Иницијатива во Франција: со велосипед на работа, државата плаќа!

05.03.2014 12:00
Иницијатива во Франција: со велосипед на работа, државата плаќа!

Француското министерство за сообраќај планира низа мерки за да го поттикне користењето велосипед, особено за одење на работа, а тоа можеби ќе биде и платено.

Министерот за сообраќај на Франција Фредерик Куливие денес треба да го најави започнувањето на експерименталната фаза со неколку претпријатија за поддршка на вработените кои доаѓаат на работа со велосипед.

Крилатицата „метро, работа, кревет“ наскоро ќе биде заменета со „велосипед, работа кревет“, со оглед на тоа дека Куливие ќе го изнесе националниот план кој го фаворизира возењето велосипед, особено од дома до работа.

Една компанија од Стразбур веќе ја прифати таквата иницијатива и на вработените им обезбеди бесплатни гаражни места за велосипеди, кациги, штитници, алат за поправка како и кабини за туширање.

Колку ќе им се плаќа на вработените за секој поминат километар до работа со велосипед допрва треба да се утврди.

Во Белгија таквата иницијатива е прифатена во 1997 и еден поминат километар со велосипед во просек се плаќа 21 цент.

Врз основа на тој ценовник, имајќи предвид дека два милиони велосипедисти поминуваат по пет километри дневно во Франција, таквата мерка би ја чинела француската држава 20 милиони евра.

Извор: Figaro