Што е груевизмот?

04.03.2014 12:54
Што е груевизмот?

Груевизмот е: посекотина која одбива да се претвори во лузна и постојано капе крв, садо-мазохистички клуб, идентитет сфатен како страв, перверзна верзија, малтретирање, казна, сеча, нешто што мора да дојде, провалија, владеење на најлошите, колективен комплекс на пониска вредност (освета на кецарошите, заговор на неталентираните), најниска точка на депресија (историско дно на македонската нација), конечно самоуништување (комично самоунижување), организирано злосторничко здружување, непрегледна корупција, изгубеност во простор и време, Вила Шашка, шапшаланат, апашанат, сатрапија, деспотија, демократура, наци болшевизам (слика на Ацо Станковски: Хитлер и Сталин се фиксаат во Турска чаршија), масовна хипноза и сомнамбулизам (отровен облак од лаги, пропаганда, халуцинации), специјална психолошка војна, Труман шоу, македонски Дизниленд, Потемкиново село, етно парк, Зомбиленд, таен експеримент кој испитува степен на општествена регресија, балкон (балон на вампири) на македонската раса, цицање крв, враќање кон племенското, мрак (изгаснати светла во балканската крчма), светоглед на темниот вилает, триумф на малограѓанштината (сеир, невкус, чаталење), победа на просташтвото (безразложна ароганција, насилство), варварство, брутализација на целокупното општествено поле, панаѓурска забава, гламугрозен спектаклук, лигава насмевка (налик на скрама што се формира врз површината на супа), сварено лице, нешто ретко одвратно, слика на Медуза во огледало, збудален бич (ноторен политички кич), инкубатор за дебили (топла материца за инкубација на политичкото и на културното ѓубре), колективна ретардација, расцепен ген којшто хендикепира, пресадено свинско срце што неправилно удира, кожен трансплантат кој се кине и станува септичен, стаорска чума, мелодија на предводникот на стаорците, жед на смртно отруено куче, напад на јато скакулци, бумбар-гомнотркалач кој се обидува да изебе џамлија, Франкенштајново чудовиште, камче во чевел, порозен силикон, прекривка од вулканска пепел, копање бетонски блок со пластична лажица, рѓосана железна рака што излетува од кутијата како кловновска тупаница, погрешно закопчани копчиња на кошула, лудачка кошула, џуџе со сенка на џин, сон на еден човек кој станува сад исполнет со агонија на толпата, доаѓање до нормалноста преку полудување, гомно во таков степен на напрегнатост што мисли дека е срце, мало недоебено гомно, муда лабудова, пластични лебеди и лавови, фасадна слика на поредокот („ждановистичка стварност“, „егземпларна лага“, „свет-одливок“ - стварност настаната во леарница за споменици), идеологија на „вдахновен водач“ (мешавина од месечарство, хипноза, вртоглавица и екстаза - лик во кој се вкрстуваат митологијата и психологијата на толпата; „резонатор на колективната душа на нацијата“), престабилирана дисхармонија, загуба на реалноста, тотално уметничко дело (gesamtkunstwerk), гран гињол (голема кукла - изразот се користи како термин за хорори од сите области), кучиња без село, мајтап, курташак (курчење), пипиревка, долга магарица, танц на деспотот и неговата сенка по беспатици, врколак гнасен, костурчиња разумокркачи - костурчиња утроболокачи - костурчиња цицалчиња...

Еднаш ги најде темно настрвен метал

мртов дел да се негде или злоглужда гламна

на некаков лажен барок мундирска еполета

и само сенка срамна.

(Славко Јаневски, од Астропеусовото
евангелие, Астропеус)

Слика: Ацо Станковски

Слични содржини

Јавни Простори / Став

ОкоБоли главаВицФото