Мегаломански кич и одраз на комплекс на помала вредност

05.03.2014 14:53
Мегаломански кич и одраз на комплекс на помала вредност

Проектот Скопје 2014 е мегаломански кич и одраз на комплекс на помала вредност и фрустрација. Не само што генерално не одговара наменски и функционално, туку под знак прашалник се ставени речиси сите професионални аспекти: димензионирање, инфраструктурно поврзување, вклопување во опкружувањето (зашто не станува збор за градење на празна ливада, туку за вклопување во веќе со векови оформено урбано милје), а да не зборуваме за стилската (не)прикладност и економската (не)оправданост.

Главната идеолошка поента - „јакнење на националниот идентитет“ преку проектот Скопје 2014 ја сметам за неприкладна и дури за навредлива. Јас не се чувствувам национално неидентификувана и не ми се потребни барокни и неокласицистички елементи наоколу, ниту скулптури на речиси сите историски личности, за да ми го зајакнат националниот идентитет. Би била среќна доколку протагонистите на проектот би ги почитувале традиционалните вредности на македонските градители кои секогаш обезбедувале: достапност, осончаност/проветреност и визура на објектите, како минимум стандарди при градењето. Во овој проект, ни тоа не е обезбедено. А би била уште посреќна со објекти во современа изразна форма, кои би го одразувале слободниот дух на македонскиот народ, неговата креативност, автентичност и оригиналност, со кои би покажале дека сме дел од современите и глобалните движења. Очајно ни е потребен современ македонски позитивен херој!

Што се однесува до скулптурите, сметам дека нивното поставување треба да биде одраз на одредени состојби во општеството… или одреден повод… или сеќавање, но сметам дека никој не може да преземе улога на коректор на досега направеното или ненаправеното. На крајот, спомениците во градовите и урбаната орнаментика треба да бидат отворена книга од која ќе се прочитаат автентичните историски и културолошки вредности на нацијата. Нашава книга, како што стојат работите, ќе испадне препишана шунд литература и нема да биде одраз на нашите вистински историски и културолошки вредности. Во Берлин, на пример, свое место имаат и скулптурата на Маркс и Енгелс, и скулптурата на нацистичкиот орел, и неокласицистичката (ама автентична) урбана орнаментика на Шинкел. Но, тоа е нивната историја, тоа се симболи на луѓе, настани и стилови кои имале своевремено најголемо влијание врз општеството, без оглед добро или лошо, тие не се срамат да ги покажат состојбите какви што биле. Не ми е баш јасно какво влијание има „шмизлата“ врз нашето општество за да има така почесно место во централното градско подрачје.

Не се согласувам со тврдењето дека вака изграденото градско подрачје на Скопје ќе биде каква било туристичка атракција. Зошто некој од каде било би дошол токму во Скопје да гледа барокна и неокласицистичка архитектура? Ниту пак објектите на левата страна на Вардар ќе допринесат за заживување на центарот, од проста причина што се административни и ќе бидат затворени после 17 часот. Освен ако УЈП не направи 24-часовен tax free ресторан во состав на предвидените објекти. Тоа може да биде мотивирачки…

(...)

Се надевам дека сите силни јавни полемики во врска со ова прашање барем малку ќе придонесат за активирање на доблесни реакции кај протагонистите на проектот – професионална самокритичност, преиспитување на ставовите и насочување кон иднината.

Едно е јасно – оној што постојано се навраќа на минатото, ја пропушта сегашноста, а и поголемиот дел од иднината.

Авторката е дипломиран инженер архитект

Извор: Порта 3, 15 мај 2010
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото