Безидејна променада

03.03.2014 11:45
Безидејна променада

1.

Дилетантиве навистина убиваат сѐ. Дури и нешта коишто, можеби, во друга прилика, би заслужиле посериозно внимание, да не речам почит. И тука најмалку мислам на нашиве нови „градители“ и „уметници“ (чувај Боже, кој сѐ стана уметник!) во рамките на такозваниот проект Скопје 2014. Таму работите се одамна јасни и забегани. Овде мислам на неодамнешното (конечно) отворање на новата поставка на Музејот на современата уметност во Скопје, институцијата којашто годиниве си го задржа статусот „ни на небо ни на земја“, којашто како да постои сама за себе и надвор од македонската култура. Зашто нив, таму горе, како ништо да не ги засега. Таму бре брате како да се на прооодолжен викенд: една, две изложби годишно и – толку. За сѐ друго, особено за сите актуелни прашања за македонската уметност – целосен молк. Нив таму ништо не ги допира!

2.

Елем, најавената работа врз новата поставка беше еден (да не речам единствен) адут во прилог на оправдувањето на постоењето последниве десетина години. Ама кога во најавата на отворањето на поставката ќе чуете од „првиот“ човек на институцијата дека Музејот на современата уметност, со петте илјади дела, е една од водечките институции од оваа област во регионот, ви се одмилува и отворање, и поставка, и професионална љубопитност, па и онаа мала почит што би ја заслужила институцијата за завршената работа.

Некој може да каже дека тоа не е ништо страшно, дека менаџерот (sic!) и не мора целосно да ги знае стручните работи, дека не мора баш да внимава на деталите… Ма немој! А на што треба да внимава и што треба да знае ако не фактот дека тие пет илјади дела што ги има нашиов Музеј се мачја кашлица во однос на некои сериозни институции во регионот токму во таа област. И ако „менаџерот“ не ги знае тие нешта, што тогаш се трти да дава изјави во медиуми и да го офира и она малку што Музејот го знае и умее? Зашто, лично не верувам дека таквата информација произлегла од некој од стручните луѓе во МСУ. Мислам дека не се баш до толку, зашто знаат што и како имаат Музејот на современата уметност во Белград, па во Загреб, па Националната галерија во Софија итн.

Ако пак сум се излажал и ако таа фалбаџиска (дез)информација прозлегла токму од стручниот тим на МСУ, тогаш сите можат да се фатат рака под рака со „менаџерката“ и да се излизгаат од горе право во Вардар!

3.

Но, да не говорам и јас напамет, еве некои бројки. На пример, Музејот на современата уметност во Белград во моментов има над 8.000 дела во депоата. Музејот на современата уметност во Загреб има околу 12.000 дела, плус неколку архивски збирки, на пример архивата на фотографот Тошо Дабац (200.000 фотографии), збирка на филм и видео, архивот Кожариќ, збирката Рихтер итн. Понатаму, Модерна галерија во Загреб има околу 10.000 дела во збирките, а Националната галерија во Софија ни помалку ни повеќе туку 30.000 дела! Да не ја заборавиме и Националната галерија во Атина со околу 16.000 дела, па Музејот на современата уметност во Солун… па… ајде да застанеме тука. Нашиот Музеј, барем според бројот на делата во депоата, е сосема на крајот на листата. Што пак не е никаков грев, зашто нема музејски натпревар во број на делата, меѓутоа кога се дава званична информација, особено од „првиот“ (?!) човек на институцијата, истата мора да биде прецизна. Односно, ако промоцијата на поставката почне со таква дезинформација т.е. самобендисаност, каде ли ќе заврши? Или „менаџерката“ навистина мисли дека и другите овде пијат од петролејот на Брак, во стилот на Сарајлија?

4.

Она што е навистина за почит е квалитетот на делата што ги поседува оваа институција. И во домашната колекција, и во меѓународната. За почит е и очуваноста на делата, што не е баш така чест случај кај нас.

Но, за жал, секогаш мора да има едно (или повеќе) „но“, приказнава завршува тука. Зашто, изгледа дека токму двојноста на колекциите – домашна и меѓународна – е каменот на сопнување во конципирањето на една постојана поставка во институција од овој тип. Тоа се гледа веќе во насловот на поставката. И стварно не знам кој го смисли: „Солидарност – незавршен проект“? И што сакаат со тоа да кажат? Дека солидарноста од времето на земјотресот, кога стотици уметници од светот му подаруваа дела на новоформираниот музеј, требаше да продолжи? Жити мајка, и понатаму да ви подаруваат дела? Зошто, за „лепе очи“? Па малку ли се 3.000 дела подарок? И каде постои таков музеј каде со децении колекциите со формираат низ – подароци?

5.

Оттука, веќе на стартот промашувајќи го мотото на поставката, се надоврзуваат и другите промашувања. Прво, институцијата не умее да си го најде профилот, односно да одлучи што и како сака. Сака да презентира меѓународна поставка – што е единствен логичен пат зашто токму заради тоа и била основана – или сака да се занимава со локалната уметничка сцена? И ова сум го пишувал веќе шеснаесет пати и ми здосади докажувањето дека некој треба да седне, да стави прст на чело, да размисли и да одлучи што сака. Или немаат прст или чело?!

