Обнова и изградба на Скопје 1963-1993

04.03.2014 11:18
Обнова и изградба на Скопје 1963-1993

Некои организационо управувачки аспекти за реализацијата на проектот - Обнова и изградба на Скопје 1963-1993 година

 

Младата македонска техничка интелигенција, во периодот од 1963 -1993 година со голема помош од квалификуван странски советодавен инженеринг, генерално, успеа да оствари значителна акцелерација во развојот на градот, кој од полупровинциски град, со скромни перспективи за еволуција, денес, има шанса да се развие во метропола на младата држава на достоинствениот и мирољубив македонски народ, кој имаше значајна улога во создавање на словенската и општочовечката култура и цивилизација.

Co поземјотресната обнова и изградба на Скопје е направено позитивно поместување на општото ниво на животот, издигање на стандардот и хигиенските услови за домување, како и значително зголемување на градската инфра и суперструктура, во вид на објекти, улици, системи на јавни комуникации и инсталации итн.

Неопходно е, сепак, посочување на оние чинители што придонесоа да се намали впечатокот за целосната успешност на реализацијата на наменските цели на проектот - Обнова и изградба на Скопје, што придонесуваат за перманентната и рапидната деградација и ентропија на градскиот организам.

Создавањето услови за намалување на позитивната насока на ентропијата на градските подсистеми е особено важно прашање, со оглед на значењето на Скопје, град во кој живее една третина од популацијата на Република Македонија и каде се лоцирани речиси половина од вкупните стопански капацитети на државата.

Треба, исто така, да се нагласи дека значителните инвестициони средства, базирани врз акумулацијата, добиена од фондовите на поранешната федерација, во вид на помош за изградба и обнова на Скопје, и императивите за што поитна реализација на овие средства, под закана за неповратно губење и големиот фронт на градежни работи што се отвори по земјотресот, придонесоа за стихијно окрупнување на македонската градежна оператива, а речиси две третини од капацитетите беа во рамките на скопските градежни претпријатија. Сето ова придонесе за зголемување на инерцијата во градежните претпријатија, во технолошкиот и организационен ресор, карактеристична на градежништвото, како особено тромава и нединамична стопанска област, со благослов на поединечни експерти за асеизмичка градба, што препорачуваа класична изведба на асеизмичките конструкции. Оваа препорака беше буквално сфатена, па и покрај големите фронтови и квантитетот на градежните работи, идеалната ситуација за развој на индустриските методи на градба и организационите унапредувања, недоволно се применуваа иновациите на техничко- технолошкиот и организацискиот прогрес во областа на градежништвото.

Важни проблеми на градот беа парцијално решавани, како на пример соодветно решавање на градскиот сообраќај, што ќе биде компатибилен на новите потреби на градот кој бргу се ширеше и нараснуваше, а принципите и начелата на просторната економија речиси воопшто не се почитуваа и вградуваа.

Успешноста на реализацијата на концепцијата на развој на еден град, како вонредно комплексен социо-економски и просторно-обликовен, ергономски систем, може да се вреднува со степенот на ефикасноста на функционирање на основните урбани подсистеми (подсистемот на домувањото, деловниот, сообраќајниот и останатите инфраструктурни подсистеми - околу десетина на број), како и со степенот на архитектонско-урбанистичките активности, достигната хуманизација, бонификација и култивизација на урбаната надградба, стилот и начинот на живот и однесување на неговите жители и степенот на нивната мотивираност за учество во демократските процеси и хуманите иницијативи и граѓанската зрелост за постигнување консензус по важни прашања за заедничкиот живот, како и создавање услови за депресирање на негативните бихејвиористички реакции во однесувањето, рафинирање на естетскиот и етичкиот сензибилитет и критериуми, во сета комплексност на овие поими.

Според авторот на овој текст постојат четири сектори-причини што генерираат негативни реперкусии во процесите на реализација на проектот - Обнова и изградба на Скопје 1963-1993 година.

1. Проекцијата на глобалните карактеристики на општествено - економскиот и политичкиот систем на сите нивоа на комплексното опкружување на проектот Обнова и изградба на Скопје (социјалистичкиот самоуправен експеримент, со сета недореченост и нерационалност на системот, сложеноста на практичната реализација и функционирање, волунтаризмот и отсуството на економска и пазарна логика, одговорноста и претераното потпирање врз странска акумулација, што резултираше со нерамномерен развој на подсистемите и нивните дивергентни цели што продолжително, генерираа разурнувачка ентропија со катастрофални последици).

2. Историскиот момент во развојот на теориската мисла на градителството, и обликот на архитектонската надградба, во раните 60-ти, во која сѐ уште, доминираше и веќе академскиот функционализам на зрелата „модерна“, со технистичкиот формализам на граници „ларпурлар“. (Изградбата и обновата на Скопје, најверојатно, ќе се одвиваше на поинаков начин ако земјотресот се случеше една до две децении подоцна).

3. Претераната и некритичката отвореност на сложениот организациски систем-проект Обнова и изградба на Скопје, беше резултат на специфичните услови во кои се одвиваше реализацијата на проектот - строгите рокови, под кои беше понудена финансиската поддршка, големите амбиции да се искористи вековната шанса за модернизација на градот и недоволното искуство и опит на младата, техничка интелигенција, исправена пред проблем за чие решавање мораше да побара помош од странски експерти. Меѓутоа, место импортот на екстерната памет да се користеше првенствено за стручен совет при подготвувањето на одлуките, на странските експерти им беше доверено најчесто и конципирањето и дефинирањето на проектните решенија, во фазата на донесување одлуки (урбанистичкиот план за централното градско подрачје и проекти за низа значајни архитектонски објекти), што во практиката се докажаа како недоволни и нецелисходни, зашто ниту еден странски експерт, сосема самостојно, од својот далечен ракурс, не може сосема успешно и продлабочено да проникне во менталитетот, психологијата, потребите и навиките на туѓата средина, за да понуди сосема задоволителни решенија за сложените проблемски ситуации, во кои спаѓаат урбанистичките планови и проекти.

