1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 13:59
Соочени со една од најсериозните безбедносни кризи во Европа во последните две децении, анексијата на Крим од страна на Русија, многумина набљудувачи на состојбите и политичари реагираа со неверување и шок - зошто Москва го прекрши суверенитетот и окупира дел од територијата на Украина?
Сигурно не поради честа на дискредитираниот и прогонет Виктор Јанукович, кој избега во Русија од долгата рака на правдата на гневниот украински народ, врз кого неговата полиција пукаше и уби стотина во текот на два дена. Ниту пак поради „загрозеното руско население на Крим и екстремизмот и фашизмот на Киев“, како што овде говори официјалната пропаганда.
Впрочем, досега таму се нема случено никаков посериозен инцидент и војската што се истовари на полуостровот нема испукано ниеден куршум. Со исклучок на две-три шок гранати исфрлени пред административната зграда во Симферопол, кога малубројната татарска заедница протестираше против именување на промосковско раководство на Крим. Украинските војници во неколку бази остануваат смирени и на готовс пред вооружените сили на руската армија што ги имаат опколено.
Значи, во што е тогаш работата? Зошто рускиот претседател Владимир Путин, нарушувајќи низа меѓународни договори и закони, побара од Думата користење на воена сила за напад на Украина?
Традиционалното мислење за одликите на постсоветските режими досега беше дека нивните елити постојат само заради лично збогатување и дека тие не застапуваат некаква идеологија. Сепак, окупацијата на Крим ги урива предрасудите и открива дека руската политичка елита применува 19-вековни идеи во услови на глобализиран, меѓузависен и вмрежен свет на 21-от век. Со воената интервенција во Украина, Путин покажа дека води една анахрона и за Русија погубна политика.
Сите овие идеи се обработени од руски автори, филозофи и историчари од плодниот интелектуален бран при крај на 19-от и почеток на 20-от век, наречен и Сребрен век на руската култура и уметност. Од извори во Кремљ се дознава дека избор на четиво на Путин и неговите најблиски соработници се делата на национал-романтичарските и конзервативни автори како историчарите и филозофите Николај Бердјаев, Владимир Соловјов и Иван Иљин.
Конзервативизмот на руската политичка елита пред сѐ е во доменот на национализмот, и сите овие автори се занимаваат со руско-славјанскиот свет и канонското православие, пишуваат за исклучителноста на руската душа и нејзината мистика, како и за евроазиската наспроти европската иднина на Русија.
Во текот на своето владеење Путин прифати и потоа се приспособи на една амбициозна агенда водена од идејата за руската посебност (ексепционализам). Тоа е една атавистичка идеологија за руската древност и исклучителноста на руската култура која што потекнува од славјанофилското учење од 19 век. Славјанофилите верувале во мистиката на руската душа и во тоа дека Русија судбински припаѓа на Евроазија а не на Запад или Европа.
Николај Данилевски, уште еден автор од истата интелектуална школа кој е застапен во библиотеката на Кремљ, вели: „нам Европа не само што ни е нешто туѓо, туку и непријателско, не само што нејзините интереси не можат да бидат наши интереси, туку, во најголема мера, тие се директно спротивставени.“
Искрено кажано, конзервативниот систем на вредности како таков во руското општество е во зачеток. Доколку конзервативизам значи традиционално семејство и стабилност, руските политички лидери даваат сосема погрешен пример. Во последно време многумина од нив, како поранешниот спикер во горниот дом на Думата и депутат, Сергеј Миронов, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, па и самиот Путин, ги раскинаа децениските бракови и влегуваат во љубовни врски и бракови со дваесеттина години од нив помлади жени. Таквото однесување, всушност, е стил на живот достоен за либерална Европа. Така што, во овој поглед руската елита противречи на јавно искажаниот дискурс.
За Путин, Украина отсекогаш била дел од руската сфера на влијание. Создавањето на бесцарински сојуз или Евроазиска унија, како пандан на Европската унија, би било бесмислено без вклучувањето на оваа земја во тој наднационален ентитет. За ова се има сложено и таков авторитет како Збигњев Бжезински. Ако се исклучат балтичките земји, кои културно никогаш не гравитирале кон руската орбита, Белорусија, Украина, Кавказ и централна Азија, предводена од Казахстан, секогаш биле неоткинлив дел од империјата.
Официјалните податоци говорат дека 17-20 отсто од населението во Украина се Руси, но речиси сите Украинци, или околу 90 отсто, го зборуваат и разбираат рускиот јазик. За официјалната политика на Москва, Русите по род, или Рускии, се еднакви со Росијани - народите како Украинци, Татари, Чеченци, Козаци, Ерменци, па и руските Евреи. Сите тие се Росијани бидејќи ја прифатиле големата култура и јазикот и припаѓаат на руската културна сфера.
Оттука, разбирливо е настојувањето на Путин да ја регулира кризата во Украина во полза на Москва. Без разлика како таа ќе се разреши, Крим сигурно останува дел од руската орбита бидејќи полуостровот има тесни историски и културни врски со Русија. Не само заради тоа што мнозинство од двомилионското население (околу 60 отсто) се Руси, или поради тоа што таму е стационирана црноморската флота, или пак, поради познатото клише дека дојде време „подарокот“ на Хрушчов за Украинците да биде вратен.
За време на револуцијата полуостровот Крим бил прибежиште на белогардејците, и еден од трите масовни бегалски бранови што се одвивале за време на петгодишната граѓанска војна 1917-1922, поминувал преку Крим. Всушност и неколкумина од горенаведените автори под чие влијание е Путин, како Иљин, на пример, се претставници на белата емиграција.
Рускиот лидер не само што има замисла да ги обедини, собрат, разделените руски земји (по теркот на обединувањето на Германија под Третиот Рајх), туку тој е и духовен исцелител на раздвоеното руско национално ткиво и распрснатата дијаспора. Во текот на речиси целото постоење на Советскиот Сојуз од 1922 до 1991, болшевиците прогонија или истребија милиони луѓе, меѓу кои стотици илјади интелектуалци, автори, писатели и уметници, нарекувајќи ги контрареволуционерни или дегенаритивни елементи.
Со подемот на болшевиците, новата советска власт раскина со традицијата на империјална Русија и нејзиниот православен свет, ја укина религијата како „опиум на народот“ и го отфрли национализмот како „буржоаска реакција“.
Иако Путин професионално потекнува од службите на советските безбедносни органи (КГБ), неговите дејствија се сушта спротивност на советските принципи: тој е голем националист, го слави империјалното минато на Русија и во него ја гледа иднината на земјата, но е и верен поданик на Руската православна црква. Впрочем, црквата ја подржа окупацијата на Крим и им порача на Украинците „да не пружаат отпор на руските миротворци. Рускиот народ е разделена нација на својата историска територија, која има право да се присоедини во едно државно тело“, соопшти РПЦ по повод навлегувањето на руската војска во Украина минатата недела.
Путиновата често цитирана изјава „колапсот на Советскиот Сојуз е најголемата геополитичка катастрофа на 20-от век“ не означува, како што многумина сметаат, носталгија по комунизмот, туку упатува на ослабената и пропадната држава од 1990-тите години, што Путин си постави задача да ја возобнови.
Изнемоштената и банкротирана земја на Борис Елцин, неговиот наследник ја претвори во нова, силна и поголема, но авторитарна држава. Русија, великаја дјержава, на која Западот ќе гледа со восхит и трепет. Путин се обидува да ги собере во купче сите руски земји и да направи немилосрден воен, економски и геополитички соперник на либералните и „декадентни“ општества на Европа и САД.
Во својата книга „Судир на цивилизациите“, Семјуел Хантингтон посочува дека откако Запад ќе ја наметне политиката на универзализам (глобализација) и ќе се случи последователно ослабување на западната цивилизација, незападните општества сѐ посилно ќе ја осознаваат својата самобитност и ќе го развиваат својот културен идентитет, што неизбежно ќе доведе до конфликт за контрола на светската арена.
За разлика од краткотрајната војна со Грузија и инсталирањето на промосковските раководства на Абхазија и Јужна Осетија во 2008, овојпат ставките кај двете страни се многу повисоки. Дали ова е навистина почеток на Хантингтоновскиот судир на цивилизации?
Борис Камчев е македонски новинар и писател од Санкт Петербург. Неговата книга Русија на Путин: Записи од опачината на светот, неодамна излезе во издание на Темплум