Големата игра

04.03.2014 12:11
Големата игра

Франк-Валтер Штајнмаер неодамна изјави „дека Германија е преголема за да ја коментира светската политика“. Сега гледаме на што мислел. Германија не само што ја коментираше ситуацијата во Киев, туку и активно се вмеша. Резултатот е дипломатска катастрофа.

Дали Меркел и Штајнмаер се наивни или само сакаат да бидат лукави? Можеби имаа намера да им помогнат на Украинците или дури да му покажат на Путин каде му е местото? Двата плана се изјаловија. Било да има поделба или војна, Украина ќе плати висока цена за тоа што подлегна на западното искушение, во што и Германија има голема одговорност.

Frankfurter Allgemeine Zeitung пред само една недела славеше: „Министерот за надворешни работи Штајнмаер само неколку денови пред враќањето на функцијата вети дека наскоро ќе го провери својот авторитет“. Пофалбата од FAZ која се однесуваше на неодамна склучениот договор помеѓу украинската влада и опозицијата, на кој работеше и Штајнмаер, беше избрзана. Новата германска надворешна политика уште на самиот почеток се соочува со своите ограничувања. Меѓутоа, дипломатијата е моќ на перцепција, како што тоа го кажа стариот мајстор Кисинџер. Мораме да го гледаме светот и од аголот на другите. А тоа во случајов се Русите.

Што очекуваа од Русија луѓето од опкружувањето на канцеларката кога на Киев му понудија договор за стабилизација и придружување? Кога ја охрабруваа украинската опозиција да се побуни против - сепак избраниот - деспот Јанукович? Кога пучистичката влада - како што сепак мораме да ги наречеме новите господари во Киев – ја признаа без колебање?

Што мислеа Русите кога американскиот сенатор Џон МекКејн во декември на плоштадот на независноста во Киев извикна: „Украински народе! Ова е твојот миг! Слободниот свет е со вас! Америка е со вас!“ И како се чувствуваа Русите кога боксерот Кличко и гасниот олигарх Тимошенко веднаш по државниот удар добија покана на претстојниот состанок на европските народни партии?

Путин не сака да биде партнер на Западот. Тој работи на своето евроазиско големо царство. Обостраната доверба е безгранична. Со добри причини на двете страни. Но, овде почнува еден реален судир на интереси. Украина, тоа значи граница. Таа се протега меѓу Истокот и Западот, создавајќи досега непремостлив јаз во оваа земја.

Ни се допаѓа кога нашиот министер за надворешни работи нѐ уверува дека во Украина не станува збор за „геополитичка партија шах“, туку Украинците сами треба да одлучат за својата иднина. Меѓутоа, Владимир Путин не мисли во категориите на демократското самоопределување и дигиталната глобализација. Украина за него е заштитен ѕид, кој ја опкружува неговата тврдина. Затоа овде не станува збор за почеток на нова „студена војна“. Овде корените се далеку подлабоки. Ова е „големата игра“, за која зборува и Радјард Киплинг. Големата игра за превласт во централна Азија, која во XIX век ја водеа Велика Британија и Русија.

Американскиот геостратег Збигњев Бжежински во 1989 напиша дека Украина прави разлика помеѓу тоа дали Русија е „азиска империјална држава“ која се занимава со конфликтите во централна Азија или е „моќна имепријална држава, која ја опфаќа и Азија и Европа“.

Меѓународното право овде е од второстепено значење, како што тоа е случај и кога станува збор за американските напади со дронови долж границата на Пакистан или израелската окупација на западен Јорадан или кинеското произволно повлекување граница во Јужното Кинеско Море. Кога станува збор за одбрана на сопствените интереси, Русија не е единствената која е агресивна. Дури и ако Путин е „беспрекорен демократ“, што всушност никогаш не бил, не би можел да се откаже од Крим. Да се сетиме само дека токму германската принцеза, подоцна позната како Катарина II или „Велика“, и нејзиниот сакан принц Потемкин го зазедоа Крим, „од сега па засекогаш“, додека германско-балтичкиот генерал Едуард Тотлебен му се заблагодарувал на Александар II што тврдината во Севастопол една година одолева на англиските напади во текот на Кримската војна.

Можеби Запад цело време работеше на поделба на Украина на западен и источен дел. Подобро половина Украина на наша, отколку цела на руска страна? Во тој случај, германската политика е далеку помудра отколку што тоа изгледа на прв поглед. Во секој случај, светот би поминал добро доколку кризата би се завршила со отцепување на Крим.

Извор: Spiegel

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото