјава.

Според статистиката на која се повикуваат сопствениците на хотели и ресторани, зголемениот број на туристи во изминатите пет години е во директна врска со претседателскиот мандат на Иванов и уникатниот начин на кој ја извршувал оваа функција. Затоа, тие сметаат дека тој треба по втор пат да биде македонски претседател кој ќе царува во индустријата за забава.

„Очекуваме туристи уште за време на изборите, бидејќи ваква претстава ретко се гледа во светот. Веќе подготвивме посебни понуди и специјални менија“, вели Митко Добродојдев, сопственик на „Фрик-мотел“ во Охрид.

Неговиот колега Стојан Лазаровски, без да се плаши од конкуренцијата, откри и детали од понудата со која ќе се обиде да ги привлече туристите во својот хотел „Цреп“ во Маврово.

„Неодамна го отворивме новото лизагалиште во хотелот и ја лансиравме кампањата 'Лизгај се како Иванов', со надеж дека странските туристи ќе нѐ посетат. Исто така, тука е и десертот 'Разумен компромис', 'Восочната салата', како и коктелот од жестоки пијалаци 'Хорхев говор'“, вели Лазаровски.

Тој додава дека со секое нарачано кафе, гостите во хотелот добиваат и мал свиток со запишана мудра мисла на Ѓорге Иванов, а во своите соби можат да нарачаат и диск со видео снимка од јавните настапи на претседателот, кој се наплаќа дополнително.

Од ВМРО-ДПМНЕ коментираат дека поддршката од Здружението на угостители и туристички работници само ја потврдува користа од реизборот на Иванов.

„Хорхе си е Хорхе“, кратко коменитраше Зоран Ставревски, додавајќи дека на Иванов гледа како на домашна инвестиција која ќе донесе многу странски капитал.

Слика: Свирачиња