Преголемата отвореност на Скопје, во Обнова и изградба, како третиран систем, понатаму имаше негативни реперкусии во повеќе домени на неговиот развој, добивајќи појавни облици како:

-Скопје , претерано отворен систем за миграции;

-Скопје, проект за кој при донесувањето одлуки за изградба кумуваа бројни надворешни фактори и чинители, финансиска и „Know-how“ поддршка итн.;

4. Нерационална и несинхронизирана реализација на проектот во фазата изведба со недоволно водење грижа за просторната економија (изградба на нови населби на слободни, приградски површини со регенеративен карактер, а оставање неизградени површини во централното градско подрачје).

Сите овие сектори-причини влијаеја за нарушување на функционирањето на овој град и неговата рапидна ентропија, па затоа, денес, се неопходни за архитектонско-урбанистичките интервенции за санација и култивизација на урбаното ткиво на градот, за враќање на неговиот изгубен идентитет и создавање нова препознатливост за обезличените стари и анемични, без акценти и интерпункција, нови делови на градот.

Такви можности се кријат во понатамошниот, поизбалансиран и контролиран растеж на градот, базиран врз современи градителски концепти, развој на целисходен, еколошки систем на градско зеленило (изградба на нов парк во југо-источната зона на градот, како и еколошка санација на најзагрозените пунктови и жаришта во градското ткиво. Од лонгитудиналниот, неконцентриран концепт на развој на градот, произлезе окупацијата на околното репродуктивно земјиште (Тафталиџе, Влае, Лисиче, Драчево и други кои некогаш беа „стомак“ на градот), усложнувањето и поскапувањето на животот на граѓаните и големите тешкотии за одржување на гломазната инфраструктура, за која стопанството на градот, и самото постојано на граница на колапс, не обезбедуваа доволно средства, затоа од економски-еколошки аспекти, се доведува во прашање правилноста на инвестиционата одлука да се градат населбите Аеродром и Ново Лисиче, наместо Скопје-Север и Визбегово, дотолку повеќе што тивко и неосетно приградските населби што требаше да бидат времени прераснаа во трајни, а градското ткиво остана со многу неизградени празни простори. Затоа, денес, Скопје прилега на град граден без концепција, со нарушена шема на градот, а нереализирана нова, сосема независна и инверзна шема, па многу стари делови на градот не можат да се препознаат заради изгубениот идентитет, а не дооформен, нов.

Попречните градски комуникации не се доволно развиени, па намерникот многу тешко ќе стигне, на пример, од Козле или Капиштец до Зајчев Рид, Влае или Ѓорче Петров. Затоа, крајно време е да се направи нешто со улицата „Илинденска“, недозволиво тесна, значајна, паралелна лонгитудинална артерија на улицата „Партизански одреди“, која нелогично и слепо завршува кај свиокот пред Злокуќани, нејзиното продолжување да се реализира во функција на развој на попречните градски комуникации и заокружување на периферниот, сообраќаен ринг.

Крајно време е да се оформи и централниот Градски плоштад - Градскиот салон во кој се пречекуваат гостите и се чествуваат значајните настани. Простран, но архитектонски и обликовно недефиниран, нелогично завршен, на левиот брег на реката дообезличен со нејасни адаптации на Камениот мост, и нагрден со оние несреќни камења, што никако да се преобразат во уметнички творби, зашто инспирацијата е интимен, а не јавен чин.

Авторот на овие редови и покрај полемиките и компромисите во врска со изградбата на хотел „Шератон“, на местото на „левата преткомора на градот“, сѐ уште смета дека посочената локација не е најсреќно решение за угостителски објект со голема програма и висина, речиси колку на соседната кула на „Електро-Скопје“ и дека подемократска солуција е изградбата на хотел од друг вид, т.н. „L hotele de ville“ или градска куќа со јавни содржини и свечен дел за венчавки, секако, дури и во склоп на концепцијата на WTC Светски трговски центар, на атрактивна локација.

Автобуската станица го окупира еколошки највредното земјиште на центарот на градот, покрај Кејот на Вардар. Нејзината дислокација, покрај Железничката станица, постојано се одложува, како што се одложува и дислокацијата на фабриката „Треска“, еден од најголемите загадувачи на централното градско подрачје.

Авторот на овие редови се заложува за изградба на градот според еколошки концепти и платформа на средината, со елиминирање на сите генератори на физичкото и духовното загадување што може да го нарушат природниот ритам и метаболизмот на микро-регионот (користење на поволните воздушни струења на воздухот од Водно спрема котлината, а намалување на негативните ефекти на „Вардарецот“.

Понатамошната изградба на станбените градски населби би требало да се реализира со помали густини на жители, бидејќи големите густини генерираат ентропија, невротично однесување и отуѓување на личноста.

Co оглед на постојните состојби на материјалната инфраструктура на градот и рапидната ентропија на поединечни негови подсистеми, неопходно е иницирање и покренување на Интегрален проект за урбана и еколошка санација и култивизација на главниот град на Република Македонија. Co оглед на крајно оскудните материјални можности на општеството, би било опортуно овој проект да се изведува во фази, чекор по чекор, според реалната проценка на состојбите на најзагрозените подрачја, и вреднување врз база на хиерархија на приоритети и објективни критериуми. Предност, секако, треба да има решавањето на најакутните проблеми на градот, што се извори на рапидната ентропија и деградација.

Извор: А, списание за култура на просторот, 4/1994.

ОкоБоли главаВицФото