Вака, со таканаречена комбинирана поставка, се губи смислата и на едниот и на другиот дел. Односно, ни домашната ниту пак меѓународната секција во поставката се прикажани како што треба! Секаде дупки, фалинки, судири… еднаш доминира едниот дел, потоа другиот…

Но, второто, и поважно (целосно) промашување е неможноста (барем за мене) да се согледа базичниот концепт на поставката. Што ќе рече, ако се изземе првичната импресија дека составувачите сакале да го прикажат најдоброто од двете колекции, сето друго е – гола вода. Односно, поставка, денес, веќе не значи просто редење на дела (дури и најквалитетни!) едно до друго. Или ќе има сугестивен концепт, разбирлива „приказна“, или добивате - продажна галерија. Ако пак не е запазена и извесна хронологија, тогаш посетата на поставката се претвора во благопријатна променада без цел и смисла.

6.

Додека ние дефинитивно чмаеме во балканскава крчма од крајот на деветнаесеттиот век, светот работи сериозно, усовршува начини и концепти, размислувајќи за приближување на уметноста до секој (па и уметнички најнеобразованиот) поединец. Затоа и сериозните музеи се трудат да разработат впечатливи поставки базирани на јасен концепт, се обидуваат на гледачот да му понудат современа „приказна“ за уметноста проследена не само со врвни дела туку и со битни теориски / едукативни информации.

Последниве години, за среќа, имав можност да посетам повеќе европски музеи, главно од областа на современата уметност. И навистина е фантастично како работат колегите надвор. И како размислуваат за уметноста и нејзината презентација. На пример, Новата национална галерија во Берлин ја изложува извонредната колекција низ неколку (ротирачки) изложби: „Модерни времиња (1900 – 1945), „Поделен рај“ (1945 – 1968) и „Експанзија на борбената зона“ (1968 – 2000). Низ овие три поставки Националната галерија не само што ги презентира своите ремек дела туку на посетителот мајсторски му ја раскажува суштествената приказна на развојот на уметноста на дваесеттиот век токму низ делата што ги има во депоата.

Или, ако Берлин им бил далеку, можеле да ѕирнат во Загреб, во новиот Музеј на современата уметност. И таму поставката е поделена во логични целини, отсликувајќи го духот на времето и/или уметничките тенденции: „Проект и судбина“, „Уметноста како живот“, „Уметноста за уметноста“, „Големата енигма на светот“ итн. И сето тоа е разложно, стручно, професионално, едукативно… образложено, така што посетителот точно знае што гледа! И учи!

7.

Оттука, не знам дали има смисла уште да се пишува за големово разочарување наречено нова поставка на МСУ. Тоталното отсуство на стручност, професионалност, компетентност, напор да се доближи уметноста до посетителот… ве остава безмалу празен, разочаран, во дилема дали воопшто некој се грижел за нешто, размислил еднаш – двапати за тоа што и како прави?!

На страна, повторно, и одличните дела, и преубавиот простор, и европскиот шмек на музејот, кога суштината е целосно промашена. Згора на сѐ, без ред и смисла пикале сѐ и сешто: фотографија (?) меѓу графика; Личеноски, Мартиноски и Пандилов кај што ама ич не им е местото; целосно промашени дела од инаку солидни автори (Шумковски, Корубин, Томиќ – Радевска; Павлески, и др.); или, како што позајмувале од автори, можеле да земат подобро дело од Чемерски, или „Град“ од Шумковски …; и зошто го нема еден Ботев, или периодот на интервенциите во простор во седумдесеттите; на оние пак три будалаштини од Димо Шумка, кои некој, според којзнае каков (квази)критериум ги прогласил за уметнички дела, им дале централно место; и зошто ја нема инсталацијата „Улица“ на Хаџи Бошков, којашто можела да стои на местото на глупавите амфори на Димо Шумка; и кому нешто му значат или му кажуваат оние неколку фотографии од Јаневски, Демири и двајца други, тоа ли е македонската фотографија; и нели е срамота Танас Луловски да е претставен само со едно дело наспроти некои шушумиги, ама пријатели на кустосите во МСУ; и зошто некој упорно ги заборава делата на Кољо Мишев од почетокот на деведесеттите, кој им покажа на некои од пулените на МСУ како треба да се слика; и зошто го прескокнуваат Димитар Манев… и уште многу „и“ и „зошто“ на коишто нема логичен, професионален одговор!

Или, ако сакате, го направиле токму она што Блаже Конески им рекол да не го прават: „нема место за лилјаците на еснафштината“ зашто „вакво здраво тело бара здрав дух“. Што ќе рече, телото (зградата) на Музејот, за среќа, сѐ уште е здрава, ама духот?

8.

На крајот, уште неколку битни детали за заокружување на приказната. На пример, поставката одлично ја отсликува и состојбата со актуелната акција на Министерството за леб и игри наречена „да ги напуниме музеите со ѓубре од ателјеата“. И да ги разоткрие, целосно, лагите и на тоа Министерство, но и на нашиве „репрезентативци“ (скулпторски и сликарски) од типот на Сарајлија, Беди, Аџиевски и компанија, за тоа кога и што се купувало. Ако она „животнине“ на д-р Јозеф Сарајлија не даваа толку пари за уметност, ќе имаше ли Музејот воопшто што да изложи? И кога запираат откупите? Барем тоа е евидентно токму во поставката. Сите понови дела од последните неколку години се позајмени од уметниците. Ама, од друга страна, како (и кога) се најде она дело од истиот Сарајлија во поставката, а не е дел од колекцијата на МСУ? Или, ако веќе Музејот позајмувал дела за поставката, зошто Министерството не ги плати токму од парите за нивниот глупав конкурс за откуп? Зарем тоа не би бил откуп токму за една национална установа, или тие сепак намислиле дека парите треба да ги земе некој друг нивни пулен од „позитивната листа“?

П.С.

А дека и самите не веруваат дека направиле поставка сведочи фактот што на сајтот на Музејот сѐ уште пишува дека работата на поставката е – во тек!?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Davide Luciano & Claudia Ficca

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото